Македонија
Санирање на подрачните училишта во Општина Битола
Продолжува санирањето на образовните објекти во Општина Битола, кое се спроведува изминативе месеци, а ќе продолжи и наредниот период. Градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, денес посети четири подрачни училишта кои работат во состав на основното училиште „Крсте Петков Мисирков“ од Бистрица, заедно со директорот на училиштето, Димитар Пипилевски. Подрачните училишта, со средства од Општина Битола во вредност од над 200 000 денари добија нови печки, а во дел од нив се изведуваа градежни активности и поставување водовод.
Во подрачното училиште во селото Граешница, по интервенцијата на ЈКП „Водовод“ Битола, донесен е довод и одвод во училишната зграда, што ќе им овозможи на учениците, со понатамошните вложувања на општината, да добијат тоалет кој ќе биде лоциран во училишната зграда, наместо досегашниот, кој е надвор од зградата. Во наредниот период во оваа зграда ќе се врши санација и опремување на уште една училница, како и поставување патека од патот до училишната зграда, со цел учениците и наставниците да не поминуваат каллива патека до влезот во училиштето.
Во подрачното училиште во селото Лажец, со средства од Општина Битола беа заменети дотраените печки на дрва со нови, кои, како што велат вработените, им штедат дрва, а на учениците им обезбедуваат долготрајна затопленост за време на образовниот процес. Во ова училиште ќе се изврши и санација на покривната конструкција.
Во подрачното училиште во селото Жабени, исто така, е набавена нова печка на дрва, а во наредниот период следува набавка на уште една, како и санација на училниците.
На крајот од обиколката на подрачните училишта кои работат во состав на основното училиште „Крсте Петков Мисирков“, во селото Меџитлија градоначалничката ја посети новата просторија во училиштето, во која општината инвестираше за оспособување на спортска училница. Во овој објект, покрај изведбата на спортската училница, општината учествуваше и со градежни материјали и изведба на градежни работи во реконструирањето на таваните, покривната конструкција и местењето на олуците. Оваа образовна институција од страна на општината ќе добие подни плочки за ходникот и подна покривка за спортската училница.
Општина Битола им се заблагодарува на лицата кои самоиницијативно земаат учество во санација на подрачните училишта. Така, во училиштето во Граешница, сопствени финансиски средства донирал Сефер Алиевски за новата дограма, дел од инвентарот и подот, а за изградба на спортската училница во Меџитлија, финансиски средства донирал Керим Сулејмани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

