Македонија
Промовирана Националната студија за безбедност и здравје при работа
Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) денеска ја промовираше Националната студија за безбедност и здравје при работа. Актуелната состојба во оваа сфера, бројот и видот на повреди и несреќи на работните места во Македонија, конкретни препораки за подобрување на состојбите, како и примена на законодавството и праксата на Европската Унија во оваа област беа само дел од излагањата и дебатата за време на настанот.
Автор на Студијата е м-р Трајче Велковски од Машинскиот факултет при УКИМ, а ко-автори се проф. д-р Јасмина Чалоска – професорка на Машинскиот факултет при УКИМ и м-р Милан Петковски – претседател на МЗЗПР. Студијата за Македонија е изработена во рамките на регионалниот проект за унапредување на безбедноста и здравјето при работа преку јакнење на професионалните граѓански организации – „BALcanOSH.net“, а проект е поддржан од страна на Европската Унија.
Долгогодишната соработка на Машинскиот факултет во Скопје со МЗЗПР во делот на образување на дипломирани инженери за заштита при работа, стручни лица за безбедност при работа и профилирање на магистранти за БЗР, продолжува и во научно-истражувачка дејност, истакна на самиот почеток професорката Јасмина Чалоска и додаде дека успешната соработка се заокружува со денешната промоција на Националната студија за безбедност и здравје при работа.
„Се постави прашањето колку е нашето законодавство во делот на безбедноста и здравје при работа хармонизирано со законодавството на ЕУ, односно дали кореспондира со европската директива 89/391. Заклучивме дека законодавството е усогласено, но останува клучното прашање што правиме со имплементацијата“, истакна професорката Чалоска.
Претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски, посочи дека целта на изработените национални студии не е само да се согледаат, туку и да се детектираат и надминат сите слаби точки во областа на безбедноста и здравјето при работа. Петковски посочи дека вакви национални студии, покрај за Македонија, се изработени и за Албанија, Црна Гора, Косово и Србија.
Трајче Велковски истакна дека инвеститорите се интересирале дали во земјата го има човечкиот потенцијал и квалитетен кадар којшто ги задоволува нивните потреби, но и кои се националните прописи и нормативи што треба да ги задоволат во сферата на БЗР.
„Усогласувањето и доработката на Законот за безбедност и здравје при работа е континуиран процес. Би дал пример за позитивна пракса и тоа од земја од регионот, Хрватска, каде што се формираат одбори за БЗР и тоа е обврска на секој работодавач кој има над 50 вработени. Хрватските експерти кои споделија искуства со нас посочуваат дека тамошното решение предвидува по секоја посериозна повреда во рок од 2 работни дена да се состане одборот за БЗР и да направи конкретна анализа со препораки. Очекуваме дека со најновите измени на македонскиот закон ваква или слична одредба ќе се примени и во Македонија“, истакна Велковски.
Тој ја поздрави континуираната успешна соработка со МЗЗПР, а за поголема ефикасност во регулирањето на БЗР во земјава ја посочи потребата од единствен систем за прибирање на податоците за несреќи и повреди при работа.
Покрај за Македонија, национални студии за безбедност и здравје при работа ќе бидат презентирани и за следните земји: Албанија, Црна Гора, Косово и Србија. Студиите се изработени во рамките на проектот „Зголемување на капацитетите и зајакнување на улогата на регионалните граѓански организации за подобрување на работните услови и дијалог со државни институции“ кој е финансиран од страна на Европската Унија (ЕУ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.
Македонија
101 санкција за непрописно вградени фолии во автомобили во јануари
Во периодот од 01.01.2026 до 31.01.2026 Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе сообраќајни контроли на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возачи кои не ги исполнуваат пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата, извести МВР.
При контролата санкционирани се 101 учесник во сообраќајот. На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци, велат од Министерството и додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.

