Економија
Анѓушев и Николовски: Со европски средства и владина поддршка обезбедуваме развој на преработувачката индустрија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, ја посетија компанијата „Сентис АГ“ од тетовско Џепчиште, која претставува пример за користење на средствата од ИПАРД 2-програмата. Оваа компанија во 2018 година склучи договор за искористување средства од мерката „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, кои ги инвестира во набавка на опрема, односно машина за полнење јогурт и два апарата за испитување на квалитетот на млекото, со вкупна инвестиција од 100 илјади евра. Преку бенефициите што ги нуди ИПАРД-програмата компанијата направи поврат на 50 проценти од вложените 100 илјади евра.
Вицепремиерот Анѓушев по извршениот увид на направената опрема истакна дека ова е успешен модел што треба да се примени и во другите преработувачки субјекти и дека е особено корисен за подобрување на статусот и позицијата, како и за заштита на земјоделците во Република Северна Македонија.
„Ова што го видовме денеска тука, една компактна фабрика што ги задоволува сите стандарди за производство, нè охрабрува за понатаму да креираме програми во Владата, кои се насочени кон индустријата, особено за субјекти во преработувачката индустрија на земјоделските производи, затоа што само на тој начин се прави дополнителна и додадена вредност. Со измените во Законот за финансиската поддршка на инвестициите го прошируваме опфатот на компании во делот на опрема за преработка на земјоделски производи за да можеме да ги заштитиме земјоделците. Со проширување во преработка на земјоделските производи тие своите производи нема да мора да ги продаваат само како свежи, туку и преработени производи, со што се зголемува трајноста, а и додадената вредност. Она што е најважно е дека на тој начин земјоделците нема да бидат условени и уценети своите производи да ги продаваат по најниска цена или воопшто да не го продадат својот род и да претрпат финансиска штета, туку ќе му додадат дополнителна вредност на својот труд. Овие програми се дизајнирани токму за да ги решат овие проблеми“, истакна вицепремиерот Анѓушев.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, потенцира дека ефикасната искористеност на мерките што ги нуди ИПАРД 2-програмата е важна за развој на преработувачката индустрија што ќе придонесе и за решавање на клучните предизвици во земјоделството во делот на пласманот и вишоците земјоделски производи.
„Особено ме радува што повеќето од овие средства веќе се слеваат или инвестираат во преработувачката индустрија во делот на целокупниот сектор на земјоделството сè со цел решавање на клучните проблеми во целиот сектор, особно решавање на вишокот производство, но и за производство на прозводи со висока додадена вредност, кои се извезуваат на странските пазари. Оваа компанија е пример за инвестиција во која имаме опрема за производство на јогурт, заедно со дополнителна проверка на квалитетот на производите и ова е успешен пример. Ме радува што на првиот повик од ИПАРД 2-програмата се склучени 950 договори, од кои 760 се веќе реализирани, односно тоа се инвестиции во износ од 8,3 милиони евра“, изјави Николовски додавајќи дека претходниот месец завршија два нови јавни повика од ИПАРД 2-програмата, на кои се поднесени приближно 1.200 барања, чиј износ на инвестиции надминува 33 милиони евра.
Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, изјави дека ваквите инвестиции се важни за економскиот развој на Тетово.
„Ова е компанија што со години дава придонес во развојот на Тетово. Оваа компанија се појавува како корисник на ИПАРД 2-програмата и за нас е важно што повеќе компании да ги користат овие средства“, изјави Арифи.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека ИПАРД-програмата и компаниите што ја користат оваа подршка од ЕУ покажува дека во една рурална средина може да се направи успешна инвестиција.
„На овој начин покажуваме дека максимално се вложуваме овие средства да бидат навремено целосно и искористени. На последниот повик за мерката 3 имаме рекордни 65 барања во износ од 18 милиони евра. Тоа покажува дека интересот на преработувачите е голем, а и целта на државата е токму со развивање на преработувачката индустрија во руралните средини да се овоможи напредок и соодветни услови за живеење во руралните средини“, изјави Бабовски.
Сопственикот на компанијата „Сентис АГ“, Сервет Ќазими, изјави дека постојано инвестираат во модернизирање на производството и за инвестициите ги користат финансиските средства што ги нудат мерките од ИПАРД 2-програмата. Ќазими аплицирал и на вториот јавен повик за мерката 3, „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи“, и ги повика земјоделците да ги користат парите од европските фондови, кои се важни за инвестирање во нови и модернизирање на постојните преработувачки капацитети.
Инаку, во овој период барањата од последните два јавни повика од ИПАРД 2 забрзано се обработуваат во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој со цел побргу да се склучат договорите со апликантите. Кон средината на оваа година е планирано да се објави нов повик за мерките од ИПАРД 2-програмата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.
Економија
Биткоинот забележа силен пад
Цената на биткоинот денеска падна под 67.000 долари, првпат од ноември 2023 година, во услови на засилена распродажба и намалена доверба кај инвеститорите, објави Си-Ен-Би-Си.
Биткоинот се тргуваше по цена од околу 67.500 долари, откако претходно во текот на денот падна под психолошката граница од 70.000 долари, што дополнително ја засили распродажбата. Само оваа недела вредноста на криптовалутата е намалена за околу 20%, а во однос на рекордното ниво од октомври минатата година е пониска за речиси 47%.
Аналитичарите предупредуваат дека нивото од 70.000 долари претставува клучна техничка и психолошка граница и дека нејзиното пробивање отвора простор за понатамошен пад, потенцијално кон опсегот од 60.000 до 65.000 долари.
Падот на биткоинот се случува паралелно со слабеењето на технолошките акции во САД и зголемените присилни ликвидации на криптопазарот. Според податоци на Coinglass, оваа недела се ликвидирани повеќе од 2 милијарди долари во долги и кратки позиции.
Во исто време, институционалните инвеститори се повлекуваат. Аналитичката куќа CryptoQuant наведува дека побарувачката од институционални инвеститори значително се намалила. Другите криптовалути исто така бележат значителни загуби.
Економија
„Сетек“ отвора нов продажен салон во Godi Retail Park
Сетек – ја зацврстува својата лидерска позиција на македонскиот пазар со повеќе од 32 години доверба и врвна понуда на најновите производи од најпрестижните светски брендови.
Брендот продолжува со својата мисија да ја донесе технологијата поблиску до своите потрошувачи, да ги понуди најдобрите услови, најповолните цени и најдобрата услуга.
Големото отворање ќе се одржи од 6 до 8 февруари, ново место, нова енергија, нов, модерен Сетек продажен салон во Godi Retail Park – Скопје, со промотивни цени, најголеми попусти и над 300 подароци за најверните купувачи.
Во текот на отворањето, посетителите ќе имаат можност да уживаат во интерактивни демо-зони со тестирање и дегустации на врвни производи, како и специјална забавна програма.
СПЕЦИЈАЛНА ПРОГРАМА:
Петок, 6 февруари – забава со Гораст и Тони Зен
Сабота, 7 февруари – забава со Викса и DJ Дела
Подароци ве очекуваат со секоја сметка над 10.000 денари.
Посетете нè и бидете дел од најголемата технолошка забава во градот!
Количините се ограничени. Промотивните цени важат исклучиво во СЕТЕК Godi Retail Park – Скопје.
(ПР)

