Економија
Аеродромите во Скопје и Охрид со речиси половина милион патници во првите три месеци од годината
Во првите три месеци од 2019 година вкупно 480.845 патници патувале преку двата аеродрома – „Меѓународен аеродром Скопје“ и аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид, што е пораст од 7 проценти во споредба со истиот период минатата година, соопшти „ТАВ Македонија“.
„Меѓународниот аеродром Скопје“ опслужил 454.448 патници во првиот квартал од 2019 година, со 5,6 проценти пораст на годишно ниво, а на аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид биле опслужени 26.397 патници, што е 63,9 отсто годишен пораст.
„Првиот квартал од 2019 година го завршивме со речиси половина милион патници на ‘Меѓународниот аеродром Скопје’ и аеродромот ‘Св. апостол Павле’ во Охрид. Скопскиот аеродром ја забележа очекуваната стапка на пораст од 5,6 отсто, што ќе биде и повисока во вториот и третиот квартал од годината поради отворањето на четирите нови дестинации, Баден-Баден и Бремен отворени во март оваа година, како и Ларнака и Турку, кои ќе бидат отворени во јули 2019 година. На охридскиот аеродром забележавме неверојатен пораст во бројот на патници од 64 проценти како резултат на трите нови авиолинии отворени во последните 6 месеци – Виена во ноември 2018 година, Малме и Милано во март 2019 година. Со дополнителните четири нови дестинации што ќе се отворат ова лето – Меминген, Дортмунд, Штутгарт и Диселдорф, очекуваме да ја одржиме високата стапка на пораст на бројот на патници на аеродромот во Охрид, притоа постигнувајќи нови рекорди. „ТАВ Македонија“, заедно со сите владини тела во областа на воздухопловството, ќе продолжи да работи на развој на мрежата на авиолинии на двата аеродрома. Во исто време задоволството на патниците ќе остане како еден од нашите врвни приоритети со фокус на подобрување и иновација на услугите за авиокомпаниите и патниците“, изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според статистичките податоци за патнички сообраќај на „ТАВ Македонија“, од јануари до март 2019 година најфреквентните дестинации од „Меѓународниот аеродром Скопје“ се: Истанбул со 10,9 проценти пазарен удел, Цирих – 7,5 отсто пазарен удел, Базел со 5,7 проценти пазарен удел, Малме – 4,9 отсто пазарен удел, Виена – 4,8 проценти пазарен удел и Меминген со 3,6 отсто пазарен удел.
Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај „Визер“ има превезено најголем број од патниците со 67,4 отсто пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлјанс“ со 8,4 отсто, „Германија флаг“ со 4,8 отсто, „Аустријан ерлајнс“ со 4,7 отсто, „Едејвајс“ – 2,6 отсто, „Пегасус ерлјанс“ со 2,5 отсто“.
„Меѓународниот аеродром Скопје“ ги поврзува патниците со вкупно 42 редовни дестинации, до кои сообраќаат 13 авиокомпании. На аеродромот „Св. апостол Павле“ во Охрид во моментот 11 авиокомпании опслужуваат 5 редовни и 8 сезонски дестинации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР