Свет
(Видео) Детонација на бомба од Втората светска војна во Франкфурт исфрли млаз вода висок 30 метри

Детонацијата на бомба од Втората светска војна во Фрнакфурт во неделата наутро резултираше со млаз вода висок 30 метри во реката Мајна, пренесува „Локал“.
Околу 600 лица беа евакуирани од делови од градот во близина на местото каде што беше пронајдена бомбата пред да пристигнат експертите за деминирање околу 8 часот изутрината. По експлозијата биле испратени нуркачи за да проверат дали уредот е безбеден.
„Беше потврдено дека бомбата веќе не претставува опасност”, изјави портпаролот на полицијата во неделата.
Според ДПА, бомбата од американско производстви тешка 250 килограми била откриена минатиот вторник за време обука на нуркачите од градската служба за спасување и пожари.
Во текот на детонацијата бил прекинат сообраќајот на улиците и во реката, црковните служби во близина на местото исто така биле откажани, а некои музеи останале затворени. За да се подготват за експлозијата, била побарана помош од специјална група нуркачи од деминерската служба за отстранување бомби во Рајнската област-Пфалц.
Пред да експлодира бомбата, нуркачите го преместиле уредот подлабоко во Мајна, до длабочина од околу 6 метри. Серија помали експлозивни направи биле активирани пред бомбата за да се избркаат рибите и други речни животни. Некои набљудувачи ја следеле експлозијата од соседните мостови во Франкфурт.
Низ цела Германија често се наоѓаат бомби од Втората светска војна, што резултира со евакуации во градовите за време на нивната детонација. На крајот на март 10.000 луѓе беа евакуирани во Росток по откривањето бомба од Втората светска војна.
Во февруари, повеќе од 4.000 жители во Есен биле евакуирани кога била пронајдена американска бомба за време на градежните работи. Само неколку недели подоцна, 250 кг тешка бомба била пронајдена во центарот на Нирнберг за време на градежните работи, што доведе до евакуација на 8.000 жители.
Најголемата повоена евакуација се случи во септември 2017 година по откривањето бомба со тежина од неколку тони во близина на универзитетскиот кампус во Франкфурт. Повеќе од 60.000 луѓе беа евакуирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп му кажа на Стармер дека треба да ја користи војската за контрола на британските граници

Американскиот претседател Доналд Трамп му кажа на британскиот премиер Кир Стармер дека би можел да ја употреби војската за да ја запре нелегалната имиграција.
Трамп ги даде овие забелешки на прес-конференција на крајот од неговата втора државна посета на Велика Британија. Тој рече дека разговарал за миграцијата со Стармер во Чекерс, селската резиденција на премиерот.
„Му кажав на премиерот дека јас би ја сопрел и дека не е важно дали ќе ја повикате војската или какви било методи што ќе ги користите“, рече Трамп, според Би-би-си.
Трамп зборуваше за своите политики за зајакнување на американската граница и тврдеше дека Велика Британија има сличен проблем со мигрантите што го преминуваат Ламанш во мали чамци. Во интервју за Фокс њуз по состанокот, тој му порача на Стармер да заземе „цврст став“ против нелегалната имиграција бидејќи таа „е многу штетна“.
На заедничката прес-конференција, Трамп рече дека нелегалната имиграција „ги уништува земјите одвнатре“ и дека САД брзо ги депортираат луѓето што влегле нелегално. Откако се врати во Белата куќа во јануари, Трамп ги зголеми депортациите и дополнително ги зајакна контролите на јужната граница.
Стармер застана зад Трамп и рече дека неговата влада ја сфаќа нелегалната имиграција „исклучително сериозно“. Тој ги истакна договорите за враќање на мигрантите што Велика Британија ги потпиша со други земји, вклучително и Франција. Тој, исто така, потсети на првото враќање на мигрантите во Франција според новото правило „еден за еден“.
„Тоа е важен чекор напред“, рече Стармер. „Но, тука нема магично решение.“ Повеќе од 30.000 луѓе веќе го преминале Ламанш во мали чамци оваа година – најрано во годината откако почнаа да се евидентираат бројките (од 2018 година).
фото: принтскрин
Европа
Путин го разреши заменик-шефот на неговата администрација

Рускиот претседател Владимир Путин го разреши Дмитриј Козак од функцијата заменик-шеф на руската претседателска администрација со декрет. Декретот од една реченица не наведува причина за потегот или што Козак имал намера да направи.
Во претходното соопштение на Кремљ се вели дека Козак, долгогодишен функционер во администрацијата на Путин, поднел оставка. РБЦ објави дека Козак поднел оставка и разгледува различни опции за влез во деловниот свет.
Запрашан за оставката, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече: „Можам да потврдам дека Дмитриј Николаевич Козак поднел оставка. На негово барање.“
Козак работи заедно со Путин од 1990-тите, кога беа заедно во администрацијата на Санкт Петербург, вториот по големина град во Русија. Тој одигра клучна улога во надгледувањето на организацијата на Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година.
фото: принтскрин
Свет
САД во ОН повторно ставија вето на нацртот за прекин на огнот во Газа

САД вчера ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации со која ќе се бараше итно, безусловно и трајно прекинување на огнот во Газа и укинување на сите израелски ограничувања за помош на палестинската енклава.
Текстот на резолуцијата, изготвен од 10 избрани членови на 15-члениот совет, исто така бара итно, достоинствено и безусловно ослободување на сите заложници што ги држат Хамас и други групи.
Текстот доби 14 гласа „за“, но тоа беше и шести пат САД да стават вето.
„Гладот во Газа е потврден – не проектиран, не деклариран, туку потврден“, изјави данската амбасадорка во ОН, Кристина Маркус Ласен, пред Советот пред гласањето.
„Во меѓувреме, Израел ја прошири својата воена операција во градот Газа, дополнително продлабочувајќи го страдањето на цивилите. Како резултат на тоа, токму оваа катастрофална ситуација, овој хуманитарен и човечки неуспех, нè принуди да дејствуваме денес.“
Соединетите Американски Држави традиционално го штитат својот сојузник од Блискиот Исток, Израел, во Обединетите нации.
фото: принтскрин