Црна хроника
Пријава за ексдиректор на средно училиште, си делел додатоци на платата
Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кратово поднесе кривична пријава против Т.Ј. (50) од Кратово поради несовесно работење во службата. Во периодот од септември 2012 до септември 2017 тој како директор на средното општинско училиште „Митко Пенџуклиски“ во Кратово не побарал согласност од Општина Кратово, односно не извршил усогласување со законските прописи, на правилникот за исплата на плати на вработени и надоместок на ангажирани лица и наставници во ученичкиот дом.
Исто така, не постапил по наодите и дадените препораки од ревизорскиот извештај, со што овозможил за себе исплата на посебен додаток на месечна плата во зголемен износ од 25 отсто. Во истиот период тој на овој начин овозможил за педагогот исплата на посебен додаток на месечна плата во зголемен износ од 10 отсто, а на благајникот во зголемен износ од 15 отсто, со што тие стекнале противправна имотна корист од 1.077.482 денара на штета на буџетот на РСМ, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Српски државјанин осомничен за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици кај Валандово
Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.
На 19 ноември рано утрото, осомничениот управувал товарно возило „мерцедес“, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија.
Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди.
„Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи во предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, бидејќи се работи за кривично дело со смртни последици и повеќе повредени лица, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Во меѓувреме се преземаат дејствија и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти“, се истакнува во информацијата од обвинителството.
Црна хроника
Управителка на фирма во Кичево, наместо покрив, доградила дополнителен кат и потпокрив
Полицијата во Кичево поднесе кривична пријава против 57-годишната Р.О. од селото Длапкин Дол и против фирма со седиште во истото село, поради сомнение за бесправно градење, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата заведена во полицискиот билтен, Р.О., како управител и инвеститор, при изградба на станбена зграда во населбата „Касарна Блок 1“ во Кичево постапила спротивно на одобрението за градење издадено од општината. Наместо покрив над петтиот кат, таа неовластено изградила уште еден кат и поткровје, што не било предвидено во проектот.
Црна хроника
Четворица скопјани пријавени за разбојништво – со сила и закана одзеле 188.600 денари и телефон
Полицијата поднесе кривична пријава против четири лица од Скопје – Б.Р. (25), Р.М. (49), Ш.М. (49) и В.Т. (27) – поради сомнение дека извршиле разбојништво, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, инцидентот се случил на 30 октомври 2025 година во Скопје, кога осомничените со употреба на физичка сила и закана со огнено оружје му одзеле на едно лице 188.600 денари и мобилен телефон.

