Македонија
(Видео) Арсовски: Шилегов ќе ги труе скопјани со опасен отров од странство

Петре Шилегов нема намера да се откаже од труењето на скопјани, истакна денеска на прес-конференција Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој зборуваше околу наводите дека сомнителен бизнисмен од Хрватска ќе го пресели опасниот бизнис со отровен отпад од странство, во Македонија.
„Петре Шилегов се уште не одговори дали нов партнер на градот во бизнисот со рециклажа на опасен отпад ќе биде лицето Петар Припуз кој е криминално гонет во Хрватска. Шилегов не кажува дали Припуз кој е сопственик на ЦИОС и уште други десетина компании, ќе го пресели опасниот бизнис со најотровниот отпад од странство во Македонија и ќе ги труе граѓаните на Скопје“, обвини партискиот портпарол.
Арсовски посочи дека Припуз е човек кој во Хрватска е гонет заедно со загребскиот градоначалник, Милан Бандиќ, за сериозни криминали.
„Партнерот на Шилегов се товари дека затаил над 13 милиони евра данок, со тоа што издавал фиктивни фактури на фирми кои што требало да му бидат добавувачи и никогаш не се утврдило дали навистина бил купен отпадот од негова страна односно дали физички стигнал до неговите фирми“, кажа портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој јавно запраша дали намерите на Припуз и Шилегов се да го преселат бизнисот на ЦИОС во Скопје и да реализираат сомнителни бизниси и порача дека сомнителната зделка не смее да се реализира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев на средба со претставник на СЗО: разгледани можностите за соработка

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со Аким Али, Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) во Република Македонија. На средбата беше разгледана работата на СЗО во земјата и можностите за соработка, особено во контекст на ЕУ реформите кои се во тек во областа на јавната администрација.
„Министерството за јавна администрација активно учествува во процесот на модернизација на јавниот сектор и унапредување на ефикасноста на институциите, особено во делот на управувањето со јавните услуги. Успешната реформа на јавната администрација е клучна за создавање на поефикасни и транспарентни институции, кои ќе одговоруваат на потребите на граѓаните и ќе ја поддржат европската интеграција на земјата“, потенцираше Минчев.
Аким Али ги презентираше тековните проекти и иницијативи на СЗО, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка за успешно спроведување на ЕУ реформите во Република Македонија.
Средбата заврши со договор за понатамошно зајакнување на соработката, со фокус на остварување на заеднички цели и унапредување на процесите во јавната администрација.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен во „крвави тендери”, набавка вредна 35 милиони евра, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка

Венко Филипче беше фатен во “Крвави тендери” набавка вредна 35 милиона евра, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче, вели тој, со сила го туркаше проектот за набавка на тестови и реагенси за крвни анализи вреден 35 милиони евра.
„Единствена фирма која се имаше појавено на повикот и со која Филипче беше пред склучување на договор беше АХР ЛАБ, фирма без корпоративна електронска пошта, а ќе остане запаметена по маилот жути@јаху.ком. Венко Филипче чекаше да помине револтот на јавноста за да продолжи да го турка тендерот, но силната реакција на медиумите, ВМРО-ДПМНЕ и јавноста тоа не го дозволија“.
Според него, Венко Филипче нема кредибилитет. Тој е претседател на СДС, само, како што вели, за да може некогаш повторно да дојде во позиција за да ги повтори тендерите како тој со аферата “Крвави тендери”. Манасиевски подвлекува дека Венко Филипче треба да си даде оставка.
Македонија
Вработена како референт дала зелено светло за регистрација на возило без технички и на возач со истечена лична карта, за второто била на боледување

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М. П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Пријавената М. П., референт за управни работи во Одделението за управни работи Куманово, на 20.12.2024 извршила продолжување на регистрацијата на приколката „тирсан“ и на патничкото возило „шеворлет калос“ и покрај тоа што не биле исполнети законски пропишаните предуслови за продолжување на регистрацијата, односно двете возила немале поминато технички преглед.
Исто така, на 27.12.2024 пријавената извршила продолжување на важноста на регистрацијата на патничко возило ‘опел корса’ и покрај тоа што подносителот на барањето не приложил важечка лична карта, односно приложил истечена лична карта, што е и еден од условите за регистрација на возило. Продолжувањето на регистрацијата М. П. го извршила во периодот кога користела боледување. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М. П. поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплината и изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката.