Македонија
Ципрас со честитки до Џафери за употребата на албанскиот јазик како официјален во Собранието
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, кој е прв премиер на соседната земја што претстојува во официјална посета на државава.
Како што информираат од неговиот кабинет, Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упатил честитки до Ципрас и Заев за храброста и за преземените чекори со кои, како што рекол, се надминал деценискиот спор меѓу двете држави.
Претседателот на Собранието укажал и дека по стапувањето во сила на договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи, што го вклучува и пратеното барање до грчка страна за формирање група за пријателство во грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.
Ципрас се заблагодарил за изречената поддршка и го информирал Џафери дека претседателот на грчкиот парламент, Николаос Вуцис, ја прифатил поканата за посета на земјава и изразил надеж дека таа набргу ќе биде реализирана. Воедно, грчкиот премиер изразил поддршка за формирањето група за пријателство во грчкиот парламент, која, како што рекол, ќе овозможи размена на идеи и искуства и зближување меѓу пратениците од двете држави, што ќе придонесе за зближување и на граѓаните од двете земји.
Ципрас упатил особени честитки до коалициската влада и особено до претседателот Џафери како претставник на албанскиот елемент во земјата за соодветното претставување на неговите интереси, како и во однос на можноста за користење на албанскиот јазик како официјален јазик во Собранието.
Тој го уверил Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на земјава.
Како што информираат од кабинетот на собранискиот претседател, на средбата присуствувале и Атанасија Анагностопулу, алтернативен министер за надворешни работи на Грција, и амбасадорот Димитрис Јанакакис, како и Ирена Стефоска, претседател на пратеничката група на Собранието за соработка со грчкиот парламент, и Андреј Жерновски, заменик-министер за надворешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

