Македонија
Царовска во Љубљана: Со социјалната реформа ги извлекуваме семејствата од долготрајна сиромаштија

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, присуствува на регионална конференција во Љубљана, на која говореше на панел-дискусија посветена на структурните реформи за конкурентни пазарни економии.
Таа во своето обраќање ја истакна важноста на социјалната реформа, која е во собраниска процедура и со која се извлекуваат семејствата од долгорочна сиромаштија. Со оваа реформа се предвидени инвестиции во предучишното образование, во капиталната инфраструктура и во подобрување на квалитетот на услугата. Се подобруваат и мерките на пазарот на труд преку поактивен концепт за вработливост, посебно на младите лица.
„Во последната една и пол година работевме напорно да ја направиме социјалната реформа. Од една страна, оваа реформа целосно го менува начинот на кој се грижиме за ранливите групи граѓани и значително ја зголемува финансиската помош што ја добиваат. Од друга, новиот систем овозможува поддршка, обуки и советување за да може секој човек да почне да работи. Овој пристап ќе им помогне на луѓето трајно да излезат од сиромаштија, но истовремено ќе ја зголеми работната сила во земјата“, рече Царовска.
Министерката потенцира дека на овој начин реформата не само што ќе има позитивен ефект врз ранливите групи граѓани туку и врз економијата и пазарот на труд. Заедно со другите мерки, како што се програмите за младинско вработување, зголемувањето на минималната плата и многуте позитивни реформи наменети за маргинализираните групи граѓани, се создава праведно општество, кое вистински се грижи за сите.
„Ова е многу важно за мене како министерка и за нас како Влада. Цврсто сме решени да помогнеме за секое дете да има еднаква шанса да успее во животот и секој човек да излезе од сиромаштија. Ова е моја цел и мотивација во работата“, рече Царовска.
Настанот „Кон подобрување на структурните реформи и фискалните рамки“ е во орагнизација на ЦЕФ, Љубљана, и е дел од промоцијата на претстојниот регионален проект „Зајакнување на капацитетите на министерствата за процена на фискалните импликации на структурните реформи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите дека се правеле непотребни операции за профит

Министерството за здравство најави итни и вонредни надзори во приватните болници по информациите што излегоа во јавноста дека се правеле операции за профит.
„Врз основа на информациите што се споделени во јавноста, Министерството за здравство веќе се координира за проверка на тврдењата, како и спроведување итни и вонредни надзори со цел добивање на целосната слика. Дополнително, министерот Азир Алиу веќе најави дека комплетната дигитализација на здравствениот сектор ја опфаќа и двонасочната размена на информациите меѓу јавните и приватните здравствени установи преку системот ‘Мој термин’, само тогаш ќе имаме јасна слика и за евентуалните злоупотреби на системот и на финансиските средства“, велат од Министерството откога во јавноста се појавија сериозни тврдења за можни непотребни медицински интервенции.
Од Министерството велат дека во здравството постојат јасно утврдени професионални стандарди, протоколи и законски постапки, како и компетентни тела надлежни за нивна примена и почитувањето на професионалниот интегритет на здравствените работници е задолжително, исто како и почитта кон правата на пациентите.
„Одлуките за лекување се темелат на клинички индикации, но и на право на второ стручно мислење. Пациентите треба да се чувствуваат охрабрено да поставуваат прашања, да бараат појаснувања и доколку имаат дилема, да побараат второ мислење – тоа е дел од добрата медицинска практика“, велат од Министерството.
Од таму истакнуваат дека здравствениот систем се заснова на доверба и затоа секоја јавна комуникација треба да биде одмерена и заснована на проверливи информации, без шпекулации и без изденачување на поединечни случаи со целиот систем.
„Секако дека секој има право на свое мислење, а особено ако тоа е поткрепено со аргументирани факти, но исто така сметаме дека потребно е да се избегнуваат изјави што водат до генерализации и сензационализам“, велат од Министерството.
Ваквата реакција од Здравство доаѓа откога неколку медиуми пренесоа изјава на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни хируршки интервенции врз пациенти, чија цел е профитот.
Фото: ЕПА
Македонија
Утре, сончево и топло време со мала локална облачност

Времето утре ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 19, а максималната ќе достигне од 30 до 37 степени, информира УХМР.
Во Скопје сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 36 степени.
В петок и в сабота во западните и во северните делови ќе има услови за повремен локален дожд и појава на ретки грмежи. В петок ќе дува засилен, повремено силен ветер од западен и југозападен правец.
За време на викендот ветерот ќе го смени правецот во северен со умерен, по должината на Повардарието повремено засилен интензитет, а температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
ДОМ: Новиот нацрт-закон за Рударство е директна закана за здравјето на луѓето

Зелената партија ДОМ категорично го отфрла новиот нацрт-закон за Рударство предложен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Наместо да поставува линии за стратешки развој, според ДОМ, овој закон е директна закана за животната средина, здравјето на граѓаните и демократските принципи на одлучување.
ДОМ цени дека ова законско решение силно ја централизира моќта во Владата, дозволувајќи ѝ да прогласува минерали за „стратешки“ без јавна дебата и учество на граѓаните и граѓанките.
„Спорна е и можноста за дозволување на концесии до 60 години, како и овозможување на експропријација на приватно земјиште, што ќе претставува правна основа за удар врз имотните права. Со предложените одредби ќе се врши и привилегирање на државни и странски компании, без спроведување на јавен повик. Особено загрижува воведување на можност за користење на опасни технологии во постојните рудници, како и признавањето на загадување, но не и понуда на механизми за превенција. ДОМ оценува дека моделот на „управување со ризик“, не преставува правен механизам за заштита на животната средина и здравјето на граѓаните и граѓанките“, велат од ДОМ.
Според партијата, ова законско решение не е во јавен интерес, туку истото е насочено и дизајнирано за задоволување на корпоративни структури и финансиски интереси, притоа создавајќи остри ризици за здравјето на идните генерации, распродавајќи ја земјата и претворајќи го природното богатство во профит за малкумина.
ДОМ порачува дека Македонија не е ничија лична сопственост и апелира до граѓаните и граѓанките активно да се вклучат во јавната расправа за која преостануваат уште девет дена.