Македонија
Милошевски: Приоритетен проект за Охрид ќе ми биде изградба на социјални станови
Охрид мора да биде град на еднакви можности и шанси за сите – град на нови дела за напредок и убаво место за живеење, рече кандидатот за градоначалник на градот, Митре Милошевски, на прес-конференција.
Тој како свој приоритетен проект за Охрид го посочи оној за изградба на социјални станови.
„Целта е станбено решавање на социјалните случаи, кои се најзагрозени. Изградба на станови што ќе може да ги користат семејствата со социјален ризик, огромна помош да добијат свој дом, но исто така и оние граѓани што поради временски непогоди или несреќен случај го изгубиле својот дом“, појасни кандидатот за градоначалник.
Исто така, тој најави дека лично ќе се заложи за проширување на меморандумот за соработка со Општата болница.
„Доделување еднократна парична помош за секое првородено дете – 6.000 денари, второродено – 9.000 денари, третородено – 12.000 денари, четврто – 15.000 денари“, појасни Милошевски.
Посочи дека заложба на неговата администрација ќе бидe намалување на зависноста на граѓаните од волјата на поединци во институциите.
„Мерките мора да функционираат за заштита или превенција од длабока сиромаштија и од наталожување социјални ризици кај граѓаните“, порача Милошевски и ги повика охриѓани да го заокружат бројот 5.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фокус на менталното здравје на децата и младите на „Денови на психологијата“
Комората на психолози на Република Македонија и годинава ја организира акцијата „Денови на психологијата“, соопштија од Комората. Целта е афирмација на професијата, промоција на дејноста и улогата на психологот во општеството, како и доближување на психолошката поддршка до пошироката јавност.
Под слоганот „Грижа за менталното здравје на децата и младите – градење на здрава иднина“, овогодишното издание го става фокусот на растечката потреба за рано препознавање, зајакнување и поддршка на менталното здравје на најмладите.
Комората упати јавен повик до сите психолози да се пријават за учество во реализацијата на психолошки активности што ќе се одржуваат од 1 до 10 декември 2025 година.
Агендата за „Денови на психологијата 2025“ ќе биде достапна на официјалните страници Instagram: denovinapsihologija и Facebook: Денови на психологија, каде ќе се објавуваат датумите, термините и локациите на настаните, информации за онлајн вебинарите и извештаи од реализираните активности.
Македонија
Економијата и инвестициите во фокусот – работни средби на Муцунски во Литванија
Во рамки на вториот ден од работната посета на Вилнус, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари одвоени средби со министерот за економија на Литванија, Едвинас Грикшас, и со претседателот на Конфедерацијата на индустријалци, Видмандас Јанулевичиус.
На средбите, Муцунски го претстави силниот ангажман на Владата за создавање поволна деловна клима преку атрактивни стимулации, современа регулатива и висококвалификувана работна сила. Тој истакна дека привлекувањето нови компании во клучни области како технологијата и иновациите, отворањето работни места и забрзувањето на економскиот раст и развој се врвен приоритет на економскиот ресор.
Разговорите беа насочени и кон можностите за интензивирање на економската соработка, како и кон конкретни иницијативи за унапредување на трговијата и инвестициите меѓу двете држави – на владинo и на компанискo ниво.
Македонија
Водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ е исправна и може непречено да се употребува, велат од „Водовод“ по труењето во училиштето
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје информираат дека по извршениот вонреден мониторинг, водата во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош е целосно безбедна за употреба.
„ЈП Водовод и канализација – Скопје на ден 26.11.2025 година изврши вонреден мониторинг врз основа на пријава од ООУ Димо Хаџи Димов, општина Карпош.
Секторот за санитарна контрола зема 4 примероци од две локации (училница и кујна) од кои две за физичко-хемиска анализа и две за микробиолошка анализа.
Од добиените резултати сите примероци физичко-хемиски и микробиолошки одговараат на Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење (Службен весник на РМ бр.183/18), при што констатираме дека водата во ООУ Димо Хаџи Димов во општина Карпош е санитарно исправна и истата може непречено да се употребува“.

