Македонија
Објавен предлог- законот за висока раководна служба, се најавува департизација на администрацијата
Министерството за информатичко општество и администрација, го објави текстот на работната верзија на предлог законот за висока раководна служба. Од денеска предлогот е достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи-ЕНЕР, каде во наредните најмалку 20 дена, сите заинтерсирани ќе имаат можност со свои коментари, забелешки и предлози да придонесат кон подобрување на текстот на Законот.
Со овој Закон се прави голем исчекор во насока на професионализација и департизација на јавната администрација. Тоа е едно од клучните барања на граѓаните, но и на Европската Унија. Целта на оваа реформа е поставување на јасни стандарди и критериуми, како и целосна транспарентност при изборот и разрешувањето на раководителите на институциите.
,,Причина зошто се работеше на овој Закон е што во законодавството во земјаване постои јасно разграничување меѓу политичкото и професионалното ниво, односно не е јасно дефиниран и утврден опфатот за висока раководна служба. Северна Македонија е прва земја од регионот којашто преку нов закон се обврза да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализацијата на администрацијата, што е една од главните цели на процесот на реформа на јавната администрација. Тоа ќе се постигне преку зајакната примена на начелата на заслуги, еднакви можности и правична застапеност. Со овој концепт, ќе се постигне професионализација на високите раководни позиции”, се наведува во соопштението.
Високата раководна служба ги опфаќа високите раководни позиции (директори и секретари) со јасни раководни одговорности. Нема да се однесува на највисоките политички функции (министри, заменици министри).
Со предлог Законот за висока раководна служба се воспоставува Комисија за ВРС, составена од одреден број членови, со признаени професионални заслуги, кредибилитет и личен интегритет. Високите раководители ќе се вработуваат преку систем на заслуги и процедури на јавен оглас, во отворен натпревар достапен за сите граѓани со високо образование.
Секој висок раководител ќе се избира преку индивидуализирана процедура. Иницијативата за пополнување на позиција ВРС ќе ја има министерот, односно органот на власта кој е надлежен за управувањето и мониторирањето со услугата или телото во кое е предвидено раководното место. Иницијаторот ќе го даде описот на одговорностите и должностите на таа позиција.
Предлог текстот на Законот за висока раководна служба е достапен на следниот линк: https://ener.gov.mk/default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=R6x2TA4IiVCBOstULIubrg==
Во наредниот период МИОА ќе го претстави текстот на Законот и на јавна расправа со сите засегнати страни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: До 16 часот гласале повеќе од половина од пријавените болни и немоќни лица
Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 16:00 часот на вториот круг од локалните избори гласале 2.762 од вкупно 4.826 лица пријавени како болни или немоќни. Во 14 казнено-поправни установи, каде што право на глас имаат 1.256 лица кои издржуваат казна затвор или се во притвор, до 16:00 часот гласале 380 гласачи. Од 214 лица сместени во установи за вонсемејна грижа, своето право го искористиле 78 гласачи, прецизираат од ДИК.
Според информациите од Комисијата, гласањето започнало точно во 7 часот утринава и се одвива без прекини и инциденти во сите општини и во Градот Скопје.
Претседателот на Комисијата, Борис Кондарко, изјави дека нема никакви проблеми ниту со изборниот материјал, ниту со изборните органи. Досега не се пристигнати забелешки, приговори или поплаки.
Во вториот круг од локалните избори, кој ќе се одржи утре, ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1.013.375 граѓани.
Македонија
Матичарка и службеници ѝ „подариле“ втор идентитет на кумановка, завршија со пријава
Полицијата во Куманово поднесе кривична пријава против четири лица — В.Б. (56), Н.З. (41), Х.Е. (53) и В.П. (67) — под сомнение дека со несовесно постапување во службата овозможиле едно лице да користи два различни идентитета.
Според информациите од СВР Куманово, првопријавената, матичар во подрачната канцеларија на Управата за водење на матични книги во село Лојане, општина Липково, направила незаконит упис во матичната книга на родени, внесувајќи податок дека едно женско лице склучило брак со машко лице и го зело неговото презиме.
Вториот пријавен, исто така матичар, на 26 март годинава издал извод од матична книга на родени со тие податоци, а третиот пријавен, службеник во Одделението за управни работи во Куманово, го примил барањето за издавање пасош.
Четвртиот осомничен, кој работел како виш советник за патни исправи во истото одделение, проценил дека се исполнети условите и го одобрил издавањето на патната исправа.
Со нивното постапување, како што наведува полицијата, на лицето му било овозможено незаконски да користи два идентитета. Против сите четворица е поднесена кривична пријава за делото „несовесно работење во службата“.
Македонија
Непречено се одвива гласањето на болните и затворениците
Гласањето на болните и немоќните лица, лицата кои се во притвор или затвор, како и на граѓаните сместени во установи за вонсемејна грижа, денеска се одвива без потешкотии во сите општини каде што утре ќе се одржи вториот круг од локалните избори, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
Од Комисијата информираат дека гласањето започнало во 7 часот изутрина и се спроведува непречено на целата територија, вклучувајќи го и Градот Скопје.
Според податоците на ДИК, денес право на глас остваруваат 4.826 болни и немоќни лица, 1.256 лица сместени во 14 казнено-поправни установи и 214 граѓани во 13 центри за вонсемејна грижа.
Вториот изборен круг од локалните избори 2025 ќе се одржи утре, кога ќе се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за избор на советници.
Според избирачкиот список, право на глас имаат вкупно 1.013.375 граѓани.

