Македонија
СДСМ до ВМРО-ДПМНЕ: Ако сте загрижени, повлечете ги роднините што вие ги вработивте
Владејачкиот СДСМ вели дека ВМРО-ДПМНЕ донела пандемија на непотизам и прашува дали Мицкоски ќе даде отказ од Машинскиот факултет затоа што бил асистент кај својот татко.
Реагирајќи по прес-конференцијата на опозицијата, СДСМ возвраќа дека пандемија на непотизам било 11п-годишното криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ кога државните институции биле претворени во партиски агенции за вработување роднини, пријатели и сопартијци.
Владејачката партија порача – ако ВМРО-ДПМНЕ е навистина загрижена за јавната администрација, да побара од своите сопартијци да ги повлечат своите роднини од позициите што им ги обезбедила за време на 11-годишното владеење.
„ВМРО-ДПМНЕ е симбол на непотизам, а меѓу илјадниците примери, најкарактеристичен е примерот на Христијан Мицкоски, кој од многубројни професори на Машинскиот факултет, станал асистент кај сопствениот татко, со кого и заедно пишувале книги и учебници. Привилегии, партизација, непотизам, не се и нема да бидат вредност на СДСМ Почната е постапка на анализа на вработувања на лица блиски до функционери, почната е и истрага од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата“, наведе СДСМ во реакцијата.
Во меѓувреме, додава СДСМ, веќе се преземени морални чекори, имаше неколку повлекувања од работни позиции поради морални причини, без разлика што процесот на вработување бил транспарентен и законски, а лицата целосно ги исполнувале критериумите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Единствена Македонија ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори
Членот на Извршниот комитет на Единствена Македонија, Вилијам Михајловски, на денешната прес-конференција најави дека партијата ќе ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори, што ќе се одржат во недела, на 2 ноември.
„Со големо задоволство соопштувам дека Единствена Македонија одлучи во недела, во вториот круг, да ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ. А што може да се очекува од една национална и патриотска партија како што е Единствена Македонија, која секогаш е на првата линија во одбрана на македонските национални интереси“, изјави Михајловски.
Тој истакна дека оваа одлука доаѓа по, како што рече, целосна медиумска блокада и исклучување на нивната партија од државното финансирање во првиот круг, но и дека Единствена Македонија не може да стои на страна во моментите кога, според него, се решава иднината на државата. Потсети дека партијата настапила самостојно со 29 кандидатски листи, но резултатот во првиот круг не бил на нивото што го посакувале.
Во обраќањето, Михајловски се повика на потребата од национално помирување и обединување, нагласувајќи дека изборите не се борба за поединци и партии, туку за државата.
Македонија
Почна поставувањето семафори на крстосницата кај „Васко Карангелевски“ во Аеродром
Денес екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје започнаа со градежните активности од првата фаза за поставување на светлосна сигнализација на крстосницата од улиците „Васко Карангелевски“ и „Ангел Димовски“ во населбата Аеродром.
„Работните активности се изведуваат по налог на Град Скопје, односно согласно основен сообраќаен проект за воведување на светлосни сигнали на оваа крстосница донесен од Град Скопје и според долгоочекуваната согласност од Министерството за внатрешни работи“, велат од „Улици и патишта“.
Во оваа фаза се врши рачен и машински ископ на земјан материјал за поставување темели на семафорски столбови и ископи за спроведување на електричната инсталација. По завршувањето на градежните работи, ќе следува монтажа на семафорската опрема и сигнализација.
Со поставувањето на новата семафоризирана крстосница, ќе се подобри проточноста на сообраќајот и значително ќе се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот во овој дел од градот.
Македонија
Три нови битолски училишта ќе добијат фотоволтаици до крајот на учебната година
Општина Битола до крајот на учебната година ќе постави фотоволтаични системи на уште три згради на основните училишта во градот. Со оваа мерка, локалната самоуправа продолжува со активностите за зголемување на енергетската ефикасност и користење на обновливи извори на енергија во образовните установи.
Во текот на овие денови се вршат теренски проверки на состојбата на покривите на училиштата, како и проценка на можностите за најсоодветна позиција за поставување на соларните панели.
По завршувањето на анализите и објавувањето на тендерските постапки ќе следува и реализацијата, односно поставувањето на новите фотоволтаични соларни централи за производство на електрична енергија во три нови битолски училишта.
Со воведувањето на фотоволтаиците се очекува училиштата да остварат значителни заштеди во трошоците за електрична енергија и да придонесат кон намалување на јаглеродните емисии во општината.
Во моментов, на 10 објекти на основни и средни училишта во Општина Битола се поставени сончеви панели. Кон крајот на 2023 година, на објектот на училиштето и градинката во населбата Долно Оризари беше поставена првата фотоволтаична електрична централа во училиштата, по што во 2024 година беа поставени уште девет — три на средни и шест на основни училишта.

