Македонија
Димитров на средба со министерот за Ерусалим и за заштита на животната средина, Зеев Елкин

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се сретна со министерот за Ерусалим и за заштита на животната средина на Државата Израел, Зеев Елкин, кој престојува во земјава по повод одбележувањето на 76-годишнината од холокаустот на македонските Евреи.
Димитров и во оваа пригода го потенцираше значењето што земјава го придава на културата на сеќавање и изучување на холокаустот, укажувајќи дека наша обврска е да го чуваме споменот на холокаустот и да се бориме против обидите за негово негирање и релативизирање, како и против антисемитизмот и сите останати облици на расизам и нетолеранција.
Министерот Елкин истакна дека Израел високо ги вреднува придонесот и активностите на земјава во чувањето на споменот и изучувањето на холокаустот и изрази задоволство што има можност и лично да се увери во посветеноста на нашата земја на овој план.Министрите Димитров и Елкин изразија задоволство од развојот на пријателските односи меѓу двете земји, при што ја нагласија неопходноста од натамошен фокус врз економијата,туризмот и соработката во доменот на високите технологии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Тошковски – Поклукар: Одлична соработка на полето на безбедноста, Словенија ја дава својата поддршка во секој чекор

Денеска во Охрид, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, оствари работна средба со делегација на Министерството за внатрешни работи на Словенија, предводена од министерот Боштјан Поклукар.
На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на одличните пријателските врски меѓу двете министерства и полиции во борбата против организираниот криминал, ситуацијата со илегалната миграција, внатрешната контрола и соработката помеѓу центрите за обука на полициските службеници. Македонската делегација на средбата предложи потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Центарот за обука на МВР и словенечката полициска академија за зајакнување на соработката во областа на образованието и заедничките обуки на кадетите и полициските службеници од двете полиции.
Тошковски се заблагодари на министерот Поклукар за целата поддршка што Словенија и словенечкото министерство за внатрешни работи постојано ни ја даваат како министерство и држава, како во справување со пожарите минатата и оваа година така и целата поддршка што ни ја дадоа во справување со последиците од трагедијата која се случи во Кочани оваа година.
„Република Словенија и нивното министерство се едни од клучните партнери и поддржувачи во реформите кои ги правиме, преку користење на нивното знаење и искуство, како за новите закони за полиција и внатрешни работи. Отпочнуваме соработка и во нашата иницијатива за отворање на Регионална асоцијација на полициски академии, обуки за полициските службеници со цел професионализација, доедукација со цел креирање на ефикасна европска полиција“, образложи Тошковски.
ТПотенцираше дека преку министерот Поклукар, пријателската Словенија уште еднаш ја потврдува својата поддршка како еден од нашите најголеми поддржувачи во процесот на евроинтеграции, со тоа што се вложи со целиот негов тим да бидат на располагање на македонските полициски службеници и МВР во однос на исполнување на сите услови и критериуми зададени од Европската унија.
Словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар го потенцираше пријателството и соработката што меѓу нашите народи и држави се пренесува и на министерствата за внатрешни работи и потенцираше дека и во иднина можеме да сметаме на нивната целосна поддршка како во искуство и знаење така и на конкретни проекти и ситуации со цел да придонесуваме кон поголема безбезбедност на регионот, нашите држави и нашите народи.
„Наша оценка е дека министерството за внатрешни работи и македонската полиција прават одлична работа и тоа секогаш сум го истакнувал и во Европа како член на советот на министри за внатрешни работи на Европа. Одличната идеја за Регионална асоцијација на полициски академии ќе ја поддржиме и учествуваме во неа за да креираме професионални полиции на Балканот за побезбеден регион за сите. Ние сме веќе сојузници заедно во НАТО и нашата поддршка ќе продолжи во секој ваш чекор кон приклучување во нашето европско друштво на нации каде е и вашето место“, потенцираше словенечкиот министер Поклукар.
Поклукар истакна дека Словенија целосно ја поддржува Македонија на интегративниот пат кон Европската Унија и ја изрази спремноста за помош на европскиот пат кој на крај носи огромни бенефити за граѓаните и функционирањето на институциите и изрази надеж дека заслуженото место на Македонија во ЕУ ќе дојде што поскоро.