Економија
Донесена одлука за намалување на основната каматна стапка на ниво од 2,25 осто
Клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика, беа разгледани на редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка.
Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постојните ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. На седницата беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка од 0,25-процентни поени, односно од 2,50 на 2,25 отсто. Понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи денеска e задржана на нивото од 25.000 милиони денари.
Од Народната банка велат дека одлуката за намалување на каматната стапка се темели на задржаниот континуитет на поволни движења на девизниот пазар, што упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и стабилни согледувања на домашните субјекти. Истовремено, тековните движења покажуваат умерен раст на домашните цени, а со тоа и отсуство на ценовни притисоци. Дополнителен простор за монетарно олабавување создава и последната најава на ЕЦБ за задржување на каматните стапки на тековното ниво подолго од претходно очекуваното, како и за дополнително олабавување преку други монетарни инструменти.
Во однос на најновите макроекономски показатели, проценетите официјални податоци за БДП за четвртото тримесечје од минатата година покажуваат солиден економски раст од 3,7 отсто на годишна основа, кој е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции. Од аспект на структурата на растот, подобрите остварувања главно се објаснуваат со повисокиот раст на личната и јавната потрошувачка во однос на очекувањата од проекциите. Во согласност со очекувањата, бруто-инвестициите исто така остварија раст, малку помал од проектираниот. Гледано за целата 2018 година, реалниот раст на економијата изнесува 2,7 процента и е повисок од очекуваниот со октомвриските проекции од 2,3 отсто. За првиот квартал на оваа година, во услови на ограничен обем на расположливи податоци, тешко може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата. Сепак, достапните податоци упатуваат на натамошни поволни движења во економијата при забрзан раст на активноста во индустријата и натамошен раст на прометот во трговијата.
Во однос на инфлациските движења, во првите два месеца од годината просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,1 процент, што е пониско остварување во однос на октомвриската проекција. Оцените за движењето на поголемиот дел од увозните цени во наредниот период се променети во надолна насока. Во вакви услови ризиците за проектираната стапка на инфлација за 2019 година од 2 процента тековно се оценуваат како надолни.
Расположливите податоци од надворешнотрговската статистика за јануари упатуваат на трговски дефицит, кој главно е во согласност со очекувањата за првиот квартал од годината. Од другите расположливи показатели за надворешниот сектор, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на февруари укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери, кои се во рамките на очекуваните за првото тримесечје од оваа година. Остварениот дефицит во тековната сметка на билансот на плаќања за 2018 година е помал во однос на октомвриската проекција и изнесува 0,3 отсто од БДП наспроти проектираните 0,5 отсто од БДП. Позицијата на финансиската сметка е значително подобрa, со нето-приливи од 5,3 отсто од БДП наспроти проектираните 4 отсто од БДП главно како одраз на повисоките приливи врз основа на директни инвестиции. Девизните резерви на крајот на февруари се нешто пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и се одржува во сигурната зона.
Во однос на монетарните движења првичните монетарни податоци за февруари годинава покажуваат месечен раст и кај депозитите и кај кредитите, со поволни поместувања од аспект на валутната и секторската структура. Поради подобрите остварувања на крајот на 2018 година, растот на депозитите на годишна основа и натаму го надминува проектираниот за крајот на првиот квартал од оваа година. Во однос на кредитната активност, послабите остварувања на крајот на минатата година придонесуваат за одржување на кредитирањето пониско ниво од очекуваното, а со тоа и за негов малку понизок годишен раст во однос на проектираниот.
Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на домашните банки и натаму се зголемува, при што активноста на меѓубанкарскиот пазар на депозити беше релативно мала. Вишокот слободни парични средства беше пренасочен кон расположливите депозити кај Народната банка, кои овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.
На девизниот пазар банките на нето-основа откупија умерен износ на девизи во трансакциите со клиентите. Ваквите пазарни движења во комбинација со вложувањата на банките во инструменти со валутна компонента придонесоа за раст на нивната девизна ликвидност и интервенции на Народната банка со умерен откуп на девизи од банките поддржувачки на девизниот пазар.
На меѓународните финансиски пазари, во февруари, од двете страни на Атлантикот преовладуваше зголемена склоност кон преземање ризик, поттикната од оптимизмот за решавање на трговскиот спор помеѓу САД и Кина и засилените очекувања за одложување на датумот за излез на Обединетото Кралство од ЕУ. Во такви услови приносите на државните обврзници се зголемија, а глобалните берзански индекси и натаму растат. Сепак, овие позитивни пазарни движења беа прекинати на почетокот на март. Имено, на состанокот на ЕЦБ одржан на 7 март беше истакнато дека каматните стапки ќе бидат непроменети до крајот на годинава. Истовремено, беше најавена нова серија операции за рефинансирање – ТЛТРО III во услови на согледување за побавен економски раст и ниски ценовни притисоци и во следните две години. Во вакви услови дојде до надолна корекција на приносите на безбедните инструменти за инвестирање како во еврозоната така и во САД, а истовремено беше забележано и изразено слабеење на еврото.
Општо гледано, на седницата беше заклучено дека во согласност со постојните економски и финансиски услови согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се малку поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно намалување на основната каматна стапка. Растот на економијата во последниот квартал, како и за целата 2018 година, е подобар од очекуваниот во отсуство на притисоци врз цените од домашната побарувачка, што се согледува преку натамошната ниска и стабилна стапка на инфлација. Движењата на девизниот пазар и натаму упатуваат на поволна надворешна позиција на економијата и доверба во домашната валута. Во прилог на ваквите согледувања е и порелаксирачкиот тон во реториката на ЕЦБ, изразен на последниот состанок, односно најавите за нова серија операции за рефинансирање и очекувањето дека клучните каматни стапки ќе се задржат на тековните нивоа подолго од претходно очекуваното.
Од НБРМ додаваат дека ризиците и понатаму се присутни, а Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од опкружувањето заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Андоновски: Е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел
Владата на Република Македонија ја потврдува својата посветеност кон унапредување на електронската трговија како двигател на економијата, преку спроведување на јасна стратегија за дигитална трансформација, зајакнување на интероперабилноста и намалување на административните пречки за граѓаните и компаниите, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на 8-та Регионална Е-комерц конференција во Скопје.
Тој истакна дека е-трговијата веќе не е алтернативен, туку доминантен економски модел, кој бара силна поддршка од државата преку модерни дигитални платформи, регулаторна предвидливост и иновации ориентирани кон пазарот.
„Интероперабилноста што ја бесплатно ја овозможивме за повеќе од 76 институции и компании – со повеќе од 2.6 милиони безбедни трансакции месечно и раст од 260% – претставува не само успех на администрацијата, туку можност за приватниот сектор. Таа отвора простор за дигитални услуги, безбедна размена на податоци, брз пристап до потребните административни податоци и нови бизнис-модели што ја поврзуваат државата и компаниите во еден заеднички дигитален екосистем“, изјави министерот Андоновски.
Во рамки на поддршката за мали и средни претпријатија, Министерството за дигитална трансформација преку Европскиот дигитален иновациски хаб – INNOFEIT EDIH, им овозможува на компаниите пристап до лаборатории, дигитални алатки и експертска поддршка за тестирање нови технологии пред инвестирање. Овој хаб нуди и обуки за дигитални вештини во областа на вештачка интелигенција, сајбер-безбедност, автоматизација и интернет на нештата, со цел да ја зголеми конкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.
Во истата насока, Националниот центар за вештачка интелигенција – Везилка, развива АИ решенија применливи и во приватниот сектор, со што создава услови електронската трговија да стане поефикасна, попаметна и побезбедна.
„Намалувањето на бирократијата и отворањето на податоците за бизнис-заедницата се клучни за модерна држава. Владата создава инфраструктура каде иновацијата е во центарот, а граѓаните и компаниите се вистинските корисници на дигиталната трансформација“, додаде Андоновски.
Тој најави дека во следниот период Владата ќе продолжи да инвестира во дигитална инфраструктура, унапредување на екосистемот за иновации, како и во програми за поддршка на стартапи и претприемачи во дигиталната економија.
Економија
„Виз Ер“ воведува евтина „бизнис класа“, можете да платите за да го задржите средното седиште празно
Нискобуџетната унгарска авиокомпанија „Виз Ер“ ќе започне со тестирање на таканаречената „основна бизнис класа“ на одредени летови од декември оваа година, нудејќи малку повеќе удобност во рамките на својата стандардна услуга без додатоци. Оваа нова функција ќе биде воведена на пет рути, вклучувајќи летови до Лондон, Рим и Будимпешта.
Концептот е едноставен – во првиот ред од авионот, средното седиште ќе биде оставено празно за да им се обезбеди на деловните патници повеќе простор и да се олесни качувањето. Мајкл Делехант, виш комерцијален и оперативен директор, нагласи дека цената нема да биде драстично повисока.
„Што се однесува до цените на билетите, таа никогаш нема да биде повеќе од цената на купување дополнително седиште“, изјави тој на прес-конференција.
Иако билетите за овие специјални седишта ќе бидат поскапи, патниците сепак ќе бидат третирани исто како и сите други.
„Повеќе се работи за ефикасноста на патувањето и малку дополнителен простор во авионот“, рече Делехант.
Воведувањето премиум услуги е тренд што го следат и американските нискобуџетни превозници за да се натпреваруваат со големите превозници.
Делехант забележа дека сè уште има силна побарувачка за нискобуџетни летови во Европа, но дека пазарот треба да се развива.
Економија
Поскапуваат бензините и дизелот
Бензините и дизелот од ноќеска на полноќ ќе поскапат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ).
Од 4.11.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 74,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 76,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,913 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,856 ден/кг и сега ќе изнесува 36,913 ден/кг.

