Македонија
Заев-Илјас: Заедничкиот кандидат за претседател е важен за иднината на државата

Заеднички претседателски кандидат, којшто ќе ја обедини цела држава и граѓаните, независно од националната или верската припадност, беше тема на разговор на денешната средба што ја имаше претседателот на СДСМ, Зоран Заев, со претседателот на Демократската партија на Турците во Македонија, Бејџан Илјас.
На состанокот присуствуваа и Александар Кирацовски, генерален секретар на СДСМ, и Миле Зечевиќ, организациски секретар на партијата, како и пратеникот од ДПТ Јусуф Хасани и партискиот генерален секретар Енвер Хусеин.
Претседателите на двете партии констатираа дека има заемна желба за заеднички настап и се согласија дека за иднината на Република Северна Македонија е од исклучително значење да се дојде до заеднички кандидат за претседателските избори, кој ќе промовира единство, рамноправност и стабилност на земјата.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, нагласи дека партиските консултации околу обезбедување поддршка на заеднички претседателски кандидат веќе привршуваат и се одвиваат во позитивна насока. Тој изрази задоволство од подготвеноста на партиите и во рамките на Коалицијата што ја предводи СДСМ, но и од останатите партии да се обединат околу еден заеднички претседателски кандидат.
Претседателот на ДПТМ, Бејџан Илјас, изрази уверување дека СДСМ преку внатрепартиските разговори, но и преку преговорите со останатите парламентарни и вонпарламентарни партии ќе дојде до најдобриот кандидат за претседателските избори. Тој најави дека ДПТМ активно ќе се вклучи во предизборната кампања, особено за промоција на претседателскиот кандидат кај припадниците на турската етничка заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се излеа Маркова Река кај Батинци

Маркова Река се излеа денес по обилните врнежи од дожд.
Во селото Батинци, водата е надојдена, излевајќи се на неколку места околу речното корито.
Ангажирана е механизација за санирање на штетата, а градоначалник на Студеничани, Азем Садики, објави дека забележана е материјална штета во дворовите од куќите кои се наоѓаат во близина на реката.
Засега, според градоначалникот, нема потреба од евакуација.
Фото: ТВ21/скриншот
Македонија
Тетово повика на јавна дебата за промена на имињата на улиците

Општина Тетово в петок, со почеток во 15:00 часот, организира јавна дебата за предлози за имиња на улиците.
„Ги повикуваме сите граѓани, здруженија, невладини организации и граѓанскиот сектор да учествуваат на оваа јавна дебата за именување на улиците“, велат од општината преку допис.
Додаваат дека секој предлог од граѓаните е важен и помага овој процес да биде инклузивен и успешен за граѓаните и градот Тетово.
Македонија
Тошковски: Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто

Припадниците на МВР денеска примија плата зголемена за 10 отсто, информира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
„Изминативе години сосема оправдано имаше критики дека платите во МВР се ниски, а очекувањата и одговорностите големи. Често се укажуваше на разлики во однос на некои сродни служби, а чувството на потценетост беше реално и оправдано. Ова зголемување не е доволно, но е еден од многуте чекори што ќе следат во насока на враќање на достоинството и угледот на полицаецот. Целта е јасна – да изградиме модерна, професионална и силна полиција која ќе биде вистински сервис на граѓаните. Продолжуваме понатаму кон обезбедување на подобри услови, поголема поддршка и вистинско вреднување на трудот што секојдневно се вложува“, напиша Тошковски во објавата на социјалните мрежи.