Македонија
Опозицијата бара оставки поради пожарите
ВМРО-ДПМНЕ порача дека е време за оставки и разрешувања, поради пожарите кои со недели беснеат низ целата земја. Владимир Ѓорчев на прес-конференција оцени дека како никогаш досега, во март, има повеќе од петстотини пожари низ Македонија којшто никој не ги гаси и не се бркаат сторителите.
„Исчезнуваат шумите, горат овошни насади на луѓето, имаме евакуирање на цели села. Прашање на време е кога ќе дојдат жртви“, рече Ѓорчев и изрази сомневање дека големиот број на активни пожари значи оти постои целосна спрега на криминалот заедно со државните институции. Тој обвини дека во состојбата со пожарите вклучени се шумската мафија, институциите на полицијата, локалните власти и министерствата.
„Во време додека Зоран Заев оди и се поздравува и пие кафе низ чаршијата во Охрид гори струшко, гори Галичица, гори Преспа, гори трската. Никој ништо не превзема. Тоа е невидена негрижа. Господине Заев време е за оставки, време е за разрешување. Време е некој да поднесе одговорност за оваа невидена негрижа која доведе до тоа да имаме такво охрабрување, такво осоколување на криминалците кои што се заштитени од вашите институции, за да имаме ситуација којашто во месец март внимавајте имаме повеќе од 500 пожари“, рече Ѓорчев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: 1 милијарда евра ќе се слеат од централниот буџет во општинските буџети
1 милијарда евра ќе се слеат од централниот буџет во општинските буџети, ветува носителот на третата изборна единица на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
„Само за Кочани планираме да одвоиме 17 милиони евра во првиот четири годишен мандат. И тука предвидуваме продолжување на експресниот пат Кочани до Делчево, реконструкција на патот Кочани до Зрновци, секако целосна реконструкција на железничката линија Кочани до Велес и во градот Кочани предвидуваме изградба на катна гаража, изградба на старечки Дом и јужниот булевар. Така што ова е еден инвестициски бум кои што ги чека нашите општини после промената на власта. Ги повикувам сите граѓани на 8мај да ни се приклучат, за проекти, реформи и да си ја вратиме Македонија повторно горда и твоја“, изјави Ковачки.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС коваат две сценарија – 1. Бојкот на избори, 2. Влада со ДУИ, и Али да одлучува кој кое министерство ќе го има
СДС знаат дека ќе изгубат катастрофално во вториот изборен круг, и наместо чесно да го прифатат поразот, тие мислат ќе го изманипулираат народот. СДС деновиве коваат две сценарија кои во суштина се завера против Македонија, велат во утринското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„Првото е сценарио на бојкот. Европјаните и демократите од СДС кои се утепаа од крадење, сакаат да бојкотираат зошто народот не ги сака и ќе доживеат тежок дебакл. Со ова сценарио сакаат свесно да предизвикаат уставна криза. Второто сценарио е пазарџиска делба со ДУИ на ресори и министерства, каде Ковачевски му оставил на Ахмети сам да одреди колку министерства ќе му даде на СДС и кои. Толку е голем очајот, што Ковачевски прифаќа се, па и сите министерства да ги води ДУИ, не сфаќајќи дека поразот е и поради тоа што партијата го изгуби идентитетот трчајќи по тоа да му се угоди на Ахмети“, велат од партијата.
„И двете сценарија кои се во план во СДС се губитнички за Македонија и удираат по нејзините темели. Решението е масовна излезност. Мобилизација и масовна излезност. Решението и за бојкотот и за пазарџиската поделба на ресори е масовно гласање на избори. Колку поголема излезност толку поголема ќе биде победата над СДС и ДУИ. И СДС и ДУИ мора да знаат две работи, првата е дека ДУИ заедно со СДС оди во опозиција. А втората е дека ќе одговораат за криминалот. Промените и победата е во рацете на народот. За да се запрат СДС и ДУИ и да нема уцени потребна е масовна излезност. За Македонија повторно да биде твоја“, се наведува во соопштението.
Македонија
Нови 27 случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје
Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 20, а пријавени се заболени и во Битола – три, Куманово – две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.
„Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст“, пишува во извештајот.
Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.
254 лица се од машки, а 262 од женски пол.
„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува“, се додава во извештајот на ИЈЗ.
Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.
Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.