Македонија
Пожари дивеат низ целата земја, најкритично на Јабланица и во Крушево
Тежок ден во Македонија кога се пожарите во прашање. И покрај секојдневните апели, предупредувања, забраната за движење на физички лица во шуми и шумски подрачја, пожарите и денес дивеат низ целава земја, соошти Дирекцијата за заштита и спасување.

Тие додаваат дека со воздухопловна поддршка имале целодневна акција во добар дел од Македонија. Со направени 12 летови и исфрлени 30 тони вода дејствувано е во местото Орашец во општина Чашка, местото Рамно кај Самоков општина Македонски Брод и во Ново Село, Струмица. Активни пожари во моментов има на територијата на Јабланица и Крушево.
Дирекцијата за заштита и спасување со целиот свој капацитет и материјално-технички и човечки ресурси, активно учествува во справување со огнената стихија во земјава.
Затоа, уште еднаш испраќа апел за активно вклучување на сите институции како на локално, така на централно ниво во заштита на шумите и природните ресурси на нашата земја, се вели во соопштението.
Центарот за управување со кризи објави дека со 19 часот има десетици активни пожари во земјава.
Скопски регион
Пожарот на м.в.Љуботенски Бачила, се уште е активен.
Кумановски регион
ШС – Куманово и ТППЕ Куманово интервенираат на активни жаришта на пожарот во атарот на с.Живиње (опш тина Куманово) – с.Сушица
Битолски регион
Во општина Прилеп, ТППЕ Прилеп интервенираат на три пожари и тоа: – кај с.Никодин каде има шумски пожар;
– во атарот на с.Полчиште, м.в.Торнева Нива каде гори борова шума.;
– во Могила, кај Салида Бензинска, каде гори сува трева;
Во општина Крушево, во атарот на с.Селце гори ниска дабова шума, а интервенираат ТППЕ Крушево и работници од ШС Крушево.
Струмички регион
Пожарот во атарите на селата Свидовица и Куклиш е изгаснат.
На местото на претходниот пожар помеѓу с.Бајково и Бадолен над с.Ново Коњарево има остатоци кои сеуште тлеат. ШС Беласица, ЕЛС Ново Село и Гранична полиција во утринските часови ќе излезат на терен за целосно ликвидирање на пожарот.
Охридски регион
Во општина Струга има активни 3 пожари и тоа:
– во атарот помеѓу селата Октиси и Горна Белица, каде гори мешана шума, а интервенираат ТППЕ Струга;
– во атарот на с.Радолишта каде гори мешана шума, а интервенираат ТППЕ Струга;
– во с.Мороишта, каде интервенираат ТППЕ Струга;
Во општина Македонски Брод сеуште е активен пожарот во атарот на с.Рамне каде интервенираат вработени од ШС Сандански – Македонски Брод.
Велешки регион
Пожарот кој се појави северозападно од с.Ореше е ставен под контрола, а на истиот се интервенираше и авионски. Зафатена е борова шума.
Активен пожар има на излезот од с.Богомила покрај железничката пруга на истиот интервенираат ТППЕ Велес.
Пожарот во атарот на с.Црешнево е делумно локализиран и пренасочен према реката Бабуна.
Пожарот во атарот на с.Мокрени е делумно локализиран.
Во општина Демир Капија има пожар во атарот на с.Бесвица каде гори нискостеблеста шума. Интервенираат пожарникари вработени во Шумско стопанство.
Штипски регион
Во општина Кочани, пожарот кај с.Пресека (близу манастирот) сеуште е активен и на истиот се интервенира од ШС Осогово – Кочани.
Во општина Берово, пожарот кај с.Владимирово полека се става под контрола и истиот околу 90% е локализиран. Има уште еден крак кој гори и се очекува до крајот на денот и тој дел да биде ставен под контрола. Во моментов на терен се наоѓаат вработени од ШС Малешево, месно население, како и од шумската полиција.
Тетовски регион
Во општина Гостивар, има пожар кај с.Вруток запалено е стрниште и постои опасност истиот да се прошири на блиската шума. Интервенираат од ШС Шар – Гостивар.
Пожар има и во с.Беловиште, известени се ТППЕ Гостивар и ШС Гостивар.
Пожар кај с.Падалиште, помеѓу пругата и селото. Интервенираат ТППЕ Гостивар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица: Ќе поднесеме предлог – закон за департизација и искоренување на непотизмот во јавното здравство
Пратеничката група на Левица до Собранието на Република Македонија ќе поднесе Предлог-закон за укинување на дискреционото право на директорите во јавното здравство при вработување, со кој се воведува обврска за избор на најдобро рангираните кандидати на транспарентни конкурси со јасни, мерливи и проверливи критериуми, соопштија од партијата.
Од таму појаснуваат дека со Предлог-законот се прави неопходен и одлучен чекор кон дефинитивно укинување на децениските практики на непотизам, партизација и клиентелизам, преку елиминирање на дискреционите овластувања и воведување задолжително почитување на ранг – листите и објективните критериуми при вработување.
„Јавното здравство со децении е оптоварено со системски непотизам, партизација и клиентелизам, каде што роднинските врски и партиската подобност се вреднуваат повеќе од стручноста, знаењето и професионалниот интегритет. Дискреционото право на директорите се претвори во институционализиран механизам за репродукција на привилегии, со што јавното здравство функционира како затворен систем на наследни и партиски вработувања. Како директна последица на ваквите политики, најквалитетните и највисоко рангираните здравствени работници се системски оттурнати од јавното здравство и принудени својата професионална кариера да ја продолжат во приватните здравствени установи во државата, каде што нивното знаење станува пазарна стока или во здравствените системи во странство, каде што државата практично го извезува сопствениот образуван кадар од државните универзитети“, велат од партијата.
Овој двоен одлив, кон приватниот сектор и кон странство, додаваат од Левица, претставува тежок удар врз јавното здравство.
Според Левица, државата инвестира во образование и обука на здравствени работници, а придобивките од таа инвестиција ги собираат приватните профитни структури, други држави или промена на професијата. Истовремено, велат од Левица, Фондот за здравствено осигурување сноси дополнителни трошоци за лекување во приватни установи и во странство, додека пациентите продаваат дел од својот имот да се лекуваат во приватни клиники или други држави.
„Јавното здравство мора да биде систем на знаење, одговорност и еднакви шанси, а не поле за семејни и партиски привилегии. Левица ги повикува сите пратеници во Собранието да го поддржат овој Предлог-закон и да застанат на страната на јавниот интерес, здравствените работници и пациентите. Поддршката на овој закон е јасен показател дали се брани јавното здравство или се продолжува со заштита на непотизмот и клиентелизмот“, велат од Левица.
Македонија
Продлабочување на стратешкото партнерство со САД во фокусот на средбите на Гаши во Вашингтон
За време на работната посета на Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Даниел Џ. Лотон, заменик-помошник секретар во Бирото за европски и евроазиски прашања на Стејт департментот на САД.
„На оваа средба беше потврдено непоколебливото партнерство меѓу двете земји, изградено врз заеднички демократски вредности, посветеноста на владеењето на правото, борбата против корупцијата и посветеноста на меѓународниот мир и стабилност. Соговорниците разменија мислења за актуелните геополитички настани, безбедносните предизвици и конструктивната улога на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во Западен Балкан“, соопштија од Собранието.
Гаши информирал за континуираните напори за полноправна интеграција во Европската унија и изразил благодарност за континуираната поддршка на САД во процесот на реформите.

Гаши на средбата беше придружуван од потпретседателите на Собранието, Антонијо Милошоски и Јован Митрески, како и од владината делегација, составена од министерот Стефан Андоновски, Златко Пирински и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
По средбите во Вашингтон, Гаши се сретна и со Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Република Северна Македонија и докажан пријател на земјата, со кого разговарале за неодамнешните политички настани и продлабочувањето на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави.
На средбите биле потврдени одличните билатерални односи и заедничката посветеност за продлабочување на трансатлантската соработка.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.

