Македонија
Кривичен: Собранието го оневозможи судот да одлучува за притвор на пратениците
Собранието на Република Северна Македонија до Основниот суд Скопје 1 – Скопје во текот на вчерашниот ден достави известување дека не донел одлука за одземање на имунитетот на двајцата пратеници за кои ЈО достави предлози за определување мерка притвор поради пробиен рок за одлучување, информираат од кривичниот суд и додаваат дека известувањето од страна на надлежниот судија на претходна постапка во текот на денешниот ден ќе го достават до Обвинителството.
„Имајќи го предвид известувањето и одредбите од ЗКП, судот не може да постапува по предлогот за определување на мерката притвор, без претходно позитивно произнесување на Собранието во однос на имунитетот. Во врска со наводите на претседателот на Собранието дека судот ќе биде одговорен за евентуално бегство на осомничените и дека судот треба да обезбеди присуство на сите осомничени и обвинети во постапката, ѝ појаснуваме на јавноста дека во нашата држава се применува акузаторен систем на кривично гонење според кој Обвинителството е овластен предлагач на мерките за обезбедување присуство, а судот одлучува доколку за тоа се создадени услови, што за овој случај услов би бил одземен имунитет“, соопштија од судот.
Од судот потенцираа дека првпат Собранието, кое е надлежно да одлучува за имунитетот во законски утврден рок, не донесе одлуки и со тоа го оневозможиле судот да одлучува за мерката притвор на пратениците.
„Неприфатливи се изјавите дека судот ќе биде одговорен за одолжување на постапката дотолку повеќе што судот не може своеволно и спротивно на законот да определува какви било мерки за обезбедување доколку за тоа не се создадени услови. Доколку Обвинителството поднесе нов предлог поради нови или изменети околности, судот веднаш ќе се обрати до Собранието и доколку навреме се добие одлука од Собранието, веднаш ќе постапи“, известија од кривичниот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

