Регион
Јеремиќ: Вучиќ брзо ја губи поддршката на народот
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/04/jEREMIC.jpg)
Претседателoт на Народната партија, Вук Јеремиќ, изјави денеска во Врбас на протестот „Еден од пет милиони” дека „се изброени деновите“ на режимот на Александар Вучиќ и ги повика сите граѓани на Србија на 13 април да дојдат на голем митинг во Белград.
„Иво Андриќ еднаш рече дека ‘доаѓа така понекогаш време кога паметните молчат, будалите зборуваат, а фукарата се збогатува’. Во Белград на 13 април, паметните ќе прозборат,а будалите ќе замолчат и фукарите кои се збогатија ќе мора да го вратат ‘секој денар што го украле од народот”, рече Јеремиќ.
Јеремиќ рече дека Вучиќ забрзано ја губи поддршката од народот и дека има сè повеќе луѓе кои не се плашат да кажат дека копнеат за слобода и демократија.
„Со Вучиќ на крај ќе останат само неговиот брат, Тони Блер и Герхард Шредер, Вулин и Јутка. И Жељко Митровиќ ќе остане со него, а на наша страна ќе бидат слободни луѓе од Србија и сите градови во кои граѓаните протестираат. Дојдете и уверете се на 13 април”, рече Јеремиќ.
Јеремиќ истакна дека Војводина е „најплодното парче земја“, на потегот од Северното Море до Медитеранот, и има капацитет да нахрани половина Европа.
Јеремиќ рече дека Вучиќ не смее да дозволи во име на државата и на нацијата трајно да се откаже од Косово и Метохија, бидејќи тука нема да биде крајот.
„Потоа, за да ја спаси главата, ќе му бараат уште. Прво да ги пушти мигрантите, па да се откаже од Република Српска па да влезе во НАТО. Барањата нема да завршат, и тој ќе ги исполни во борбата за гол опстанок. Мораме да му застанеме на патот додека не биде предоцна”, рече Јеремиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Регион
Топлотен бран на Балканот, во Албанија и Србија температурата надминува 40 степени
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/toplo-vreme.jpg)
Нов топлотен бран го зафати Балканот во понеделникот, три недели откако претходниот бран предизвика прекин на електричната мрежа во неколку земји во регионот.
Во Албанија, каде што температурите надминуваат 40 Целзиусови степени, владата утринава предупреди дека „намерно или случајно предизвикување пожар“ се казнува со 15 години затвор.
Во Србија хидрометеоролошкиот институт РХМЗ денеска предупреди на силен топлотен бран прогнозирајќи дека ќе трае цела недела со температури до 40 степени и тропски ноќи во градските средини. Институтот прогласи портокалова тревога за добар дел од земјата.
Во Косово горештините се придружени со ветер и песок, а на граѓаните им се препорачува да не излегуваат на сонце.
„УВ-индексот ќе биде многу висок“, предупредија властите апелирајќи до возачите да бидат внимателни.
За време на претходниот топлотен бран, на 21 јуни, електричната мрежа се расипа во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Албанија.
Регион
Хрватска повлекува морска сол од пазарот поради присуството на пластика
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-08-130327.jpg)
Државниот инспекторат на Хрватска ја повлече од пазарот јодираната морска сол произведена од Котањ поради идентификувани пластични честички настанати при мелењето сол.
Како што е наведено на веб-страницата на Хрватската агенција за земјоделство и храна, производот не е во согласност со Регулативата 178/2002 за воспоставување на општите принципи и услови на законот за храна, формирање на Европската агенција за безбедност на храна и воспоставување процедури во областа на безбедноста на храната.
Станува збор за морска сол од 92 грама, со рок на употреба до 4 јуни 2026 година, 4 јули 2026 година, 9 септември 2026 година, 17 октомври 2026 година и 18 декември 2026 година, објавено е на веб-страницата „Котањи“, пренесува „Н1“.
Регион
Две тела пронајдени во запален стан во Нови Сад
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/fgdg.jpg)
Телата на двајца неидентификувани мажи се пронајдени во запален стан во Нови Сад, на улицата Лаза Телечко, потврди за „Танјуг“, Зоран Круљ, портпарол на новосадската итна помош.
Пожарникарите го примиле повикот во 9.10 часот и на терен излегле три возила, а пожарот набргу бил локализиран.
Сè уште не е познато дали мажите се задушиле од чадот или смртта настапила пред пожарот што избувнал на потпокривот на зградата, а неговата причина сè уште не е утврдена.