Регион
Словенија рекордер во ЕУ и во светот во поскапување на становите
Цените на становите во Словенија минатата година се зголемија најмногу во светот, а такво рекордно поскапување на цените во изминатата деценија бележат само Исланд и Хонгконг, пишува денес „Пословни дневник“.
Зад Словенија се Малта, Кина и Унгарија, според анализата на компанијата „Најт Франко“, која ги следи цените на недвижностите на глобално ниво.
Според словенечката државна статистика, цените на недвижностите во Словенија во последниот квартал од 2018 година се зголемија 18,2 отсто во споредба со истиот период од 2017 година.
За зголемувањето на цената на становите во Словенија најмногу придонесе растот на цените на старите недвижности од 19,8 проценти, пишува „Пословни дневник“.
Словенечката геодетска управа неодамна објави дека просечната цена на квадратен метар на стар стан минатата година изнесуваше 2.770 евра и дека минатогодишното просечно поскапување на старите станови во Љубљана го надмина рекордното ниво од 2008 година.
Во словенечките агенции за недвижности велат дека развојот на туризмот во Словенија во голема мера придонесол за нагло зголемување на цената на станбените недвижности и дека во Љуљана, на брегот и на други атрактивни туристички локации се купувале станови за изнајмување туристи, но дека овој бум полека престанува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поставен рекорд во центарот на Белград: 1.000 гитаристи свиреа истовремено
Концертот на Guitar Art денеска собра 1.000 гитаристи на Трг Република во Белград, кои поставија национален рекорд во присуство на инструменталисти кои свират на гитара и слични инструменти на едно место во Србија свирејќи во рокенрол прослава со познати музичари, пренесе српска „Политика“.
Концертот „1.000 гитари“ ги привлече пред се во центарот на Белград најмладите гитаристи и нивните учители, но заедно свиреа цели семејства, составени од три генерации: дедо, татко и син…
Имаше мајки и ќерки кои „замавнаа“ со белградскиот блуз квартет и специјалните гости на концертот, меѓу кои Дејан Цукиќ, Ју групата, Кики Лесендриќ и Пилотите, Срѓан Гојковиќ Гиле, Бојана Стаменов, Никола Чутурило – Чутура. „Ова е конечно моментот кога барем на еден час ги заменуваме силиконите за витамини на Трг Република. Ова е сеќавање на мојата младост и почетоци во рокенролот. Среќен сум“, изјави Никола Чутурило Чутура за Танјуг.
За неколку минути неколку илјади љубопитни луѓе се собраа на Трг Република да уживаат во првокласен музички настан.
Регион
Загинаа две лица, а пет се водат како исчезнати по судар на чамец и крузер во Дунав кај Будимпешта
Две лица го загубија животот доцна синоќа, а пет се водат за исчезнати во судар на мал моторен чамец и крузер на реката Дунав северно од Будимпешта, соопшти денеска унгарската полиција.
Телата на возрасен маж и жена се пронајдени северно од главниот град, а властите се уште трагаат по пет исчезнати лица.
Сома Чечи, портпарол на полицијата во Будимпешта, на прес-конференција рече дека, според досегашните сознанија, во чамецот имало вкупно осум возрасни лица и потврди дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати. Тројца мажи и две жени моментално се бараат со глисери и дронови, јавуваат унгарските медиуми.
Полицијата соопшти и дека во градот Комаром бил запрен поголем брод, а од увидот било откриено дека му е оштетен страничниот дел. Се врши увид и во тек е истрага за опасноста по водениот пат и смртта на неколку лица.
Регион
По обидот за атентат словачкиот премиер Фицо е надвор од животна опасност
Словачкиот премиер Роберт Фицо е надвор од животна опасност по обидот за атентат, изјави денеска министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак за словачката новинска агенција ТАСР.
Состојбата на Фицо се подобрува, а лекарската комисија утре треба да одлучи дали тој ќе биде префрлен. Фицо моментално се опоравува во универзитетската болница во Банска Бистрица.
Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина неколку пати пукаше со пиштол во него. Специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, со силно полициско обезбедување вчера му одреди притвор на Цинтула.