Македонија
Хелсиншки:ДИК итно да даде појаснувања и препораки за медиумското претставување на изборите
Хелсиншкиот Комитет за човекови права, во изминатиот период дојде до сознание дека неколку радиодифузери и медиуми поради несоодветна примена на одредби од Изборниот законик нема да бидат во можност да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите за претседател. Врз основа на приложените документи и одредбите од Изборниот законик, Комитетот подготви правно мислење за овој случај. Станува збор за одредбите со кои законот ги регулира правата и обврските на медиумите кои се заинтересирани да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите што учествуваат на избори и како соодветно да го спроведат медиумското претставување на балансиран и фер начин, соопшти Хелсиншкиот комитет.
Изборната кампања е во тек, а можноста на одредени радиодифузери, и покрај тоа што изразиле интерес да се вклучат во медиумското претставување на кандидатите за избор на претседател, им е ускратена поради несоодветно и нејасно постапување на Државната изборна комисија.
Поради тоа, Хелсиншкиот комитет апелира ДИК во најбрз можен рок на јасен, прецизен и недвосмислен начин да даде појаснувања и препораки за примената на одредбите повразни со медиумското претставување на кандидатите за време на кампања (од член 75 до член 76-д), да даде поконкретни упатства што значи обврската и рокот утврден со член 75-ѓ (ст. 3, 4 и 5), дали е тој рок преклузивен и кои се конкретните правни последици од пропуштање на тој рок.
,,Доколку ДИК даде мислење дека тој рок е преклузивен и пропуштањето на истиот ги ограничува радиодифузерите, кои го пропуштиле рокот да ги поднесат навреме ценовниците до надлежните институции, да учествуваат во медиумското претставување на кандидатите на овие претседателски избори, треба за тоа да донесе конкретен правен акт-одлука за секој радиодифузер, односно медиум поединечно, за тие да имаат можност да бараат соодветна правна, односно судска заштита.Во спротивно, ДИК би постапил арбитрарно, што е спротивно на позитивните правни прописи и Уставот.Нашата анализа на соодветните одредби од Изборниот Законик (од член 75 до член 76-д) го покажува следново:
•Со членот 75-ѓ се уредува, покрај времетраењето на емитување на платена политичка програма се уредува и должноста за утврдување на ценовници, нивно објавување и доставување до надлежните институции, забраната за менување на ценовниците за време на кампања, должноста на електронските медиуми (портали) да се регистрираат во соодветниот регистар, како и обврската на учесниците во изборната кампања како нарачатели на платено политичко рекламирање кај радиодифузерите, печатените и електронските медиуми да достават медиа план за платено политичко рекламирање.
•Членот 31 ст. 2 алинеа 43-а предвидува обврска на ДИК да ги објави ценовниците на радиодифузерите и печатените медиуми на својата интернет страница, но не е прецизирано дали тоа се однесува само на тие кои навремено доставиле ценовници или за сите медиуми кои доставиле ценовници,а го сториле тоа после рокот утврден во чл. 75-ѓ,
•Со членот 76-д пак се уредува дека за исполнување на законските обврски на радиодифузерите, печатените и електронските медиуми во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање, финансиските средства се обезбедени од буџетот на Република Северна Македонија, и дека ДИК од овие средства ги исплаќа трошоците за објавеното платено политичко рекламирање врз основа на доставена фактура со прилог медиа план и извештај за реализирани услуги,
•Со овој законик, пред се, не е прецизно и јасно утврдено дали финансирањето за медиумската изборна кампања може да биде исклучиво од Буџетот на РСМ и преку ДИК, или може независно од овој начин на финансирање на медиумското претставување, кандидатите кои учествуваат на избори директно да склучат договори за платено политичко рекламирање со радиодифузерите и медиумите,
•Исто така, се става обврска за радиодифузерите, печатените и електронските медиуми со рок од 5 дена за утврдување, објавување односно доставување на ценовници за политичко рекламирање како што е утврдено со член 75-ѓ ( ст. 3, 4, 5) но понатаму во ниедна одредба јасно не се уредува зошто е даден тој рок, што е последицата доколку истиот не се испочитува, дали непочитувањето на тој рок како последица значи само основ за прекршочно казнување согласно член 181-а или непочитувањето значи дека медиумот кој не постапил согласно таа одредба го губи правото воопшто да учествува во медиумското претставување на кандидатите кои учествуваат во изборната кампања. Доколку пропуштањето на овој рок доведува до било која од овие правни последици, тогаш надлежниот административен орган/институција мора да донесе соодветна управна одлука, која понатаму ќе му овозможи на незадоволниот радиодифузер/ медиум да бара остварување на своите права согласно важечките прописи за управна постапка и управен спор односно судска заштита,
•Изборниот Законик, како lex specialis, нејасно од кои причини, воопшто не ја уредува правната заштита во вакви случаи, поради што тоа значи дека во таков случај се применуваат одредбите на Законот за општа управна постапка и Законот за управни спорови како lex generalis,
•Во казнените и прекршочни одредби, од друга страна, во членот 181-а предвидена е прекршочна глоба доколку радиуодифузерите, печатени и електронски медиуми постапат спротивно на членот 75-ѓ од ИЗ. Со членот 182 пак повторно предвидува казна за прекршување на конкретни ставови од истиот тој член 75-ѓ, што доведува до правна несигурност при толкувањето и примената на овие членови.
•Со членот 76-в ст.3 се утврдува обврска на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која е должна во рок од 48 часа да покрене прекршочна постапка против радиодифузерот кој ги прекршил одредбите на овој законик, додека пак членот 31 ст. 4 ваква надлежност предвидува и за ДИК, без притоа ниедна од одредбите да прецизира точно во кои случаи може ДИК односно ААВМУ да поведат прекршочна постапка,
•И на крај, една од главните надлежности на ДИК согласно членот 31 ст. 2 алинеа 2 е да дава упатства, појаснувања и препораки за примената на одредбите на овој законик, а во конкретниот случај ДИК пропуштил да го стори тоа, иако станува збор за ново законско решение кое за првпат во пракса ќе се применува на овие избори”, се наведува во соопштението на Хелсиншкиот комитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тројца бугарски државјани осомничени за неовластена трговија со македонски народни носии
Основното јавно обвинителство Битола отвори против тројца бугарски државјани, жители на Пловдив, поради основано сомнение дека вршеле кривично дело неовластена трговија со добра под привремена заштита, културно наследство и природна реткост.
Осомничените, во текот на месецот, во околината на Демир Хисар, заедно договорени, во група, неовластено купувале предмети – делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство според член 2 од Законот за заштита на културното наследство и чиј промет е забранет или ограничен.
Имале цел таквите предмети да ги изнесат во странство, односно во Република Бугарија, но на 9 декември биле затекнати од полициски службеници како ги пренесуваат натоварените предмети во едно товарно возило и еден автомобил.
Од МВР соопштија дека предметите се прегледани од етнолог од „Музеј Битола“ и констатирано е дека се работи за делови од македонски народни носии, кои претставуваат културно наследство, и се со забрана за промет и за продажба без нивна дозвола.
Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
фото/депозитфотос
Македонија
Димитровски: Нашето брзо членство во ЕУ е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа
Замени-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, денеска учествуваше на состанокот на партнерската комисија на САД – Јадранската повелба (А5), што се одржа во Мостар, БиХ.
Министерскиот состанок, со кој се заокружи претседавањето на Босна и Херцеговина со САД – Јадранската повелба, собра претставници од земјите членки – Хрватска, Црна Гора, Албанија и САД, како и земјите набљудувачи од регионот – Србија, Косово и Словенија.
Состанокот беше искористен за размена на мислења во однос на актуелните безбедносни предизвици со кои се соочува регионот, како и за разгледување на можностите за понатамошно интензивирање на комуникацијата, координацијата и практичната соработка во справувањето со заедничките кризи и ризици. Посебен акцент беше ставен на досегашните постигнувања во рамките на А5 и перспективите на Јадранската повелба како значајна регионална платформа за градење стабилност, соработка и отпорност.
Дискусиите се фокусираа на современите хибридни закани, сајбер-ризиците, дезинформациските кампањи и последиците од природните непогоди. Учесниците ја нагласија потребата од координиран, конзистентен и засилен пристап, засилено партнерство, редовна размена на информации и развивање усогласени механизми за брза реакција.
Заменик-министерот Димитровски ја реафирмира силната посветеност на Република Северна Македонија кон зајакнување на улогата и релевантноста на САД – Јадранската повелба како уникатна регионална платформа, која придонесува за унапредување на стабилноста, безбедноста и евро-атлантската ориентација на земјите од Западен Балкан.
„Нашата силна посветеност кон САД – Јадранската повелба останува непроменета. Нашето брзо членство во Европската Унија, како и членството на сите земји од регионот, е нужност и јасен безбедносен и стратешки приоритет за цела Европа”, истакна Димитровски.
Во својата дискусија тој ја истакна и стратешката важност на унапредување на евро-атлантските процеси како алатка за зголемена отпорност и намалување на дестабилизирачките влијанија врз регионот.
Земјите членки на крајот од состанокот ја изразија поддршката за претстојното преземање на претседавањето во 2026 година од страна на Република Хрватска.
Македонија
Забрана за огномети во Скопје, бара „Зелен хуман град“
„Зелен хуман град“, денеска, преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на град Скопје.
Од таму појаснуваат дека со иницијативата се забранува употреба на експлозивни материи од физички и правни лица за прослави и забава – практика што со децении ја загрозува животната средина, како и здравјето и безбедноста и на луѓето и животните.
„Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови (CO, SO₂, NOx), како и тешки метали, како што се бариум, бакар, стронциум и олово, кои ги загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето.
Бучавата и интензивната светлина предизвикуваат тешки психолошки и сензорни реакции: анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со синдром на посттрауматски стрес, сензорен колапс кај лица со аутизам или сензорни нарушувања, како и ризик од епилептични напади кај лицата со фотосензитивна епилепсија. Овие последици се научно докажан сериозен ризик за здравјето“, велат од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.
Исто така, додаваат дека последиците врз животните се драматични. „Речиси 70 -75 % од домашните миленици доживуваат силен страв, тресење, паника, обиди за бегство и повреди, а кај дивите животни се документирани масовни пцовисувања, особено кај птиците. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт“, велат од таму.
Појаснуваат дека Законот за заштита од експлозивните материи во член 36 веќе предвидува забрана за употреба без дозвола и стручно лице, но овој закон речиси никогаш не се почитува.
„Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите“, велат од „Зелен хуман град“.

