Македонија
(Видео) Инцидент во црногорскиот парламент, пратениците го нарекоа Џафери „терорист”
Членови на црногорската партија Демократски фронт во Собранието на Црна Гора го нарекоа македонскиот спикер Талат Џафери „терорист“, обвинувајќи го дека пукал во македонските полицајци. На седницата на Цетиње црногорскиот парламент денеска го разгледуваше предлог-законот за ратификација на протоколот за влез на земјава во НАТО. На седницата присуствуваше и претседателот на македонскиот парламент, Талат Џафери.

Како што јавуваат тамошните медиуми, во црногорскиот парламент се случил инцидент и конфликт меѓу пратеникот на Демократски фронт, Милан Кнежевиќ, и Миодраг Вуковиќ од ДПС.
Кнежевиќ почнал да дофрла за време на излагањето на Вуковиќ, кога пратеникот од ДПС изјавил дека „е факт дека денес од шесте поранешни југословенски републики четири се во НАТО, и тоа го поставува прашањето пред оние две што се одлучиле поинаку, без разлика дали нивниот избор е правилен“.
„Ние сме убедени дека вистинскиот избор е сите да бидеме во НАТО“, истакнал Вуковиќ, кој бил прекинуван од Кнежевиќ додека зборувал.
Вуковиќ му порачал на Кнежевиќ дека нема да полемизира со него.
,,Ќе ти го скршам носот, бедо една”, му рекол Кнежевиќ на Вуковиќ.

Претходно лидерот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ, истакнал дека ДФ нема да го поддржи протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.Тој им приговарал на пратениците од ДПС, кои свечено го дочекале претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Тој е најпознат по носењето автомат и пукањето во македонски полицајци. Срам да ви е“, порачал Мандиќ. И пратениците од ДФ Јован Вучуровиќ и Милун Зоговиќ му порачале на Џафери дека бил член на терористичка организација.
Црногорскиот министер за надворешни работи, Срѓан Дармановиќ, истакнал дека пратениците носат историска одлука бидејќи Црна Гора првпат одобрува пристап на некоја друга држава во НАТО. Според него, пристапувањето на Македонија во НАТО е добра вест за целиот регион.
Пратеникот од ДПС, Обрад Станишиќ, смета дека членството на Македонија во НАТО ќе даде полн придонес во стабилноста на Западен Балкан.
Членките на НАТО на 6 февруари потпишаа протокол за пристапување на Македонија во алијансата. По ратификација на протоколот за пристапување во парламентите на сите 29 земји членки на НАТО, земјава официјално ќе стане полноправна членка на алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

