Македонија
„Прљаво казалиште“ и „Нокаут“ на роденденската забава во Аеродром
Општина Аеродром денеска слави 14 години од своето основање. По тој повод градоначалникот Златко Марин ја најави роденденската прослава што ќе се одржи в недела во паркот „Авион“, на која ќе настапат групите „Прљаво казалиште“ и „Нокаут“.
„Хепенингот ќе почне напладне со настап на нашите најмали жители, кои не само што растат во Аеродром туку се и нејзината иднина. Имено, децата од градинките и основните училишта ќе се забавуваат со ритмички точки, хип-хоп настапи и соло пеење. Ним ќе им се придружат децата од училиштето ‘Аква денс’ и хорот ‘Златно славејче’“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека забавата в недела претставува продолжение на традицијата почната минатата година да се одбележува роденденот на општината со забава на отворено во согласност со заложбата да се доближи општината до граѓаните за отвореност и достапност за сите.
Групата „Нокаут“ ќе настапи од 20 до 21.30 часот, а по нив до полноќ концерт ќе одржи позната група „Прљаво казалиште“.
Инаку, покрај забавен, прославата ќе има и хуманитарен карактер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гром го остави без струја дебарско-струшкиот регион
Дебарско-струшкиот регион синоќа три и пол часа остана без напојување со електрична енергија.
Причина е гром кој ја погодил главната трафостаница во Хидроелектраната “Шпиље” кај Дебар.
„Главната трафостаница во ХЕ “Шпиље” погодена беше од гром-електрично празнење, при силно невреме. Екипите веднаш излегоа на терен и со максимално залагање големиот дефект беше саниран. Дебарско-струшкиот регион остана без струја од 19:50 до 23:20 часот“, велат од ЦУК.
Во Дебарскиот регион без струја беа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.
Подрачјето кусо беше зафатено од невреме проследено со обилен дожд, електрични празнење и грмежи.
Македонија
Низ државава се вози по претежно влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Најдени се седумгодишното дете и трите лица кои се изгубија кај реката Пчиња
Четири лица, две жени, еден маж и едно дете кои се изгубија, а се на возраст од 29, 18, 35 и 7 години доцна синоќа биле заглавени на исклучително стрмен терен, пред манастирот Мала Богородица по клисурата на реката Пчиња под автопатот Скопје Велес. Спасители со чамец по Пчиња од Катланово стигнале до опасната локација каде што биле залутаните лица и безбедно ги извлекле од десниот на левиот брег, а потоа и до автопатот. Теренот таму е исклучително стрмен и опасен за движење, информираат утрово од Центарот за управување со кризи.