Свет
(Видео) Најголемиот авион во светот успешно го реализира првиот лет

Авионот со најголем распон на крилата успешно го реализира првиот лет, објави американската авио-компанија „Stratolaunch“.
Авионот има два трупа и распон на крилата од 117 метри. Летал два ипол часа над пустината Мохаве во Калифорнија, на висина од пет километри и извел повеќе маневри.
„Каков прекрасен прв лет“, рекол извршниот директор на „Stratolaunch“, Џејн Флојд.
„Stratolaunch“ во 2011 година ја основа коосновачот на „Мајкрософт“, Пол Ален. Целта на компанијата е да овоможи лансирање на сателити во вселената од авион наместо од земјиното тло.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Германската разузнавачка служба ја класифицира АфД како екстремистичка партија што ѝ се заканува на демократијата

Германската разузнавачка служба денес ја класифицира партијата Алтернатива за Германија (АФД), која го освои второто место на последните парламентарни избори, како докажано екстремно десничарско движење, што треба да ѝ овозможи да биде ставена под строг надзор.
Идеологијата на АФД, која „ги девалвира цели групи од населението во Германија и го поткопува нивното човечко достоинство не е компатибилна со основниот демократски поредок“, се вели во соопштението на Канцеларијата за заштита на Уставот.
На парламентарните избори на 23 февруари партијата постигна историски пробив и го удвои претходниот резултат со повеќе од 20 проценти од гласовите.
Оттогаш оваа млада партија, основана во 2013 година, дури и ја престигна конзервативната партија Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Фридрих Мерц, кој треба да положи заклетва како нов канцелар во вторник, во некои анкети на јавното мислење.
Канцеларијата за заштита на Уставот сè уште не даде детали за конкретните последици од оваа класификација на АФД, која би можела да има големи последици врз политичкиот живот во Германија.
Оваа класификација им дава на властите значителни средства за следење и контрола на активностите, вклучително и приватните комуникации.
Дебатата за можната забрана на АФД, што некои политички лидери ја иницираа во последните месеци, би можела повторно да се разгори.
Германската разузнавачка служба веќе ги класифицира младинската организација на АфД и неколку нејзини регионални разграноци во поранешните источногермански покраини како екстремистички.
Во соопштението оваа служба ги споменува општиот непријателски став на партијата кон мигрантите и муслиманите и континуираните изјави затоа што поттикнуваат ширење и продлабочување на предрасудите, огорченоста и стравот.
Свет
Тинејџер од Полска убил и запалил жена, па отишол на екскурзија во Грција

Во грчкиот град Катерини малолетник од Полска е уапсен и обвинет за брутално убиство, кое наводно го извршил во својата земја.
Станува збор за 17-годишен тинејџер, кој дошол на организирана екскурзија во Грција неколку дена по злосторството. Уапсеното лице е обвинето за убиство на жена на 23 април во град во североисточна Полска.
Според кривичната пријава, седумнаесетгодишникот наводно ја влечел жената до работилница, каде што ја удрил неколкупати со секира или чекан. Тој е обвинет и дека ја запалил, така што истурил непозната хемиска супстанција врз неа, а потоа телото го фрлил во пластична канта за ѓубре, според медиумите во регионот.
Тинејџерот бил идентификуван од полските власти и по него била издадена потерница, која била извршена во Грција кога бил пронајден.
Се очекува обвинетиот да биде изведен пред Обвинителството на Апелациониот суд во Солун за да се почне постапката по барањето од Полска за екстрадиција, според написите.
Свет
Поставен најпознатиот оџак во светот: првиот знак дека сè е подготвено за историскиoт момент

Утрово, во Ватикан почна симболична и логистички значајна операција – пожарникарите почнаа да го инсталираат веројатно најпознатиот оџак во светот, оној на покривот на Сикстинската капела. Преку него, во наредните денови, ќе му се сигнализира на светот текот на конклавата – со црн чад ако папата не е избран или со бел чад кога ќе се избере 267. поглавар на Римокатоличката црква.
Се очекува првиот чад од оџакот да се појави в среда попладне откога кардиналите ќе почнат затворена изборна постапка, позната како конклава. Во овој изборен процес учествуваат 133 кардинали, а за еден од нив да биде избран за папа мора да добие двотретинско мнозинство гласови, пренесуваат светските медиуми.
На претходната конклава одржана во 2013 година, кога беше избран папата Франциско, на белиот чад му претходеа пет круга гласање, а изборот беше направен попладнето на вториот ден.
Ритуал и симболика во срцето на Ватикан
Едно гласање е закажано за првиот ден од конклавата, а четири ќе се одржат во следните денови – две наутро и две попладне. Доколку и по три дена не се избере ниеден кандидат, постапката привремено се прекинува, така што кардиналите ќе имаат ден за молитва, меѓусебни дискусии и духовна обнова. На тој ден духовната поука ја дава првиот кардинал од редот на ѓаконите.
Покрај традиционалниот сигнал преку чад, изборот на папата од понтификатот на Јован Павле II исто така се најавува со ѕвонењето на најголемото ѕвоно на базиликата „Свети Петар“.
Потоа кардиналот се појавува на балконот на базиликата со зборовите познати на целиот свет: „Ви најавувам голема радост! Имаме папа!“
Додека очите на светот се насочени кон Ватикан, минута по минута се следат сите детали што го најавуваат големиот настан. Поставувањето на оџакот на покривот на Сикстинската капела, извршено од пожарникари под будното око на црковните и техничките екипи, е првиот знак дека сè е подготвено за уште еден историски момент во животот на Римокатоличката црква, според написите.