Култура
Со сеќавање на делото на Никола Бувие, Прилеп го одбележа месецот на франкофонијата

Во организација на амбасадата на Швајцарија, Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Општина Прилеп, синоќа во ЦК „Марко Цепенков“ со повеќе настани беше одбележан месецот на франкофонијата. Настаните од годинашното одбележување на франкофонијата беа целосно посветени на ликот и делото на швајцарскиот автор, патописец и режисер Никола Бувие. На почетокот на 50-тите години Бувие неколку недели престојувал во Прилеп, а подоцна во своето дело „Употребата на светот“, неколку страници му посветил на градот под Марковите кули.
Во своето обраќање на свеченото отворање на манифестацијата во кино-салата на ЦК „Марко Цепенков“, градоначалникот Илија Јованоски рече дека му е чест што и Прилеп се вклучи во одбележувањето на месецот на франкофонијата и што чествувањата по тој повод му се посветени токму на Никола Бувие.
„Со овие настани во Прилеп ја продолжуваме воспоставената сестрана соработка и го даваме нашиот придонес во европски рамки во негување на францускиот јазик, како и неговото изучување на нашите простори. Како град од земја идна членка на европското семејство, за нас е од огромно значење размената на културните вредности, искуствата, со почит на посебностите на секоја земја членка. За француската култура и францускиот јазик и литература, во прилепското образование има интерес со децении. Ваквите манифестации, вашето присуство денеска овде, значи само потврда дека Прилеп високо котира и го дава својот придонес во билатералната соработка. Верувам дека освен на културен план, ќе продолжи и нашата економска, трговска и туристичка соработка“, истакна градоначалникот Јованоски.
Многу емоции и силни впечатоци од одбележувањето на месецот на франкофонијата во Прилеп имаше заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томажан.
„Никола Бувие е без сомневање еден од франкофонските автори коишто ги обожувам. Идејата дека тој бил овде и дека јас сум тука по неговите траги навистина многу ме трогна. Благодарен сум им на градоначалникот и на граѓаните на Прилеп затоа што нè угостија, а благодарен сум и на Францускиот институт во Скопје. којшто се приклучи во чествувањето на Никола Бувие. Бувие на некој начин ги поврзува нашите две култури и е симбол на францускиот јазик кој ние го споделуваме“, изјави Томажан.
„Јас сум посебно возбуден денеска бидејќи Прилеп со книгата ‘Употребата на светот’ на Бувие станува еден од духовните центри на светската литература и убеден сум дека мермерната плоча поставена во градскиот парк во Прилеп на која се евоцира неговата реченица дека Балканот е срцето на Европа, што е напишана токму во овој град, ќе прозвучи во многу книжевни меридијани со неговата бескрајна љубов кон овој град“, потенцираше Јордан Плевнеш, писател, драматург и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА – Скопје.
Во рамки на манифестацијата беа прикажани документарните филмови на Јордан Плевнеш „Враќањето на Бувие“ и „Бувот и китот“ на Патрисија Платнер. Во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ беше поставена изложбата на Никола Бувие „Патувања во слики“ на библиотеката од Женева, која специјално за оваа пригода отстапи фотографии и други документи од овој значаен автор. Истовремено, во Центарот за култура беа изложени и творби на ученици од прилепските основни и средни училишта на тема „Патувања“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Премиера и во Подгорица: „Лов на дива свиња“ – женска борба за глас и правда

По успешната праизведба летово на сцената во Македонскиот народен театар, претставата „Лов на дива свиња“ на 7 септември премиерно ќе се одигра пред публиката и во Градското позориште Подгорица. Ден потоа е закажана и првата реприза.
Марија Сарап е современа писателка од Црна Гора, која од неодамна е уметнички директор на Црногорско народно позориште. Поплавска е македонска режисерка што на нашата публика ѝ донесе значајни претстави и долгогодишен соработник на МНТ, каде што ги постави мјузиклите „Чикаго“, „Мама миа“, „Архангелот над Скопје“ и многу други. Претставата „Лов на дива свиња“ е копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште Подгорица и Здружението за развивање уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Во претставата играат актери од двете земји: Ана Стојановска, Искра Ветерова-Славенска и Мина Јелушиќ-Јериниќ од Македонија, како и Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ од Црна Гора.
Режисерката Поплавска која е претседател на „Арт медиа“, иницираше театрите на двете земји да потпишат Меморандум за соработка, а во јуни годинава директорите на двете театарски институции, Никола Кимовски на МНТ и Сандра Вујовиќ на Градско позориште Подгорица, по потпишувањето, решија веднаш да започнат со реализација на претставата „Лов на дива свиња“, што е првиот заеднички проект. Со тоа започнува културната размена што предвидува развој на современата театарска сцена во регионот, поинтензивна соработка и нови регионални иницијативи меѓу Македонија и Црна Гора.
„Лов на дива свиња“ е современа драма и симбиоза на два авторски текста потпишани од Марија Сарап – „План Б“ и „Лов на дива свиња“. Претставата се занимава со интимна и силна исповед за жените, кои преживуваат семејно насилство и фемицид, нивната борба за себеидентификација и начините на кои се соочуваат во токсичните околности каде што се губат себеси. Делата на Сарап, општо земено, се карактеризираат со длабока психологизација на ликовите и истражување на социјалните и семејните теми, често фокусирајќи се на женските перспективи и нивните борби во патријархалните општества.
„Ова е приказна за демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“, вели Сарап.
Режисерката Поплавска додава дека се работи за „Женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата. Оваа претстава е женски крик на сите оние што доживеале дел од она што ние го поставивме на сцената. Претставата ја отвора темата фемицид и истовремено е апел до сите засегнати институции. Мисијата сме ја постигнале, доколку барем некој во публиката одлучи да каже: Доста е!“, истакнува Поплавска и додава: „Со оваа претстава создадовме простор каде што актерите, без разлика на националноста и јазикот, заедно креираат искрена, силна и емотивна приказна. Радоста, енергијата и креативноста се чувствуваа на секоја проба и изведба.“
Претставата се игра двојазично – на македонски и на црногорски јазик, а сензибилитетот на актерите од двете земји ѝ носи дополнителна динамика и културна тежина.
Во претстојниот период, претставата ќе продолжи да се изведува на сцените на Македонскиот народен театар и Градското позориште Подгорица, со ангажман на две технички екипи, додека актерите ќе патуваат на релација Скопје – Подгорица. Соработката меѓу двете институции ја поттикнува долгорочната културна размена и заедничкото творештво на современи автори и уметници од регионот. Покрај изведбите што се планирани во Македонија и Црна Гора, „Лов на дива свиња“ е подготвена и за учество на регионални и меѓународни фестивали, каде што ќе продолжи да ја пренесува својата универзална порака. Проектот е одличен пример за значењето на уметничката соработка и создавање заедничка театарска сцена, која ги надминува границите и промовира важни општествени теми.
Фото: Емил Петров
Култура
„Гола месечина“ 12. пат во Аеродром од 10 до 13 септември

Меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“, традиционално по 12-ти пат ќе се оджи од утре, 10 септември (среда) до 13 септември (сабота), во паркот Авионче во Општина Аеродром.
На првиот фестивалски ден со почеток во 20 часот ќе се одигра претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ. Претставата е на Градско позориште Јазавац – Бања Лука, Босна и Херцеговина, во која играат Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ.
На 11 септември (четврток) ќе се одигра претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ Пројковска и Нино Леви.
На 12 септември (петок) на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
На 13 септември (сабота) ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш. Во претставата, која е дел од Театар Керекеш – Вараждин, Хрватска, играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња.
Истата вечер, од 21:20 часот, како дел од придружната програма, ќе настапи Бојан Велевски со својот стендап-настап.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов, а на последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска Ристов.
Претставите почнуваат од 20 часот, а влезот е бесплатен за сите.
Култура
„Народен пратеник“ и „Бели ноќи“ на сцената на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“

На 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица ќе бидат одиграни две претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар.
На 9 септември, во Центарот за култура „Антон Панов“, публиката ќе може да ги погледне претставите „Народен пратеник“ од 20 часот и „Бели ноќи“ од 22 часот.
Фестивалот годинава свечено е отворен на 8 септември – Денот на независноста, и ќе обедини претстави од Македонија, Србија, Бугарија и Италија.
Првата претстава на МНТ, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, е во режија на Егон Савин. Режисерот не се потпира на драстична модернизација на текстот, туку суптилно ја истакнува безвременската траги(коми)чна вистина за политичката гнилост, како што ја претставил Нушиќ. Претставата е добитник на Специјалната Стериина награда за колективна актерска игра, а колективната енергија доаѓа до израз преку изведбите на Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекирија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
Втората претстава, „Бели ноќи“, е камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, во адаптација и режија на Звездана Ангеловска. Копродукциски проект во кој настапуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Приказната за Сонувачот и Настењка отвора прашања за соништата, љубовта и слободата – и за тоа дали луѓето имаат храброст да ги следат сопствените копнежи или се откажуваат во име на општествените норми.
Со овие две изведби, Македонскиот народен театар го потврдува своето значајно присуство на фестивалот „Ристо Шишков“, кој традиционално претставува еден од најважните културни настани за камерниот театар во регионот.