Македонија
Џафери-Данчила: Членството во НАТО и ЕУ е од големо значење за безбедноста за Западен Балкан

Проширувањето на НАТО со земјите на Западен Балкан претставува приоритет за романското претседателство. Отпочнувањето на пристапните преговори на Република Северна Македонија со ЕУ во јуни, Романија ќе го смета како врвно достигнување на романското претседавање со Советот на ЕУ, рече премиерката на Романија, Василика Виорика Данчила, на средбата со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Како што соопштија од собраниската прес-служба, Џафери се заблагодарил за отворената поддршка на Романија и посакал успешно претседавање со Советот на Европската Унија и успешни претстојни избори за Европскиот парламент.
„Тој се заблагодари за конзистентната поддршка на нашиот евро-атлански пат и подвлече дека за нас членството во НАТО претставува врвен државен и стратешки приоритет за кој има поддршка од граѓаните и широк политички консензус. Претседателот Џафери изрази искрена верба дека за време на романското претседавање со Советот на ЕУ, Република Северна Македонија ќе ги почне пристапните преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година“, се вели во соопштението.
Соговорниците истакнале дека „членството на Република Северна Македонија во НАТО и Европската Унија е од големо значење не само за безбедноста и економскиот развој на нашата земја, туку и за целиот регион на Западен Балкан и пошироко“.
Меѓу другото, се разговарало и за унапредувањето на положбата на претставниците на малцинствата во двете држави, а посебен акцент се ставило на интензивирањето на соработката на културен, образовен и економски план.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.