Македонија
Џафери на средби во Катар: Интензивно работиме на реформите, очекуваме во јуни датум за ЕУ
Во рамките на 140. Собрание на ИПУ што се одржува во Катар, претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари билатерални средби со Зигфрид Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија и Нурлан Нигмтатулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан.
На средбата со Браке, претседател на Претставничкиот дом на Федералниот парламент на Белгија, Џафери изрази задоволство од средбата и истакна дека односите помеѓу двете држави се одликуваат со пријателство, добри дипломатски односи и отворена соработка на сите полиња. Џафери информираше за активностите на Собранието и напредокот на нашата земја во евроатланскиот интеграциски процес, при што подвлече дека досега 11 земји членки го ратификувале Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО и изрази надеж дека до наредниот Самит на НАТО во Лондон, нашата земја ќе стане полноправна членка на алијансата. Исто така, претседателот Џафери извести дека се работи интензивно на исполнувањето на препораките за реформи, и се очекува во јуни оваа година нашата земја да добие датум за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.
Браке ги поздрави историските чекори на Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроатланска и европска интеграција и подвлече дека Кралството Белгија високо ги цени напорите кои ги правиме во реформскиот процес, особено во делот на владеењето на правото и почитувањето на човековите права. Тој истакна дека Кралството Белгија ја поддржува нашата земја во нејзините стратешки определби – членството во НАТО и ЕУ при што нагласи дека, по завршувањето на изборите, и Белгија ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.
Соговорниците исто така разговараа и за продлабочување на економската соработка, како еден од најзначајните сегменти, особенo имајќи го предвид големото присуство на белгиски инвестиции во Република Северна Македонија.
На средбата со Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот на Парламентот на Република Казахстан, претседателот Џафери истакна дека билатералните односи меѓу двете земји се на одлично ниво и постојат можности за соработка во сите области. Претседателот Џафери изрази задоволство што во двете земји постои интерес за зајакнување на економската соработка, зголемување на трговската размена и иницирањето на инвестициски активности. Исто така, тој подвлече дека заради гео – стратешката положба на Казахстан, постои долгорочен стратешки интерес за економско присуство на нашата земја, при што енергетскиот сектор би бил примарен за соработка и во оваа насока, Северна Македонија би можела да се позиционира како мост за економска соработка на Казахстан и регионот пошироко.
Нигматулин изрази задоволство од средбата и воедно во рамки на претседавањето на Состанокот на спикери на парламентите на Евроазија, упати покана до претседателот Џафери за официјална посета на Казахстан, истакнувајќи дека парламентарната дипломатија е значајна за унапредувањето на билатералните и мултилатералните односи и соработка меѓу двете земји. Тој се согласи дека економската соработка е многу значајна и дека постојат бројни можности за соработка, како во областа на енергетиката, така и во други области а во прилог на тоа се и постојаните взаемни посети на бизнисмени заинтересирани за инвестирање во повеќе сектори во Република Северна Македонија.
На крајот на средбата се стави акцент и на поддршката на Република Северна Македонија на иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, која е особено изразена во рамките на ОН и ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

