Македонија
(Видео) Заев и Царовска заиграа одбојка и фудбал по повод Меѓународниот ден на спортот
Ги поддржуваме спортските активности за сите категории граѓани за јакнење на општествените вредности и универзалниот јазик на мир и пријателство. Ваков е заклучокот на премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кои денеска, заедно со млади, членови на неколку спортски клубови, здруженија и ученици од повеќе училишта, во Градскиот парк во Струмица го одбележаа 6-ти април, денот кој Обединетите нации го прогласија за Меѓународен ден на спортот за развој и мир.
Премиерот Заев, министерката Царовска и директорот Каевски во опуштена и пријателска атмосфера зазеле учество во повеќе слободни спортски игри и заедно со младите спортисти и ентузијасти кои го сакаат спортот се вклучиле во играњето ракомет, одбојка, фудбал и други интерактивни игри, соопшти Владата.
Заев во изјавата за медиумите ја истакна исклучителната важност на спортот и физичките активности за секое општество.
,,Затоа, ги промовираме и поддржуваме политиките со кои ќе се зголеми бројот на граѓани, од сите возрасти, социјални групи и средини, кои секојдневно го применуваат спортот и спортско-рекреативните активности. Приоритет ставаме на создавањето квалитетен систем на спорт во училиштата. Нашата цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во спортот за сите“, рече премиерот Заев, додавајќи дека преку моделот на училиштен спорт, се планира зголемување на бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 во основното и во средното образование.
Премиерот истакна дека спортот е силна алатка и за јакнење на заедниците, го промовира „фер-плејот“ и еднаквоста и силно се бори против расизмот и омразата и ги повика младите, нивните родители и сите граѓани на нашата земја, да бидат активни учесници во спортот, да ги поттикнуваат децата да спортуваат, а со тоа да бидат и општествено одговорни, важни за креирањето на развојот и мирот.
„Ги поддржавме сите активности на лицата со попречености, сé со цел нивна дополнителна интеграција во спортот и секојдневието”, нагласи премиерот Заев, додавајќи дека бројните успеси и медали освоени на специјалните олимписки игри и на другите меѓународни натпревари за лица со посебни потреби покажуваат дека сето тоа носи резултати.
За значењето, посветеноста на Владата на спортот и физичката активност и нивното влијание врз психофизичкиот развој, говореше и министерката Царовска.
,,Навистина е важно кога зборуваме за инклузивно општество да зборуваме дека таа инклузија на лицата со попреченост треба да се случи на сите нивоа од секојдневното живеење. Спортот е еден дел од нашето живеење, токму затоа овој ден е многу важно што го поздравуваме со директно вклучување во сите спортски екипи, кои што денеска се претставија тука, имаа во себе содржано и лица со попреченост“, истакна министерката Царовска.
Каевски по повод Денот на спортот за развој и мир, кој со пригодни спортски, културни и уметнички манифестации се одбележува насекаде во светот, истакна дека ваквите активности реално ја отсликуваат стратегијата на Агенцијата и Владата како конкретно да создава услови за омасовување на спортот особено кај младите и најмладите категории.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој подвлече дека градот има традиција на поддржување на спортот и од него имаат излезено многу познати спортски имиња порачувајќи дека спортот ги спојува луѓето и затоа треба да се негува.
Сите учесници, во текот на манифестацијата се фотографираа со цел да испратат силна порака за мир, меѓусебна толеранција и разбирање на сите граѓани низ целиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за почесен Конзул на Македонија?
„Пред околу еден месец, српското МНР соопшти дека му ја предале егзекватурата на почесниот конзул на Република Северна Македонија во Република Србија: Душан Адамовиќ. Седиштето на Конзулатот на Република Северна Македонија е во Панчево. Кој е Душан Адамовиќ и зошто токму тој е избран за почесен конзул?“, кажа денеска на прес-конференција, Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„На платформата X може да се најдат стари објави на Адамовиќ кој вели дека, цитирам „Српска Македонија“ била окупирана. Ова е скандал сам по себе, но одиме понатаму. Адамовиќ е висок функционер на СНС сестринската партија на ВМРО-ОКГ, и близок со Александар Вучиќ. Бил член на Извршниот одбор на СНС, кородинатор за Срем и координатор за Јужен Банат. Во медиумите во Србија има скандалозни информации за бројни афери кои се поврзуваат со него. Во 2019 години поранешниот министер за внатрешни работи на Србија, Зоран Живковиќ јавно ќе објави дека Душан Адамовиќ е дел од група која се занимавала со трговија со оружје. Вести.рс пренесува дека во 2008 г. на само 24 години бил застрелан во нога затоа што должел пари. Преживеал напад со бомба во 2006 година. Бил уапсен и за други кривични дела. Бројни афери со криминални позадини се поврзуваат. Сега прашањето е како покрај толку угледни бизнисмени, личност со вакво криминално минато, со која се поврзуваат бројни афери во Србија е избран за конзул? Го провериле ли македонските безбедносни служби или Мицкоски лично лобирал за него? Овој скандал отвора сериозен сомнеж. Го повикуваме премиерот Мицкоски да излезе и да одговори: Како од толку угледни бизнисмени во Србија владата го избрала Адамовиќ за почесен конзул на Македонија? Каква е врската на Адамовиќ со Мицкоски?“, истакна Кузеска.
ВМРО-ДПМНЕ испрати реакција на прес-конференцијата.
„Предлогот за конзул на Душан Адамовиќ доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Партијата на Башановиќ, СДС треба да разбере дека функцонира во Македонија и е опозиција во Македонија. Не сакаме да се вмрежуваме во дневно политичките настани во соседна Србија иако желбата на СДС е огромна за тоа. Споменатото лице ги исполнува сите критериуми потребни за негово поставување за конзул“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Заев и СДС беа главниот кадија во државата, тие судеа, тие пресудуваа, тие разрешуваа
„Во времето на Зоран Заев и СДС, Македонија беше држава на еден човек. Заев беше и обвинител и судија и главен кадија. Одлучуваше кој ќе биде гонет и кој ќе седи на судиската клупа“, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Судиите и обвинителите не се бираа по закон и интегритет, туку по послушност. Доколку ги следевте насоките на Зоран Заев, останувавте на функција. Доколку покажевте непослушност, веќе следниот ден бевте разрешени. Судските случаи се кроеја по политичка мерка. Наместо правда, имавме политички пресметки, а наместо владеење на право, имавме владеење на страв“, истакна тој.
Членови на ВМРО-ДПМНЕ, вели Манасиевски, беа предмет на политички прогон, а притисокот не застануваше само на нив, се одеше и кон нивните семејства.
„Тоа не беше борба за правда, туку демонстрација на сила. Случајот со Мерцедесот и Гордана Јанкуловска е само еден од симболите на тој систем. Поранешниот врховен судија Катевеновски јавно посочи дека таа немала никакво сторено кривично дело. Кога предметот стигнал до него, на рочиште зад затворени врати јасно кажал дека нема да даде позитивно мислење за притвор и дека одлуката ќе ја координира заедно со неговите колеги. Но, разговорот со колегите никогаш не се случил. Утредента, на седница на Судски совет, која била свикана по насока на тогашната власт, судијата Катевеновски бил разрешен. Разрешен бил поради тоа што не постапил по политичка директива. Тоа е вистинското лице на Зоран Заев и на СДС. Ветуваа вистина и правда, а испорачаа селективност, криминал и корупција. Оние кои зборуваа за независно судство, создадоа зависно правосудство“, рече тој.
Според Манасиевски, денес, клопчето се одмотува.
„Сведоштвата стануваат сè погласни. Индициите и сомнежите за директна поврзаност помеѓу СДС, Заев и одредени одлуки во правосудството не смеат да останат без одговор. ЈО има обврска да постапи. Затоа што вистината, колку и да се прикривала, секогаш излегува на површина“, заклучи Манасиевски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ наложувале, а Судски совет експресно, за само еден ден, разрешувале судии неподобни за тогашната власт, како Катевеновски од Врховен
„Власта на СДС целосно го зароби судството и го стави под своја контрола. Со притисоци и уцени се морало да биде по нејзин терк“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„По насока на СДС и Зоран Заев се бирале подобни и послушни судии и обвинители, и по нивна насока, експресно, за еден ден се реазрешувале непристрасни судии и професионалци кои не беа под нивна контрола.
Таков е и примерот на поранешниот судија во Врховниот суд, Ристо Катевеновски кој тоа отворено, пред целата македонска јавност, го кажува.
Во свое телевизиско гостување, Катевеновски тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашната власт и коалициски партнери СДС и ДУИ.
Станува збор за судско рочиште на кое поранешниот судија истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и дека за тоа ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие.
После само еден ден од оваа негова изјава Судски совет свикал итна седница на која експресно бил разрешен иако, како што вели Катевеновски, изјавата била дадена зад затворени врати.
Тој посочува дека неговото разрешување не било случајно, туку истото дошло од тогашните власти СДС и ДУИ, односно Зоран Заев и Али Ахмети.
Тоа што во изминатите години го зборуваме, дека СДС и ДУИ под своја целосна контрола го ставиле судството и обвинителството и дека судиите и обвинителите ги бирале во партиските седишта во Струмица и Зајас, веќе се потврдува со јавни сведоштва.
СДС и ДУИ, на чело со Заев и Ахмети одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одговорност од одреден случај.
Овој случај уште еднаш покажува дека СДС и ДУИ си ја партизираа државата и ги заробија институциите.
Тоа време веќе заврши и за тоа е потребна одговорност“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

