Македонија
Партијата на Љубе Бошкоски со поддршка за Стево Пендаровски

Претседателството на Обединети за Македонија во поширок состав, на својата синоќешна седница, донесе едногласна одлука за подршка на заедничкиот кандидат за претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
„Поддршката на кандидатот зад кој, патем, застанаа триесетина политички партии, за ОМ претставува и продолжување на 2014 и доследност со која Обединети за Македонија застануваат зад обединување и заедништво“, велат од партијата чијшто основач е Љубе Бошкоски.
Претседателството оценува дека во овие извонредно значајни моменти за земјата, од исклучително значење е обединувањето, чија цел се заедничка изградба на стабилно, економски развиено и просперитетно општество.
Поради тоа, додва Обединети за Македонија, од исклучителна важност е Република Северна Македонија да добие претседател кој ќе ги обедини граѓаните, без оглед на нивната национална, етничка или верска припадност, претседател кој ќе соработува со извршната власт, ќе гледа кон иднината и ќе промовира заедништво и реформски капацитети во државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И јас и Таравари вчера избегавме од ДУИ, сега преговори со нив значат испорачување фактури од ДУИ, вели Меџити

Сите коалиционери во „Вреди“, освен министерот за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, сметат дека единствена опција им е коалицијата да прерасне во политичка партија. Министерот за животна средина и лидер на партијата Демократско движење, која е дел од „Вреди“, Изет Меџити, денес, јавно, од говорницата во Владата го повика Таравари да ги прекине преговорите со ДУИ и да остане во „Вреди“ за Албанците да имаат два табора, како што има во Косово и во Албанија.
„Јавно го поканувам Таравари да рефлектира. Тој е дел од ‘Вреди’, го сакаме внатре во ‘Вреди’. Граѓанинот, гласачот, сака ‘Вреди’ за се фузира во една партија за да има два табора во албанскиот блок, да има конкуренција меѓу Албанците. Да не биде еден наспроти десет за и да се распредели албанскиот глас, туку да има два табора. Најсилниот табор е ‘Вреди’, каде што е Алијансата на Таравари, каде што го посакуваме, но крајно време е да се повлече од преговорите со ДУИ. Не може да биде и дел од ‘Вреди’ и да разговара со ДУИ“, рече Меџити.
Тој побара Таравари да се одлучи и да пресече оти не е во интерес ниту на коалицијата ниту на граѓаните да преговара со ДУИ.
„И јас и тој вчера избегавме од ДУИ, која не беше на ова дереџе. Сега една ДУИ, која е на црните листи, со половина претседателство барани за корупција, соработката со нив ќе значи дека треба да се испорачаат и фактури од таму оти тие ќе имаат некои барања. Преговорите со ДУИ значат дека може да испорачаат и фактури од ДУИ. Тогаш ќе се коси со политиките на Владата“, рече Меџити.
Тој и денес, исто како и претходните денови, објаснуваше дека коалицијата Вреди е формирана како антипод на ДУИ и дека идејата да прерасне во една политичка партија е од формирањето на коалицијата. Се чекал погоден момент, а наводните преговори на Таравари со ДУИ биле аларм дека тоа мора да се направи сега.
„Ова не е нова идеја туку е идеја од почеток. Тогаш не сакавме ниту да избрзуваме со овој процес ниту да го оставиме на заборав. Затоа оценивме дека е време посебно со вие превирања каде господинот Таравари јавно искажува дека има две опции, се поставува како партнер, не дел од Вреди, значи може да преговара и со Вреди и со ДУИ. Во оваа ситуација оценивме, другиот дел од Вреди, дека е време да ги затвориме темите на мали политички партии и да го формираме Вреди како алтернатива на Албанците која ги донесе промените, победи на изборите и ќе ги предводи промени за граѓаните да ги чувствуваат разликите“, рече Меџити.
Преминот на Вреди од коалиција во еден политички субјект, според Меџити реално е почнат од мината година оти веќе имаат заеднички тела како што е центарот за информирање, кадровската комисија и други тела во кои свои членови имаат сите коалиционери во Вреди.
Како коалиција, Меџити рече дека Вреди освоила историски рекорден број гласови како албанска опозиција, но гласовите не се на само една партија која е дел од коалицијата туку на сите заедно и затоа смета дека обврска им е така и да продолжат.
„Од деведесеттите досега имало коалиции и коалиции. Десетици и стотици коалиции во Република Северна Македонија, но никогаш не се случило во Влада да се заедно, а на локални да одат на посебни листи и да се поделат“, рече Меџити и потврди дека Таравари бил надгласан од останатите коалиционери оти предложил сите да одат со посебни листи.
Како втор политички аргумент против предлогот на Таравари, Меџити наведе дека за листите за советници основата е Донтовиот систем кој што ги фаворизира големите.
„И ние како Вреди сме во големите и место да користиме гласови кои ќе изгорат кај малите политички субјекти, ние бараме од големите да преминеме кај малите. Тоа веќе не е во интерес и во функција на Вреди туку оди во прилог на друга политичка партија“, рече Меџити.
Министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, пак, вчера рече дека ако останатите коалиционери во Вреди веќе се договориле да се спојат во една политичка партија, тој е подготвен да им го отстапи името Вреди, а на локалните избори да излезат сами како Алијанса за Албанците. Отсечно негираше дека преговара со ДУИ за локалните избори и кажа дека му се допаѓа концептот Вреди да прерасне во политичка партија.
Македонија
Таравари за уапсениот директор на геријатрија кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој кој се огрешил мора да одговара“

Алијансата на Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.
Од партијата на Таравари, чијшто кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан.
„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.
Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните.
„Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, децидна е партијата која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Стоиме на располагање, велат од Министерството за здравство по информациите за апсењето на директорот на Геријатрија

Министерството за здравство соопшти дека се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, велат од Министерството за здравство.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а според неофицијалните информации во јавноста, едниот од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.