Македонија
ДЗС алармира од зголемена опасност од пожари, се бара помош за нивно гаснење

Дирекцијата за заштита и спасување алармира за зголемената опасност од пожари на отворен простор. Поради зголемените температури и настапувањето на сушниот период е зголемена опасноста од појава на пожари на отворен простор и ваквата состојба наложува ИТНА мобилност на сите субјекти во заштитата од пожари – ЈП Македонски шуми, ЕЛС, ТППЕ, ЛС, УХМР. За таа цел ДЗС ги посочува следните предупредувања до сите субјекти да постапуваат согласно надлежностите од член 34 и 35 од Законот за заштита и спасување. Градоначалниците активно да се вклучат со персонална и материјална помош во гаснењето на шумските пожари по барање на ТППЕ и ЈП Македонски шуми, доколку со ангажираните персонални и материјални ресурси нема можност да го локализират појавениот пожар.
Дирекцијата за заштита и спасување во континуитет е активна на терен со сите свои човечки и материјално – технички ресурси, вклучувајќи ги воздухоловите на Одделението за специјализирани услуги со воздухоплови, се наведува во соопштението.
Министерството за земјоделство и шумарство воведе забрана за движење во шуми и шумско земјиште, поради појавата на шумски пожари. Забраната започнува да важи, како што се наведува, од денеска и ќе трае сè до нејзино отповикување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Утре облачно време, од петок дожд и заладување

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Од петок до почетокот на следната седмица под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 l/m²).
Во петок ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура значително ќе опадне (од 10 до 13 степени) во однос на денешната.
Македонија
Утре авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека на 25.09.2025 година (четврток), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
(Видео) Велјановски: Секогаш кога ДУИ губи, прибегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи

Секогаш кога ДУИ губи, секогаш кога граѓаните ќе ги прочитаат нивните вистински коруптивни намери, тие прибегнуваат кон потпалување на меѓуетничките односи и загрозување на соживотот, кажа на прес-конференција Александар Велјановски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
ДУИ, вели тој, нема аргументи и политики, единствена политика им е деструктивноста и уништувањето на соживотот на граѓаните.
ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, најостро ја осудува срамната и опасна изјава на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, дадена при промоција на кандидатот на ДУИ за градоначалник на Тетово, Бајрам Реџепи.
„Бектеши, без трошка одговорност, велича оружје и отворено ја оправдува војната од 2001 година, претставувајќи ја како политички капитал. Тоа е скандал од невидени размери и директен удар врз меѓуетничките односи во државата.
Ова е класичен говор на омраза кој ја враќа Македонија во најтешките времиња. Наместо за иднината, граѓаните некој повторно сака да слушаат етнички провокации и поттикнување на поделби.
Македонците се столбот на Тетово. Со векови наназад тие се дел од неговата историја, култура и идентитет. Со својот труд и љубов кон овој град го изградиле и го зачувале. На овие избори како и многу пати претходно, токму Македонците со својот единствен сплотен глас и својата волја ќе одлучат кој ќе биде татко на Тетово и каква иднина ќе има овој град.
Ја повикуваме СДС јавно и веднаш да ја осуди оваа изјава и да се огради од својот коалициски партнер. Време е да се оттргнат од зависноста кон ДУИ и да покажат барем минимална одговорност. Секое молчење е соучесништво. Но, бидејќи СДС со години е навикнат да биде нем и покорен партнер на ДУИ, секој нивен денешен молк значи само едно, дека станале партнери и во омразата“.
Апелира до сите политички партии, организации и институции, да го осудат овој чин како отворен говор на омраза. Во Македонија, како што нагласи, нема место за политичари кои својата кампања ја градат на закани, омраза и величање оружје.
„Нашата обврска е да ја изградиме Македонија како силна, праведна и европска држава. Земја на мир и стабилност, а не на поделби и закани. Народот очекува јасна позиција, а ние ќе продолжиме да ја браниме Македонија од сите што сакаат да ја претворат во заложник на криминални и етнички поделби“.