Македонија
Шилегов на средба со градоначалникот на Тирана

Во рамките на вториот ден од генералното собрание на Мрежата на здруженија на локалните власти од Југоисточна Европа (НАЛАС) што се одржа во Скопје, градоначалникот Петре Шилегов оствари билатерална средба со градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај.
Двајцата градоначалници разговараа на повеќе теми од областа на локалната самоуправа, со акцент на можностите за забрзан економски развој на Скопје и на Тирана и за концептот на паметни градови. Тие разменија позитивни искуства за одржливиот урбан транспорт, инфраструктурните решенија и подигнувањето на комуналната хигиена.
Шилегов и Велиај се осврнаа и на добрата соработка што ја негуваат двата града и нагласија дека во наредниот период ќе работат таа соработка да се продлабочи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Таравари за уапсениот директор на геријатрија кој е кадар на Алијансата: „Ова е недозволиво, секој кој се огрешил мора да одговара“

Алијансата на Албанците се огласи по апсењето на Мухсин Арифи, директорот на болницата за геријатрија, поради поткуп.
Од партијата на Таравари, чијшто кадар е Арифи, ги повикуваат надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан.
„Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна“, се вели во дописот до медиумите.
Се додава дека Алијансата останува силно посветена на борбата против корупцијата, а албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните.
„Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме“, децидна е партијата која уверува дека партиските органи ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Стоиме на располагање, велат од Министерството за здравство по информациите за апсењето на директорот на Геријатрија

Министерството за здравство соопшти дека се залага за што побрзо расчистување на случајот од страна на Јавното обвинителство во врска со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.
„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, велат од Министерството за здравство.
Во акција на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) приведени се две лица под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а според неофицијалните информации во јавноста, едниот од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.
Македонија
Во акција на МВР и Обвинителството приведени две лица за примање поткуп и награда за противзаконито влијание

Две лица се приведени под сомнение за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Акцијата е во координација на Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од Обвинителството засега не изнесуваат повеќе детали, а некои од медиумите неофицијално објавија дека еден од приведените е Мухсин Арифи, в.д. директорот на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.