Свет
И Канада и САД ги забранија летовите со „боинг 737 макс“

Канада и САД денеска се придружија на земјите кои ги забранија летовите на авионите „боинг 737 макс“ по несреќата на „Етиопијан ерлајнс“ што се случи во неделата, а во која загинаа сите 157 патници и членови на екипажот, меѓу кои 18 канадски државјани.
„Оваа безбедносна одлука ги ограничува комерцијалните летови со ‘боинг 737-8 макс’ и ‘боинг 737-9 макс’ на кој било авиооператор, домашен и странски“, изјави министерот за транспорт Марк Гарнеу.
Ова се однесува на сите полетувања, слетувања или премини низ канадскиот воздушен простор на овие модели на „Боинг“.
Според министерот, податоците покажале сличности во падот на авионот во Етиопија и падот на истиот модел на авион на 27 октомври лани на компанијата „Лајон ер“ во Џакарта при што загинаа 189 луѓе.
И двата авиона се урнаа набргу по полетувањето.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти дека Сојузната управа за цивилно воздухопловство ќе ги приземји сите модели 737-8 макс и 737-9 макс.
„Безбедноста на американскиот народ и на сите луѓе е наша најголема грижа“, рекол Трамп.
Тој рекол дека „Боинг“ е сјајна компанија и дека се надева дека бргу ќе одговори што го предизвикало падот на авионот во Етиопија. „Сè додека тоа не се случи, авионите ќе бидат приземјени“, додал Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ЕУ и Кина почнаа преговори за укинување на царините за кинеските електрични автомобили

Европската унија и Кина почнаа преговори за укинување на царините за увоз на кинески електрични автомобили, објави германскиот весник „Ханделсбат“, пренесе „Ројтерс“.
Европскиот комесар за трговија Марош Шефчовиќ се сретна со кинескиот министер за трговија Ванг Вентао за време на посетата на Пекинг на крајот на март, при што двете страни се договорија спорот за царините на ЕУ да се решат преку преговори.
Европската унија воведе царини за кинеските електрични автомобили кон крајот на минатата година, објаснувајќи дека тие се неопходни за да се спротивстави на евтините кредити, земјиштето и суровини и други субвенции. Целта не беше да се исклучат кинеските производители на автомобили, туку да се создаде рамнотежа на пазарот.
Европската комисија изјави дека е подготвена да ги продолжи преговорите со Кина за алтернативи на царините.
Свет
Жена родила туѓо дете поради грешка на клиника за вештачко оплодување

„Монаш ИВФ“, клиника што работи низ цела Австралија, се извини откако пациентка во една од нивните клиники во Бризбејн примила погрешен ембрион, што значи дека родила дете од друга жена.
Грешката била откриена во февруари, кога родителите што го добиле детето побарале нивните преостанати ембриони да бидат префрлени во друг центар за вештачко оплодување, пренесува „Гардијан“.
„Наместо очекуваниот број ембриони, беше пронајден уште еден ембрион во складиштето на биолошките родители“, соопшти компанијата.
„Монаш ИВФ“ соопшти дека истрагата потврдила оти ембрион од друга пациентка бил по грешка одмрзнат и вграден кај парот.
Грешката се должи на човечки фактор.
Родителите биле известени во рок од една недела од откривањето на инцидентот.
Главниот извршен директор на „Монаш ИВФ“, Мајкл Кнап, се извини за настанот и истакна дека компанијата ќе продолжи да ги поддржува засегнатите пациенти.
„Сите ние во „Монаш ИВФ“ сме потресени и се извинуваме на сите вклучени“, рече тој.
„Преземавме дополнителни проверки и уверени сме дека ова е изолиран инцидент.“
Компанијата ангажирала и високиот правен советник од Викторија, Фиона Меклеод, за да спроведе независна истрага и се обврза да ги спроведе сите нејзини препораки. Инцидентот бил пријавен и до Комитетот за акредитација на репродуктивна технологија и до регулаторот за асистирана репродукција во Квинсленд.
„Монаш ИВФ“ во август постигна спогодба од 56 милиони австралиски долари со повеќе од 700 поранешни пациенти, откако наводно уништиле ембриони поради неисправен генетски скрининг.
Тужбата тврдеше дека околу 35 отсто од ембрионите што биле означени како абнормални преку погрешното тестирање, всушност биле нормални.
Групацијата „Монаш ИВФ“ потврди дека постигнала спогодба преку медијација, но не призна вина.
Регион
Додик: Нема да поднесам оставка, ниту да ја напуштам Република Српска

Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска за руската државна агенција ТАСС изјави дека не размислувал за оставка и дека нема да ја напушти Република Српска.
„Никогаш нема да поднесам оставка под притисок. Ќе ја напуштам политичката сцена само кога граѓаните на Република Српска ќе одлучат дека е време да си одам“, изјави Додик, пренесуваат сараевските медиуми.
Тој додаде дека „сигурно нема да ја напушти РС“, бидејќи, како што рече, „има сè – неговото семејство и неговите најблиски“.
„Таму се чувствувам добро“, истакна Додик, додавајќи дека е посветен „да се залага за Република Српска и да се бори за секој нејзин агол“.
Тој рече дека властите на РС „не се милитаристи, ниту се бунтовничка група и нема од што да се плашат“.
„Законот е на наша страна и се врши очигледна и широко распространета злоупотреба од политичарите во Сараево, особено оние босански муслимани кои се посветени на политичкиот ислам, кој тие го промовираат на овие простори веќе три децении“, рече Додик.
За Додик, премиерот на РС, Радован Вишковиќ и претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, по налог на Судот на Босна и Херцеговина е издадена внатрешна потерница, бидејќи тие се под истрага за напад на уставниот поредок на Босна и Херцеговина.
На 26 февруари, Додик во прв степен беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политичка функција за кривичното дело неисполнување на одлуката на високиот меѓународен претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит.