Македонија
Градоначалникот Шилегов назначен за претседател на НАЛАС
Градоначалникот Петре Шилегов денеска беше назначен за претседател на Мрежата на здруженија на локалните власти од Југоисточна Европа (НАЛАС) на генералното собрание на оваа значајна организација, што се одржа во Скопје. Четиринаесеттото генерално собрание на НАЛАС, што денеска се одржува во Скопје и Велес, обедини повеќе од 70 градоначалници, експерти од областа на локалната самоуправа и претставници од здруженијата на локалните власти од 12 земји, кои ќе дискутираат на повеќе теми од областа на локалната самоуправа со мото „Градовите како двигатели на економскиот раст – Визија 2030“.
„Во согласност со однапред утврдената методологија на ротирачко претседателство, ја имам честа како претседател на ЗЕЛС од денеска да го преземам претседателствувањето со НАЛАС. Во наредниот период очекувам дека голем број процеси што се важни за националните асоцијации, членки на НАЛАС, да ги придвижиме напред, особено процесите на децентрализација и фискална децентрализација. Очекувам дека ќе направиме обединување на асоцијациите на локалната самоуправа во Албанија и дека по мајските избори во Грција, ќе обезбедиме членство и на асоцијацијата на единици на локална самоуправа на Грција. Ни претстои динамичен период, работата во НАЛАС и во ЗЕЛС е за постигнување стандарди што ќе ја олеснат работата на градоначалниците“, рече Шилегов.
На генералното собрание присутните ќе ги разгледаат работата на НАЛАС во 2018 година и работниот план за 2019 година со акцент на напорите на мрежата за постигнување одржлив економски развој и справување со елементарни непогоди. Во текот на денот ќе се разгледува улогата на градовите и локалните власти во економскиот развој, како таа улога може да биде засилена за доброто на граѓаните од Југоисточна Европа и кои се најдобрите примери од кои градовите може да научат.
Настанот е организиран од НАЛАС и Светската банка – Програма за урбано партнерство на Австрија и претставува ретка можност избраните претставници да разговараат за децентрализацијата и да разменат позитивни искуства за да ги подобрат јавните услуги.
Средбата има цел да придонесе локалните власти да им се наметнат како партнери на Европската комисија и Советот за регионален развој во спроведување на регионалната агенда за економски развој, кој е резултат на Берлинскиот процес.
НАЛАС ја сочинуваат 14 здруженија, што претставуваат околу 9.000 локални самоуправи, директно избрани од над 80 милиони граѓани во Југоисточна Европа. Организацијата го промовира процесот на децентрализација, придонесува во процесот за помирување и стабилизација во регионот и во тој контекст придонесува за процесот за европска интеграција на целиот регион. НАЛАС има ротирачко претседателство. Градоначалникот Шилегов од денеска ќе претседава со оваа организација за регионална соработка во текот на наредната година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

