Македонија
Донација од речиси милион евра од Чешка за МВР
„Денешниот настан не е само важен во однос на натамошното унапредување на техничко-организациските капацитети на Министерството за внатрешни работи, туку уште повеќе тој е значаен како силен показател на едно веќе етаблирано, искрено и конкретно партнерство и поддршка што во годините претходно ја имаме од нашите колеги од чешкото Министерство за внатрешни работи и од владата на пријателска Република Чешка“, рече министерот Оливер Спасовски по потпишувањето на договорот за донација од Чешка за МВР од речиси еден милион евра.
„Преку договорот што пред малку го парафиравме со министерот за внатрешни работи на Република Чешка, Хамачек, за користење на финансиската донација од речиси еден милион евра, ние продолжуваме во насока на реализирање на заедничките цели, а тоа се високите и квалитетни безбедносни стандарди во интерес на граѓаните. Финансиските средства се наменети за активности поврзани со зајакнување на капацитетите на одделите за гранични работи и миграции за сузбивање организиран и сериозен криминал, како и за воздухопловните единици при МВР“, рече Спасовски.

Со оваа донација се проширува опсегот на меѓусебна соработка во повеќе безбедносни сегменти од заемен интерес за техничко осовременување и доопремување на неколку организациски единици при МВР со посебен акцент на миграциската проблематика.
„Колегите од чешката полиција во континуитет се присутни на нашата јужна граница од 2016 година до денес, каде што заедно со припадниците на нашето Министерство заеднички остваруваат задачи на обезбедување на граничниот појас. Сакам на крајот во оваа пригода во свое и во име на Министерството уште еднаш да им се заблагодарам на нашите пријатели за помошта и поддршката што ја добиваме убеден дека таа наша соработка не само што ќе продолжи во иднина туку и ќе биде значително интензивирана во интерес на националната, регионалната и глобалната безбедност“, рече Спасовски.

Министерот Хамачек потенцира дека Република Чешка и во иднина ќе продолжи да ѝ помага на земјава на патот кон евро-атлантските интеграции, а денешната посета е еден од конкретните примери за одличната соработка меѓу двете држави.
„Република Чешка е пријател на Република Северна Македонија, кој ќе ѝ помага на нејзиниот пат“, рече министерот Хамачек.
Покрај финансиската помош, веќе неколку години полициски службеници од Република Чешка ѝ помагаат на нашата полиција на јужната граница. Веднаш по завршувањето на денешната средба, министрите Спасовски и Хамачек ги посетија овие полициски службеници,изразувајќи им благодарност за нивниот придонес за гарантирање на безбедноста на јужната граница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанев се обрати пред Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ, Лукас Филип избран за нов претседател
По четири дена интензивни, продуктивни и содржајни дискусии за клучните прашања од меѓународната полициска соработка, денес во Маракеш, Мароко, заврши 93. сесија на Генералното собрание на ИНТЕРПОЛ. На овој највисок форум на Организацијата беа избрани нови членови на Извршниот комитет, меѓу кои и францускиот претставник Лукас Филип, кој ја презема функцијата претседател на ИНТЕРПОЛ, соопшти МВР.
„Директорот на БЈБ, Александар Јанев, се обрати пред Генералното собрание, со што уште еднаш се потврди силната позиција на македонската полиција во рамките на глобалната безбедносна соработка – како стабилен, доверлив и активен партнер на сите 196 земји членки во справувањето со транснационалниот криминал и современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.
Во рамки на сесијата беа усвоени повеќе значајни резолуции, меѓу кои и оние поврзани со промовирањето на ратификацијата на Конвенцијата на ООН за борба против сајбер-криминалот, зајакнувањето на регионалното присуство и оперативниот капацитет на ИНТЕРПОЛ, заедничкиот одговор за сузбивање на центрите за онлајн измами, финансискиот извештај за 2026 година, како и стратешката рамка и програмата за активности за периодот 2026–2030.
Македонија
(Фото) Свлечиште во Шипковица, во опасност четири куќи
Поради обилните врнежи на дожд кои го зафатија западниот регион, преку единствениот број за итни повици 112 е добиена пријава за настанато свлечиште во селото Шипковица.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека свлечиштето е во населено место кое претставува опасност за жителите, каде што директно се загрозени четири куќи.
Активиран е Кризниот штаб на Општина Тетово, а на терен се излезени лица од ЦУК, СВР Тетово и Градежен инспекторат од Општина Тетово.
„Во моментот се превземаат мерки и се дадени насоки на месното население да го напуштат живеалиштето поради опасност од појавување на нови свлечишта“, информира ЦУК.
Исто така, на територијата на Општина Штип евидентирани се одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања каде што екипи на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и нема застои во сообраќајот.
Одроните на патот кон с.Моштица во Општина Македонска Каменица, од страна на екипи на ЈП Камена река е извршено чистење на одронот и сообраќајот на тој патен правец се одвива редовно.
Македонија
Битиќи: На крај на годината во буџетската каса фалат една милијарда евра
На денешната седница за пратенички прашања, пратеникот од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Фатмир Битиќи, предупреди дека фискалните показатели објавени на 25 ноември откриваат сериозен јаз во приходната реализација на Буџетот.
Наместо планираната динамика, рече тој, државата досега наплатила близу 299 милијарди денари, што е само 82,32% од годишниот план, оставајќи дупка од над 64 милијарди денари или 1,04 милијарди евра, средства кои треба да се обезбедат до 31 декември годинава.
Во прашањето уaптено до заменик министерот за финансии, Николче Јанкуловски , пратеникот Битиќи праша по кои ставки, во кои износи и од кои извори ќе се обезбедат приближно 64,07 милијарди денари (околу 1,04 милијарди евра) за целосна приходна реализација до 31.12.2025 година, дали со дополнително задолжување и на кои финансиски пазари, дали со вонредни и еднократни приходи и дали може јавно да се гарантира дека заради „буџетско затворање“ на годината нема да се доцни со поврат на ДДВ, нема да се создаваат нови доспеани, а неплатени обврски кон фирмите и нема дополнително да се кратат капиталните расходи.
„Евидентно е дека приходната страна на Буџетот не ја следи сопствената проекција и од ден во ден, како се приближува крајот на годината, расте ризикот или потребата од ново задолжување, одложување на финансиски обврски кон стопанството и граѓаните, селективни доцнења на поврат на ДДВ. Заклучно со 31.10.2025 даночните приходи и придонесите се реализирани со 78,61% од планираното (од 250,922 милијарди денари), што значи дека во последните два месеци од годината треба да се „надомести“ повеќе од една петтина од целата годишна наплата, амбиција која историски ретко е остварлива без вонредни мерки. Подсекторскиот пресек е уште поалармантен. Оваа приходна конфигурација на Буџетот зборува за тоа дека е производ на преценета наплата, потценети ризици и затворен процес на планирање кој ја оддалечува фискалната политика од развојните цели“, образложи Битиќи.

