Македонија
МАНУ сака да стане Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) претпочита нејзиното ново име да гласи – Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ. Ваквото мислење било усвоено на денешната консултативна седница на која биле разгледани предлозите на Владата за преименување во: Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ или Национална академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ.
„По обемна и конструктивна дискусија, се заклучи да се упати мислење до Владата на Република Северна Македонија, според кое, мнозинството членови на Академијата го претпочитаат името Академија на науките и уметностите на Република Северна Македонија – МАНУ. Академијата исто така истакнува дека таа не донесува одлука за преименување на Академијата, односно дека одлуката ќе ја донесе Владата на Република Северна Македонија почитувајќи го утврдениот предлог на мнозинството членови на Академијата“, се наведува во соопштението.
Според нив, кратенката МАНУ, како составен дел на новото име, има суштинско значење бидејќи, од една страна, е поврзано со идентитетските прашања, а од друга, со ова решение отпаѓа потребата од промена на веб-адресата на Академијата.
Академијата истакнува дека уште пред шест месеци кога се одржала научна расправа во МАНУ за спогодбата од Преспа и кога станало јасно дека ќе мора да го промени името, раководството на Академијата инсистирало при донесувањето на одлуката да се води сметка за тоа дека Академијата е препознатлива по придавската референца МАНУ и оти на веб-страницата стои придавката manu, односно masa на англиски јазик. Понатаму, се додава дека основната дејност на Академијата се остварува во автономните сфери на општеството во која државата, според Уставот, има ограничени компетенции и станува збор за институција со поширок меѓународен углед.
Од Академијата велат дека ваквата аргументација била во целост прифатена од Владата на Република Северна Македонија, а наишла и на разбирање кај грчката страна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прифати да биде покровителка на 60. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја прими Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, театролог, писателка и редовна професорка на Драмскиот факултет во Скопје.
Директорката детално ја запозна со програмата на 60. јубилејно издание на фестивалот којшто ќе се одржи во јуни следната година под провокативното мото „Храбриот нов театар“.
„Импресионирана од иновативноста на програмската содржина, претседателката со задоволство прифати да биде покровителка на фестивалот. Соговорничките споделија мислења за македонската драматургија, местото и улогата на славните глумци во неа, но и хроничните проблеми со коишто се соочуваат театрите, вклучувајќи ги и најтешките: просторните и финансиските. Сепак, недвосмислено заклучија дека театарот мора да остане жив и витален, обидувајќи се да привлече нова публика меѓу децата и младите, воден од чесната намера да ја поттикне кај нив љубовта кон уметноста. Претседателката смета дека знаењето, професионалноста, храброста и ентузијазмот на директорката и нејзиниот тим гарантираат незаборавен фестивал којшто заслужува институционална и финансиска поддршка“, соопштија од претседателскиот кабинет.
Македонија
Гаши на средба со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денес одржа работен состанок со ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопјe, проф. Беким Фетаји, како и со претседателот на Синдикатот на Универзитетот, проф. Авни Авдиу.
За време на средбата, соговорниците разговараа за можностите за зајакнување на соработката меѓу Собранието и академските институции, со посебен фокус на подобрување на квалитетот на образованието и потребата од одржливи реформи во оваа област.
Беа разменети мислења за конкретни чекори што можат да се преземат за подобрување на условите за академскиот кадар и студентите, како и за зголемување на ефикасноста и транспарентноста на образовниот систем.
Ректорот го информираше претседателот за развојните проекти и планови на Универзитетот, додека претседателот Гаши, од друга страна, изрази целосна подготвеност да ги поддржи овие напори, соопштија од Собранието.
„Гаши високо го пофали придонесот на Универзитетот „Мајка Тереза“ и целиот персонал во развојот на образованието во земјата, охрабрувајќи ги континуираните напори за квалитетно, современо и инклузивно образование“, се наведува во соопштението.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваната кинеска амбасадорка Џианг Сјаојен
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Народна Република Кина, Џианг Сјаојен.
Обете изразија задоволство од квалитетот на македонско-кинеските односи, втемелени на заемна почит и разбирање.
За Сиљановска-Давкова, забрзаната интеграција во Европската Унија е македонски стратешки приоритет, а дијалогот – единствен начин за решавање на регионалните и глобалните проблеми и предизвици.
Пренесувајќи ги срдечните поздрави од претседателот Си Џинпинг и изразите на највисоко почитување од кинеската влада и народ, кинеската амбасадорка истакна дека Народна Република Кина е наш искрен, доверлив и сигурен пријател којшто ги почитува суверенитетот на македонската држава и достоинството и интегритетот на македонскиот народ.
Претседателката ги поздрави активностите на Катедрата за македонски јазик, при Универзитетот за странски студии во Пекинг.
Соговорничките препознаа неискористен потенцијал за проширување и продлабочување на соработката во економијата, образованието, културата, науката и туризмот.
Тие веруваат и го поддржуваат ефективниот мултилатерализам, чијшто центар на одлучување ќе бидат реформираните Обединети нации.

