Свет
Мексиканскиот претседател побара извинување од шпанскиот крал и од папата Франциско за освојувањата од 16 век
Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор официјално побара извинување од шпанскиот крал Фелипе Шести и од папата Франциско за шпанското освојување пред речиси 500 години, пренесува РТ.
Во писмото се наведуваат масакрите што се случиле за време на шпанските освојувања на домородните народи во Мексико во текот на 16 век. Тој исто така посочува на принудното наметнување на католичката вера, како и на кршење на човековите права од силите што дејствувале во име на шпанската круна.
„Црквите беа изградени над храмовите, нашите патриотски херои беа екскомуницирани. Ќе се помириме, но првин бараме извинување“, рече Обрадор зборувајќи меѓу урнатините на еден антички мексикански град.
Шпанското Министерството за надворешни работи веднаш објави соопштение со кое ја отфрли содржината на писмото на Обрадор.
„Пристигнувањето пред 500 години од страна на Шпанците на денешната мексиканска територија не може да се суди според современите размислувањ. Владата на Шпанија ја потврдува својата подготвеност да соработува со владата на Мексико“, се вели во документот од шпанската влада.
Шпанија во моментот е еден од најголемите извори на директни странски инвестиции во Мексико, но мексиканската влада допрва треба да го ратификува новиот договор за слободна трговија постигнат со Европската Унија во средината на 2018 година. Мексико исто така се гордее со втората по големина римокатоличка заедница во светот по Бразил.
Шпанското освојување почна со доаѓањето на Ернан Кортез во 1519 година, а моќната астечка империја на крајот беше поразена отворајќи го патот за 300 години шпанско владеење. Мексико доби независност по 11-годишната војна, која заврши во 1821 година, по што во 1824 година стана федерална република.
Обрадор (65) дојде на власт во декември и одржува пријателски односи со централната левичарска влада на Шпанија од неговиот избор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Врховниот лидер на Иран: Ова е предупредување до Америка
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, им честиташе на социјалните мрежи на учесниците на денешните провладини собири.
Во серија објави на X, ајатолахот сподели фотографии од провладини демонстранти и рече дека тие „одлично ја завршиле работата“ и „го спречиле планот на странските непријатели, кој требало да го спроведат домашни платеници“.
„Големата нација Иран им се покажа на своите непријатели, заедно со својата решителност и идентитет“, додаде Хамнеи.
„Ова беше предупредување до американските политичари да престанат да бидат измамници и да не се потпираат на предавнички платеници“, додаде тој.
Свет
Украинската војска објави видео: Го освоивме градското собрание во Купјанск
Украинските одбранбени сили ја вратија контролата врз зградата на Градскиот совет на Купјанск, објави Вториот корпус на Националната гарда на Украина (НГУ), познат како Хартија.
„Хартија воспостави контрола врз зградата на Градскиот совет на Купјанск. Единицата за пребарување и уништување на Хартија и тактичката група Купјанск ги завршуваат операциите за расчистување во градот, кој беше деблокиран за време на успешната операција предводена од командата на Вториот корпус на НГУ“, се вели во соопштението.
Корпусот објави снимка од GoPro камера за која тврди дека е направена од борци од 4-тиот баталјон Хартија за време на упадот во зградата на Градскиот совет на Купјанск. Војниците од извидувачката и ударна група на баталјонот го кренаа украинското знаме над градскиот совет во центарот на Купјанск.
„Операцијата во Купјанск докажува дека благодарение на планирањето, стручноста на командантот и штабот и висококвалитетната подготовка на единиците – сето тоа го нарекуваме метод на Хартија – е можно успешно да се запре и уништи непријателот“, рече полковник Ихор Оболенски, командант на Вториот корпус.
Свет
Белата куќа: Трамп не се плаши да употреби воена сила против Иран
Портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп „покажал дека не се плаши да употреби воени опции“ кога смета дека е потребно.
„Мислам дека едно нешто во што претседателот Трамп е многу добар е тоа што секогаш ги држи сите опции на маса, а воздушните напади би биле една од многуте, многу опции што се на маса“, изјави Ливит пред новинарите.
Во исто време, таа додаде дека „дипломатијата е секогаш првата опција“ за Трамп.
„Претседателот ви кажа на сите синоќа дека она што јавно го слушате од иранскиот режим е многу различно од пораките што администрацијата ги добива приватно“, рече Ливит.
„Претседателот покажа дека не се плаши да користи воени опции ако и кога смета дека е потребно, а никој не го знае ова подобро од Иран“, заклучи таа.
фото/депозитфотос

