Економија
Државна помош за компании кои ќе ја користат сончевата енергија за да произведуваат струја

Новата владина мерка за поддршка во користењето на сончевата енергија, овозможена со новиот Закон за енергетика, на прес-конференција, беше претставена од заменик претседателот на Владата, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши.
Целта на оваа мерка, како што беше посочено, е подобрување на условите за инвестирање и јакнење на конкуренцијата во енергетскиот сектор, особено за поттикнување на поголемо производство на електрична енергија од обновливи извори.
Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека кога станува збор за енергетскиот сектор, Република Северна Македонија не е земја која изобилува со енергенси како што се нафта и гас, додека јагленот е ограничен ресурс, и токму затоа Владата се фокусира на зголемување на производството од обновливи извори, особено користејќи ја сончевата енергија како ресурс со кој земјата изобилува.
„Во моментов, за жал, се изградени фотонапонски електрани со капацитет од 18,4 мегавати, цениме дека е особено важно интензивно да работиме да го зголемиме овој капацитет, но не како што тоа досега се правеше, да некој на некого му дозволува или не му дозволува да гради електрани, туку на максимално транспарентен начин, преку јасно пропишани технички и тендерски процедури за начинот на градба на овој тип на електрани“, потенцираше Анѓушев.
Вицепремиерот дополни дека Владата планира во периодот кој следи на принцип на премиум тарифи да поддржи изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од 200 мегавати, чие производство на електрична енергија би било еквивалентно со потрошувачката на околу 150 илјади домаќинства.
„Сите инвеститори на фотонапонски електрани прозведената електрична енергија ќе ја продаваат на слободен пазар, а од државата ќе бидат поддржани на принцип на премиум тарифи, кој веќе функционира во многу развиени држави. Премиумот ќе биде еден од критериумите на јавните повици, кои ќе бидат транспарентни, со електронски аукции и на принцип на негативно поддавање. Секој кој ги задоволува техничките критериуми наведени во јавниот повик ќе биде во можност да учествува, со што очекуваме дека ќе отвориме широк фронт на инвестиции во енергетиката. Државата ќе распише јавен повик и ќе ја дефинира почетната цена за премиум, а потоа инвеститорите ќе поддават за висината на цената. Тој што ќе понуди најниска цена, а притоа ги исполнува сите технички услови, ќе добие можност да изгради фотонапонска централа на определена локација“, нагласи Анѓушев.
Анѓушев објасни дека во првата фаза на јавен повик ќе бидат понудени 62 мегавати на инвеститорите кои ќе можат да се градат и на државно и на приватно земјиште. Кога станува збор за државно земјиште ќе се овозможи изградба на електрани со вкупна моќност од 35 мегавати. Двете локации се во близината на Македонски Брод со вкупна моќност од 10 мегавати (2 централи со по 5 мегавати) и во близина на Свети Николе со вкупна моќност од 25 мегавати (една централа од 10 мегавати, една од 5 мегавати, две централи од по 2 мегавати и шест електрани од по 1 мегават).
„Најголем проблем, од досегашната пракса, за инвеститорите, се административните процедури, како да дојдат до градежна дозвола, трансформација на земјиште, урбанизација на локацијата и приклучокот на мрежата, и токму во таа насока направивме модел државата да преземе обврска да ги надмине овие административни процедури и да им ја олесни работата на инвеститорите“, објасни вицепремиерот.
Анѓушев дополни дека ќе се oвозможи и изградба на електрани на приватно земјиште со вкупна инсталирана моќност од 27 мегавати, за помали инвеститори кои планираат електрани од 0-200 киловати, од 200-500 киловати, од 500-1000 киловати и од 1000 до 3000 киловати.
Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека е креирана и усвоена Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премии. Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на фотонапонски електроцентрали, која не можа да биде поголема од 100 МW, за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2019 година.
„Износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадената електрична енергија во 2019 година е утврден во Буџетот на Министерстовото за економија и изнесува 30.000.000 денари. Овие средства се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја оствариле со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија. Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2019 година изнесува 15€/MWh за фотонапонски електроцентрали“, рече Бектеши, најавувајќи дека наскоро ќе биде објавен јавниот повик за изградба на фотонапонски електроцентрали со користење на премија на локации за кои веќе е утврден потенцијал за производство на електрична енергија, а воедно ќе бидат доделени и посебни премии на приватни земјишта преку транспарентна и конкурентна процедура.
Истовремено, со техничка помош од ЕБРД е подготвен првиот драфт на тендерската документација за спроведување на постапката за избор на повластени производители од обновливи извори на енергија кои ќе користат премии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
МЗШВ: Во четвртиот квартал од 2025 година ќе биде објавен јавниот повик за претприемачите во прехранбената индустрија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја информира јавноста дека во четвртиот квартал од оваа година ќе биде објавен Јавниот повик 02/2025 за користење на средства од ИПАРД Програмата 2021-2027, мерка 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”.
Оваа мерка претставува исклучителна можност за македонските претприемачи во прехранбената индустрија да ги унапредат своите капацитети и да станат поконкурентни на домашниот и меѓународниот пазар.
Мерката 3 – „Инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи”од ИПАРД Програмата овозможува финансиска поддршка за модернизација на преработувачките капацитети, инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи, како и усогласување со европските стандарди. Преку оваа мерка се поддржува зголемувањето на конкурентноста на земјоделското производство и земјоделско-прехранбениот сектор во целина.
Средствата за оваа мерка се обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД Програмата за периодот 2021 – 2027 година).
Министерството ги повикува сите заинтересирани да започнат со навремена подготовка на потребната документација и да ги следат официјалните објави на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Економија
Издадени првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ги издаде првите лиценци за батериски систем за складирање на електрична енергија од обновливи извори на компанијата ЕНЕРГО СОЛАР СИСТЕМИ.
Станува збор за два батериски системи со вкупна инсталирана моќност од 2 600 kW, што се инсталирани во склоп на две различни фотонапонски електроцентрали кои се веќе изградени и во функција.
„Издавањето на овие лиценци во кои се вклучени батериски системи за складирање на електрична енергија, всушност го означува почетокот на еден нов инвестициски циклус во енергетиката. Воведувањето на батериите во пракса значи забрзана енергетска транзиција преку создавање на одржлив, ефикасен и еколошки енергетски систем во земјава. Во РКЕ очекуваме голем број сопственици на ФЕЦ да поднесат барање за инсталирање на “сториџи“, но исто така очекуваме интерес да појават и компании кои би биле самостојни оператори на складишта само со батериски системи. Употребата на батериите ќе придонесе за сигурно и доверливо функционирање на системите, а едновремено и за економски посигурен и поефикасен енергетски пазар. Истите можат да даваат услуги на операторот на електропреносниот систем за балансирање на истиот, како и одржување на одредени параметри на мрежата во пропишани граници. Складирањето на енергија во периоди кога има вишок и нејзино користење во периоди кога потребите од електричната енергија се зголемуваат се очекува дека ќе влијае и врз намалување на вкупните трошоци во системот.“ посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Условите, постапката и потребната документација за добивање на лиценца за складирање на електрична енергија се уредена во Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, .
Економија
Владата усвои измени: Се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра

Со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании.
Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените.
Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија.
Дополнително, измените ќе помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.
Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, велат од Министерството за финансии.