Македонија
(Видео) Видевска: Како што тргнала работата, прилепчани ќе почекаат за нов театар
Денес е Светскиот ден на театарот. Лагите од предизборните ветувања на градоначалникот Јованоски излегуваат секојден на виделина. Потсетуваме како истиот во предизборната кампања, директно пред градскиот театар, вети дека наместо руинираната зграда, ќе се заложи за изградба на нов објект. Денес нема ништо од тоа ветување, изјави Жанета Видевска, од ОК ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Според неа, место почнување со реализација на ветеното, прилепчани сведочат како тоа локалната самоуправа наместо реализација на проектите, преку соопштенија ги известува за некакви дополнителни анализи, консултации со експерти, смена на планови, обезбедување средства или, едноставно кажано, ја користи веќе видената ,,ЌЕ” реторика, за да ја прикрие својата неспособност.
„И немало да има сега нова зграда како што ветија, туку ќе се градел театар во постојната зграда на Домот на културата ’Марко Цепенков’, во таканаречениот блок Д. Како што тргнала работата прилепчани ќе почекаат за нов театар. Министерството за култура по промената на власта, покажа дека има некои чудни приоритети, како со срамната програма, така и со и програмата за инвестиции. Нема реализација на ветеното, нема градежни активности, туку има некое мачкање очи со подготовка на проектни програми, идејни решенија и слично.
Да го потсетиме градоначалникот во случај да заборавил дека му помина речиси година и пол од мандатот, со што му остануваат нешто повеќе од две години. И наместо локалната самоуправа да ја замајува јавноста дека се сменил планот, како тоа дека ќе никнеле нови три базени во Точила, или дека ќе се изгради театар во „Марко Цепенков“, да почнат да го реализираат ветеното за кое ги гласаа прилепчани. Воедно по повод овој ден, сакаме да упатиме честитка до прилепските актери и сите културни работници кои творат во ова поле. Нивната посветеност, многубројни награди и прикажани претстави, прават да се чувствуваме горди на нив”, додаде таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нови авиолинии, повеќе туризам, посилна трговија: Николоски и амбасадорот на Црна Гора за поблиски врски меѓу двете земји
Заменик претседателот на Владата и министерот за транспорт Александар Николоски оствари работна средба со амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија, Зоран Миљаниќ.
На средбата се разговараше за актуелните состојби во двете земји, притоа акцент се стави за можноста за воспоставување на нови авиолинии и подобро поврзување на врските меѓу двете земји.
Вицепремиерот го запозна амбасадорот Миљаниќ со инфраструктурните проекти како и со реформските процеси што се спроведуваат во насока на исполнување на европската агенда, притоа беше истакната силната инвестициска активност во изградба и модернизација на меѓународните коридори, кои имаат силно влијание врз регионалниот развој и соработка.
На средбата се разговараше и за зголемување на економската соработка, трговската размена како и соработката во туризмот.
„Со амбасадорот разговаравме за подобрување на билатералните односи особено за можноста за воспоставување на авио поврзување меѓу двете земји. Исто така отворивме теми и за унапредување на трговската соработка, туризмот и се што е во интерес на двете земји. Црна Гора е наша пријателска земја и очекуваме дека во име на таквиот партнерски однос, соработката меѓу двете земји ќе продолжи и во наредниот период”, истакна вицепремиерот Николоски.
Двајцата соговорници се согласија на интензивирање на понатамошната соработка, посебно во делот на зголемување на економските односи меѓу Македонија и Црна Гора.
Македонија
За возачките дозволи, државата мора да создаде услови што нема да ги оштетат ранливите заедници, порачува Мрежата за заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација реагира на јавниот дискурс поврзан со прашањето за управување со моторни возила и неговата трансформација во, како што наведуваат, сензационализирана дебата проследена со говор на омраза и стигматизација.
Од Мрежата посочуваат дека почитувањето на законите е обврска на секој граѓанин, но истовремено обврска на државата е да обезбеди услови во кои тие законски критериуми ќе бидат еднакво применливи за сите граѓани, без разлика на нивната припадност. Тие предупредуваат дека кога таквите услови не постојат, последиците најчесто ги трпат ранливите заедници, што ја продлабочува недовербата во институциите.
Во соопштението се нагласува дека јавниот простор во последните денови бил исполнет со пораки кои ја продлабочуваат стигмата кон ромската заедница. Според Мрежата, јавната дебата за управување без возачка дозвола многу брзо прераснала во наратив што ги редуцира Ромите на колективен проблем, наместо да се дискутираат основните структурни предизвици, како што се ограничениот пристап до образование, вработување и основни услуги.
„Расизмот кон Ромите останува клучна пречка поради која бројни политики и стратегии со децении не даваат резултати. Сведоци сме на повеќекратна дискриминација, особено кон жените Ромки“, се наведува во соопштението.
Мрежата истакнува дека сегрегацијата во образованието и исклучувањето од образовниот процес сè уште се реалност за значителен број ромски деца, и покрај пресудите од домашните и меѓународните судови. Оттаму, наместо исклучиво казнени пристапи, потребни се долгорочни и системски решенија што ќе обезбедат реален пристап до образование, вработување и социјална поддршка.
Организацијата предупредува и на зголемениот обем на говор на омраза и повици за насилство во јавниот простор, при што бара од институциите да постапуваат доследно, без разлика кон кого се насочени. Според нив, јавниот дискурс, особено кога доаѓа од високи функционери, мора да биде одмерен и одговорен.
Мрежата апелира и до медиумите да известуваат одговорно, без сензационализам и без ширење на наративи што поттикнуваат омраза и стигматизација. Посебно укажуваат на потребата онлајн порталите да ги модерираат коментарите под објавите и да ги отстрануваат содржините што содржат закани, говор на омраза и повици на насилство.
На крајот, Мрежата потсетува на обврските на државата според Општата препорака XXVII на Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација, нагласувајќи ја потребата од активни и насочени политики за инклузија на Ромите и елиминација на сегрегацијата и нееднаквиот третман.
Македонија
„Не мора да се уништи зеленилото за БРТ“ – Зелен хуман град со порака до властите
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира на изјавата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, во која тој посочил дека проектот за воведување на брз автобуски превоз (БРТ), финансиран со кредит од 70 милиони евра од ЕБОР, мора да се продолжи како решение.
Од иницијативата нагласуваат дека не е точно оти проектот мора да се изведе по постојниот план кој предвидува уништување на 7.000 дрвја и грмушки, посебно имајќи предвид дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот.
„Истата банка ЕБОР во минатото сакаше да даде кредит на МК и за изведба на експресен пат сред национален парк Галичица со што ќе се дозволеше уништување на паркот и благодарение на Охрид SOS, тој девастирачки проект се запре. Сега пак ни се заканува уништување на белите дробови на Скопје кое мора да го спречиме!“, велат од „Зелен хуман град“.
Од таму посочуваат дека БРТ може да се изведе многу поедноставно и поевтино, со издвојување на постоечка десна лента за автобуси, без да се наруши средишното зеленило, со што ќе се избегне и блокирање на градот со години.
Дополнително, активистите предупредуваат дека токму под зеленилото што е предвидено за отстранување поминува главната водоводна цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење од изворот Рашче – објект од, како што велат, непроценливо економско и стратешко значење.
„Тоа не смее да биде ставено во ризик за ничиј личен каприц, особено кога постојат алтернативи што го постигнуваат истото без штета“, порачуваат од иницијативата.

