Македонија
Хуманоста победи, Сара се врати дома жива и здрава
Семејството на 15-годишната Сара Настеска од Охрид преку писмо ја информира јавноста дека Сара се врати дома жива и здрава. Сара, кај која е дијагностицирана Anemia Аplastica, изминатиов период се лекуваше во странство, откако бројни граѓани, здруженија, организации се вклучија во хуманитарната акција и донираа средства за нејзино заздравување.
,,Почитувани, познати и непознати, луѓе во вистинска смисла на зборот, со овие неколку зборови сакаме да ве известиме дека го поминавме најтешкиот дел од патот. Поминавме тешки моменти, сигурно најтешките во нашите животи, поминавме многу, но ги поминавме на крилата на поддршката која токму вие ни ја дадовте.
Сара синоќа пристигна во Македонија, а од утрово е веќе во својот дом во Охрид. Заврши третманот во болницата во Германија и состојбата на Сара секој ден се подобрува и нормализира. Треба да се направат повеќе контроли, да се почитуваат строгите насоки и препораки дадени од медицинските лица, но сепак, најтешкото е веќе зад нас.
Сега ние знаеме колку големо срце имаат охриѓани, но и сите граѓани од целата држава, од целиот свет, кои ни помогнаа кога ни беше најтешко. Секој збор е премал, што и да кажеме е недоволно за да ја изразиме нашата благодарност. Единствено што можеме е да помагаме и ние натаму, колку што можеме, онаму каде што е најпотребно. Токму тоа и ќе биде нашата мисија и преку секоја спасена детска насмевка ќе кажеме по едно благодариме за сè што ВИЕ направивте за нас.
Од срце во благодариме за секој денар, за секоја насмевка, секој збор за поддршка, секоја прегратка за да ја поделиме болката заедно”, се вели во писмото на семејството Настески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.
Македонија
Делови од Карпош и Шуто Оризари денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Демирхисарска бр 13 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демирхисарска, од 17:30 часот до завршување на дефектот, општина Шуто Оризари.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Софиска 7, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Бриселска, Петар Драганов, Његошева, Копенхагенска и Стокхломска, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
Утрото постудено и магливо, преку денот сончево со мала до умерена облачност
Утрото постудено со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 16 до 21 степен.
Во Скопје, утрото постудено, во делови од котлината магливо. Преку денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на висок воздушен притисок следува период на стабилно и суво време со постудени утра, а дневната температура ќе биде во пораст, особено во деновите од викендот. Претпладне по одделни котлини и речни долини ќе има услови за појава на магла.

