Македонија
Почнува со работа Деловно-технолошкиот акцелератор УКИМ
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска присуствуваше и се обрати на отворањето на Деловно-технолошкиот акцелератор за млади претприемачи и иноватори во рамките на Научнотехнолошкиот парк, сместен во кампусот на техничките факултети во Скопје.
На настанот, што го модерира директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, се обратија и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, која е Скопје во рамките во својат работна посета на регионот на Западен Балкан.

„Очекувам и не се сомневам дека Научнотехнолошкиот парк ќе прерасне во место каде што граѓаните ќе развиваат нови вештини, ќе се раѓаат нови идеи, ќе се креираат важни иновации и изуми, некои млади луѓе тука ќе почнат и нови стартап-бизниси, кусо кажано, ќе се трасира патот на нашиот развој – патот кон напредокот и дигиталната револуција“, истакна премиерот Заев.
Тој ја поздрави еврокомесарката Габриел заблагодарувајќи се за нејзиното присуство на настанот, кое го оцени како важно во напорите за обезбедување сигурна економска иднина за сите граѓани во земјата, која ја исполнува дигиталната интеграција како дел од патот за интеграција во Европската Унија.

„Ми претставува огромно задоволство што ја посетувам вашата земја да поразговараме за напредокот во спроведувањето на дигиталната агенда за Западен Балкан и да оцениме заедно со министрите од шесте земји на Западен Балкан како да ја забрзаме работата за да имаме конкретни резултати за нашите граѓани. Јас верувам дека регионот може да стане успешна приказна во областа на дигитализација во Европа“, изјави комесарката Габриел.
И министерот Манчевски, кој го води Министерството кое соработува во реализацијата на проектот на Технолошкиот парк, повтори дека дигиталната трансформација е високо на агендата на Владата, вклучително и на агендата на Европската Унија.
„Ние од Северна Македонија, но и сите држави од регионот, мораме да го искористиме овој поволен период за да го подобриме квалитетот на живот на сите наши граѓани. Но, моторот на дигиталната трансформација не е ниту Владата ниту институциите. Тоа се ИКТ (информациски и комуникациски технологии) компаниите“, истакна министерот Манчевски додавајќи дека иднината е во создавање силен приватен сектор, силни компании, кои заедно со институциите ќе работат на ова поле.

Директорот Деспотовски, на настанот, на кој беше претставена и видеопрезентација на Технолошкиот парк, истакна дека еден од трите столба на паркот е Деловно-технолошкиот акцеларатор УКИМ за чии активности Владата во соработка со Светската банка обезбеди половина милион евра инвестиции.
„Во инвестициската фаза се планираат почетни инвестиции до 25.000 евра од компанија и до 75.000 евра во втората инвестициска фаза за стартапите со потенцијал за брз раст“, рече Деспотовски додавајќи дека се планираат од 7 до 12 инвестиции во првата и од две до пет инвестиции во втората фаза, проект што во сите фази ќе чини 80 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

