Македонија
Град Скопје го објави повикот за субвенции за велосипеди

Град Скопје со цел да ги стимулира жителите на Скопје да користат велосипеди распиша јавен повик за надоместување дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипед. Со овој јавен повик Град Скопје на граѓаните што ќе купат велосипед од денот на објавувањето заклучно со 30.6.2019 година, ќе им надомести дел од трошоците направени при купување велосипед.
Средствата што Град Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот прв дојден, прв услужен. Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање субвенција за купување еден велосипед.
Барателот треба да ги исполни следниве услови:
– да е жител на Град Скопје (во општините: Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари);
– подносителот на барањето досега да нема добиено финансиски средства за набавка на велосипед од Град Скопје;
– велосипедот да го купи од денот на објавување до денот на завршување на jавниот повик (до 30.6.2019);
За надоместување дел од трошоците и докажување дека условите за учество на јавниот повик се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави:
– барање за субвенција за купување еден велосипед (барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет-страницата на Градот: www.skopje.gov.mk);
– доказ за жителство во Град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот;
– фотокопија од трансакциска сметка на барателот;
– изјава дека барателот досега нема искористено субвенција за купување велосипед од Град Скопје;
– доказ дека е извршено купување велосипед, и тоа оригинал фискална сметка или фактура со извод од деловна банка, со датум од денот на објавувањето до денот на завршувањето на јавниот повик;
Барањето за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, граѓаните во затворен плик ги доставуваат до соодветната комисија, преку архивата на Град Скопје, бул. Илинден бр. 82, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Целиот јавен повик граѓаните може да ги видат на следната интернет-врска: www.skopje.gov.mk/Uploads/JavenPovik/Јавен%20повик%20Велосипеди%202019.pdf
Субвенционирањето на граѓаните за набавка на велосипеди е една од мерките на Град Скопје за промоција на велосипедот како рекреативно и превозно средство, чие користење има многу придобивки: финансиски е достапно, економски исплатливо и еколошко превозно средство, придонесува за намалување на сообраќајниот метеж, како и за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Судир за српскиот капитал: ВЛЕН и ДУИ меѓусебно се обвинуваат

ВЛЕН и ДУИ, двете водечки политички субјекти од албанскиот блок во Македонија, се препукуваат поради наводно продирање на српски капитал и влијание во земјата.
Според соопштението на ВЛЕН, ДУИ одамна престанала да ги штити интересите на Албанците, откако, како што тврдат, дозволила влез на српски и црногорски компании во клучни економски сектори, вклучително и мобилната индустрија и казината.
„ДУИ го донесе ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово“, се наведува во соопштението. ВЛЕН најавува дека ќе продолжи да ги брани евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците.
ДУИ, пак, одговара дека ВЛЕН во изборната програма за 2024 година ветила основање на Албанска банка со доминантен албански капитал, како гаранција за економско зајакнување на Албанците и рамномерен регионален развој. ДУИ повторно нагласува дека државата не смее и не треба да дозволи банкарскиот сектор и стратешките институции да бидат преземени од дестабилизирачките интереси на Белград.
И двете партии со денови се обвинуваат една со друга за предавство на интересите на Албанците и за поддршка на т.н. „Српскиот свет“ во Македонија. Со оглед на предизборието, се очекува дека оваа тема ќе се најде во политичката дебата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Целосна реконструкција и модернизација на пругата од Скопје до Кичево

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги започна подготвителните активностите за целосна реконструкција на пругата, односно железничката линија од Скопје до Кичево, која е дел од Коридорот 8, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај целосната реконструкција на постојната пруга, која сега е во многу лоша состојба, додаваат од партијата, работните активности опфаќаат целосна модернизација и нејзина електрификација.
„Во прва фаза, преку Европската Унија ќе се обезбеди грант од 5,3 милиони евра за физибилити студија, а носечка институција ќе биде Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која ќе избере консултант за изработка на студиите согласно највисоките европски стандарди.
По завршување и изработката на анализите, кои според највисоките европски стандарди траат 18 месеци, започнува втората фаза на изведување на работните активности на терен за целосна реконструкција, модернизација и електрификација на пругата.
Оваа инвестиција во железничката инфраструктура, освен економски придобивки за бизнисот ќе значи и подобро и поефикасно поврзување помеѓу главниот град Скопје и општините Јегуновце, Тетово, Гостивар и Кичево.
Овој проект уште еднаш ја потврдува посветеноста на Владата за унапредување на инфраструктурата и Македонија да ја направи центар на патни, енергетски и железнички коридори во регионот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од шумскиот пат кон езерото, се води жестока битка за да се спречи ширењето на пожарот кај Јасен

Пожарот кај Јасен и натаму се заканува, откако во текот на ноќта започнал да се шири од шумскиот пат пред објектите на ловиштето кон ресторанот Козјак. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Анеглов, изјави дека пред неколку дена патот бил внимателно исчистен од вегетација со блудожер и сега претставува појас кој спречува ширење на огнот.
„Се води жестока битка со огнот, но надлежните служби не дозволија пожарот да се префрли на спротивната страна. Денес продолжува оперативната акција, со чистење на гребенот до езерото за да се стопира ширењето на огнот. Истовремено се дејствува и од воздух“, изјави Ангелов.
Како што додаде, покрај овој пожар, има уште неколку, но тие се безопасни во споредба со она што се случува во Јасен. Ангелов најави повеќе информации околу 13 часот.