Економија
Договорени бројни проекти со Бугарија за инфраструктурата, енергетиката, туризмот
Во срдечна и пријателска атмосфера, со многу конструктивни предлози од двете страни, кои ја одразуваат заедничката желба да се зајакне и продлабочи билатералната економска соработка меѓу земјава и Република Бугарија заврши првата седница на меѓувладината комисија по договорот за економска соработка меѓу владите на двете земји, со која претседаваа министерот за економија, Крешник Бектеши, во улога на домаќин, и неговиот бугарски колега министерот за транспорт, ИТ и комуникации, Росен Жељазков.
Изразувајќи задоволство од одржаната прва седница по договорот за економска соработка, министерот Бектеши рече:
„Нашите премиери дадоа пример, а договорот за пријателство, добрососедство и соработка беше мотивација за мене и колегата Жељазков да се зафатиме со работа и што поскоро да ја реализираме оваа прва седница. Ме радува фактот што експертите настапија со конкретни предлози и рокови за реализација, па во делот на туризмот до април ќе биде формирана заедничка комисија, која треба да подготви двегодишен акциски план, со цел дефинирање на активностите кои имаат потенцијал да ги зајаканат билатералните односи меѓу двете земји на полето на туризмот. Во делот на претприемништвото финализиран е меморандумот за разбирање помеѓу бугарската Агенција за МСП и промоција и Агенцијата за промоција на претприемништво , кој очекуваме да биде потпишан на втората меѓувладина седница. Иницијативи се покренати за уште два договора во областа на соработката во технолошко-индустриските зони и врската со граничниот премин Деве Баир – Ѓуешево, во железничкиот дел“.

Во останатите сегменти, како енергетиката, инфраструктурното поврзување, трговијата и прекуграничната соработка, беше реферирано за напредокот и идните развојни правци. Меѓу нив се споменати двоцифрена трговска размена, интензивни активности за железничко поврзување на Скопје и Софија до 2025 година, соработка за поддршка на претприемачите, воведување авиолинии Скопје – Софија и Охрид – Варна за почеток во текот на туристичката сезона, а потоа и трајно, помош при користење на европските фондови и заедничко аплицирање за фондовите за прекугранична соработка…
Така, коридорот 8 останува приоритет за двете страни, а бугарскиот министер за транспорт, Росен Жељазков, истакна дека помеѓу 2025 и 2027 година е рокот за завршување на железничката линија Софија – Скопје. „Во Бугарија за новиот програмски период, планираме 400 милиони евра за изградба и модернизација на пругата Софија – Перник – Радомир – Гешево – граница. Од страна на Република Северна Македонија е предвидена слична сума. Според планот до 2025 година, плус-минус, се очекува да имаме изградена инфраструктура, што е исклучително важно, од гледна точка на поврзаноста и брзината на движење. Планирано е патот Софија – Скопје да не трае повеќе од еден час“, рече Жељазков.
Од македонска страна каде железничкото поврзување се одвива во три фази, според Бектеши, при крај се активностите за првата фаза од Куманово до Бељаковце, проектирана е и ќе стартува изградбата на втората фаза до Крива Паланка, а за третиот дел до бугарската граница веќе се бараат пари од меѓународните финансиски институции.
Првата седница на меѓувладината комисија по потпишувањето на договорот за добрососедство резултирала и со конкретизирање на најавите за соработка во енергетиката.
„Во областа на енергетиката јасно е истакната желбата за изградба на втор интерконектор Петрич – Струмица и се разбира интересот за учество во платформата за купување електрична енергија од електроцентралата во Белене“, рече Жељазков.
Министерот Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање, изрази очекување да продолжи зголемувањето на трговската размена и да имаме двоцифрен раст.
„Трговијата треба да надмине 1 милијарда евра во наредниот период бидејќи иако Република Бугарија е на 5. место во вкупниот обем на нашата трговија со светот, a на 4 место во рамките на ЕУ, со проектите кои се договорени тоа лесно може да се оствари. Меѓу нив е и договорената соработка на малите и средни претпријатија, при што ќе ги користиме искуствата на бугарските компании и тамошната влада во однос на користењето на европските фондови, со цел да се користат што повеќе финансии од ЕУ што ќе ја зголеми конкурентноста на домашните фирми“, рече Бектеши.
На крајот на дводневните работни средби, на кои експертите од двете земји по работни групи, ги договорија конкретните предлози за остварување на идни цели и за изнаоѓање решенија за подобрување на условите за економска соработка, беше потпишан Протокол во кој се дефинирани новите можности на идната економска соработка, а најавените меморандуми и договори во соодветните области што се очекува да бидат потпишани на почетокот на следниот месец на заедничката меѓувладина седница која ќе ја водат премиерите на двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

