Македонија
Заев-Бејли: Поддршката од САД беше од огромна важност за членството на земјата во НАТО

Премиерот Зоран Заев го прими во проштална посета амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли.
„Премиерот Заев на средбата ја изрази неговата лична, благодарноста на Владата на РСМ и на граѓаните на нашата земја за активниот придонес на амбасадорот Бејли за време на неговиот мандат, во еден исклучително значаен период кога поддршката на САД, како стратешки партнер на Република Северна Македонија, беше од огромна важност во процесите за нашето членство во ЕУ и НАТО“, соопштија од Владата.
Амбасадорот Бејли истакнал дека му е особено драго што за време на неговиот мандат Македонија го решила спорот со Грција.
Заев на Бејли му подарил фотографија со посвета од една од нивните бројни меѓусебни средби во знак на, како што велат од Владата, сеќавање за извонредната соработка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа во која загинаа три лица

Извршен е увид на местото на сообраќајната несреќа што синоќа се случи на патот Кичево – Гостивар во која загинаа три лица, а осум беа повредени.
Државното јавно обвинителство утринава соопшти дека од местото на несреќата подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење, а телата на починатите се дадени на обдукција и дадена е наредба за испитување на евентуално присуство на алхокол или други супстанции кај повредените.
– По насоки на јавниот обвинител продолжуваат да се преземаат и други дејствија, информираат од Јавното обвинителство.
Македонија
Со протестен марш на семејствата, ќе се бара правда за настраданите во пожарот во Кочани

Во Кочани за денеска во 12:05 часот е најавен нов протестен марш на семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Ова е трет протестен марш што го одржуваат семејствата на настраданите по последниот одржан на 12 април.
Протестниот марш ќе започне од Градскиот парк во Кочани и ќе продолжи кон Општината и Министерството за внатрешни работи.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март загинаа 62 лица од кои тројца за време на лекувањето во странство, а 193 беа повредени. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер. Со истрагата се опфатени над 60 физички и три правни лица.
Македонија
Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Ваквото поклопување не се случува често, бидејќи источната и западната црква користат различни календари (јулијански и грегоријански), но годинава датумите се совпаѓаат.
Двата најважни празници во христијанството се Божиќ и Велигден, денот на раѓањето и денот на воскресението на Исус Христос. Датумот на Божиќ е утврден – тоа е 25 декември, и во јулијанскиот и во грегоријанскиот календар.
Велигден, пак, секоја година паѓа на различен датум, што многумина збунува. Иако секогаш се слави во недела, правилата за одредување на датумот на овој празник не се едноставни – тие вклучуваат астрономија, математика и вековна црковна традиција.
По годинашното совпаѓање, догодина православната и римокатоличката црква, повторно различно ќе го слават Велигден. Православните верници Воскресението Христово во 2026 година ќе го одбележат на 12 април, а католичките една недела порано на 5 април.
Последното славење на Велигден на ист ден беше во 2017 година, а следното ќе биде на 16 април 2028.