Македонија
Арсовски: Заев да одговори дали фирмите во Бугарија се отворени за учество во рудникот „Иловица“

Зоран Заев се крие по скандалот со трите фирми што кланот Заеви ги отворил во еден стан во Петрич во соседна Република Бугарија, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Арсовски изрази сомнеж дека овие фирми, или барем две од нив, се отворени со намена да учествуваат во работењето на рудникот „Иловица“ во Струмичко.
„Рудник за кој претходно Зоран Заев беше против да се гради, но сега полека ја менува реториката. Прашуваме, дали Заеви ги отворија овие фирми, чија дејност е транспорт и логистика на две од три фирми, за да добијат бизнис што се проценува дека е вреден најмалку 10 милиони евра годишно за транспорт на целата руда од Иловица до Република Бугарија, каде што таа руда ќе се топи? Одговорот треба да го даде Зоран Заев. Знаејќи дека Зоран Заев е главниот на кланот Заеви, кој уште од периодот кога беше градоначалник овозможуваше тендери за семејните и пајташките фирми, ваквиот сомнеж со право се поставува како прашање. Дополнително, јавноста се сеќава дека една од семејните фирми на Заеви кога тој стана премиер на Република Македонија доби концесија од Владата на Заев, односно од сам себе, за ископување минерални суровини“, рече Арсовски.
Тој додаде дека граѓаните веќе слушнале и за скандалот кога камиони со струмички таблички во сопственост на фирма на Заеви транспортирала јаглен во РЕК „Битола“. Според Арсовски, тоа значи дека постојат сериозни индиции дека и досега семејните фирми на Заев со негова помош и знаење добивале бизниси за ископ на суровини и за транспорт на руда.
„Затоа, со право се поставува прашањето дали фирмите на Заеви во Бугарија треба да добијат бизнис во рудникот ‘Иловица’, притоа да се преставуваат како странски фирми и на тој начин да го зголемат своето богатство за стотици милиони евра во наредните години?
Одговори за ова мора да има. Секој молк од страна на Заев се толкува како потврда дека ова што го говориме е точно. Тој молчи со денови и со денови се крие. Очекуваме дека кога ќе заврши фазата криење, ќе почне да се заканува до медиумите, до партијата, но она што вистински треба да го направи е да одговори за која цел се отворени фирмите на Заеви во Петрич и зошто безобразно ја лажеше јавноста дека нема фирми во странство“, рече Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Зелен хуман град“: Решение за депониите не е јавно-приватно партнерство, туку нула отпад

Активистите на „Зелен хуман град“ реагираа на изјавата на премиерот за депониите, оценувајќи дека најавите за ново јавно-приватно партнерство за управување со Дрисла се погрешен пристап.
„Премиерот вчера изјави дека неговата партија ќе барала на тендер фирма за јавно-приватно партнерство што ќе управувала со Дрисла. Неговата партија не го создала проблемот со депониите, ама ќе го решела. Веќе го спроведоа ова решение и што ни донесе тоа? Една деценија изгубена и нула од ветените инвестиции. Отпадот заврши во рацете на криминалци кои, според јавно достапните информации, вршеа нерегулиран увоз на контејнери со отпад“, велат од иницијативата.
Тие потсетуваат дека „според Европската комисија меѓу 15 и 30 отсто од отпадот извезен од ЕУ завршува како нелегален транспорт во земји со слаба легислатива како Македонија“.
„Се декларирате ко патриоти, а не постои попатриотски чин од заштита на животот и здравјето на жителите на Македонија. Секоја следна година се давиме во сè повеќе отпад и дишеме сè позагаден воздух од кој умираат илјадници луѓе годишно“, додаваат активистите.
Како решение тие го предлагаат концептот „нула отпад“ кој, според нив, опфаќа: дисперзирани компостари за биоотпад во секое маало („60-80% од отпадот е биоотпад“), постројки за преработка на градежен шут, масовна едукација за примарна селекција (стакло, метал, пластика, хартија, електронски отпад), работилници за поправка и реупотреба на мебел и електроника, извоз на преостанатиот отпад во земји со функционални институции.
„Депонирањето е практика од минатиот век. Современите општества се стремат кон нула отпад. Јавно-приватното партнерство е форма на приватизација на јавното на мала врата. Приватникот нема интерес да ја намали количината отпад, туку обратно – му треба постојан проток за профит“, истакнуваат од „Зелен хуман град“.
Во соопштението се потсетува и на случајот со увоз на токсичен отпад: „Сите го паметиме случајот со отпадното масло забрането во ЕУ, кое во Македонија лажно се претставуваше како мазут и се користеше дури и во државни институции и болници“.
„На Дрисла не ѝ требаат странски пари ниту донации. Нам ни треба нашите пари, со кои за несреќа располагате, да бидат наменети за приоритетите што ние, граѓаните, ги имаме, наместо да завршуваат во џебовите на корумпирани политичари“, порачаа од иницијативата.
Македонија
Заменик директорот на Царина: Со националниот едношалтерски систем ги поставуваме темелите за одржлив раст и посилна регионална поврзаност

Националниот едношалтерски систем е еден од клучните столбови во градењето на потранспарентно, поефикасно и интероперабилно царинско опкружување. Со овозможување на поднесување на сите документи преку една влезна точка, системот го намалува административниот товар, ја зголемува усогласеноста, ја зајакнува довербата помеѓу јавниот и приватниот сектор, ја подобрува координацијата меѓу граничните институции и создава поповолна бизнис-клима. Ова го истакна заменик директорот на Царинската управа, Мустафа Даути, во воведното обраќање на тридневната Регионална работилница за царинските управи на Западен Балкан, што се одржува во Скопје во организација на Програмата за развој на трговското право при Министерство за трговија на САД во координација со Царинската управа, како и Европската комисија, Министерството за финансии на Полска и Финансиската управа на Словенија. На настанот поздравно обраќање имаа и Барнабас Биркланд, економски аташе на Амбасадата на САД и Але Тајлер, правен советник при Програмата за развој на трговското право при Министерство за трговија на САД.
Националниот едношалтерски систем како дел од Проектот на Светска банка за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан претставува голем чекор напред и за нашата земја и за целиот регион, вели Даути.
„Проектот има за цел да ги интегрира и поедностави сите царински постапки во една унифицирана дигитална платформа, овозможувајќи побрзо спроведување на царинските процеси и унапредена соработка помеѓу различните институции. Ова ќе резултира со поедноставување на процедурите за увоз, извоз и транзит, како и намалување на трошоците, зголемена ефикасност и транспарентност. Оваа иницијатива не се однесува само на технологијата, таа ги поставува темелите за одржлив раст и посилна регионална поврзаност. За Западен Балкан, придобивките од ваквите системи се особено значајни бидејќи ја зајакнуваат регионалната интеграција, го поддржуваат процесот на усогласување со ЕУ и овозможуваат полесна и побрза прекугранична трговија“, нагласи Даути.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Шукова 7 години беше одговорна за животната средина и не направи ништо

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, повторно излегува со празни ветувања.
„СДС, Заев и Шукова уште пред 7 години ветуваа здрава животна средина и чист воздух. Заев урлаше од Аеродром и ветуваше чист воздух, а имаа можност и не направија ништо“, велат од партијата.
Тие додаваат дека Шукова, како поранешна министерка и долгогодишен државен секретар во Министерството за животна средина, „20 години не направи ништо за Вардариште и сега повторно го користи како тема во кампањата“.
„Шукова да не ја потценува интелигенцијата на народот. Граѓаните знаат дека резултатите се нула, а токму во време на СДС беа тргнати чуварските служби од Вардариште и Дрисла, со што дополнително се влоши ситуацијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата порачаа дека граѓаните на Скопје заслужуваат проекти и резултати, а не празни зборови и популизам. „ВМРО-ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски нудат вистински решенија, проекти и посветеност за поздрава животна средина“, додаваат од таму.