Економија
Заев и Анѓушев на средба со германски стопанственици: Во Македонија има 200 компании со германски капитал
Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска одржа средба со делегација на германското стопанство, како и со претставници на германски компании коишто работат во земјава. На средбата присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, како и директорите на Агенцијата за катастар и недвижности и на Фондот за здравствено осигурување, Борис Тунџев и Ден Дончев.
Истакнувајќи дека СР Германија е стратешки економски партнер на земјава, на средбата премиерот Заев посочи дека во земјата успешно функционираат околу 200 компании со германски капитал, коишто вработуваат преку 20 илјади лица.

„Тука сме денеска за да ја почувствувате нашата свесност за вашиот придонес во македонската економија. Сметајте на нас, на мене лично и на Вицепремиерот Анѓушев. Секоја Ваша критика е аларм да ги отстраниме слабостите. Верувам дека во нашата држава се повеќе ќе ги вградуваме европските стандарди и механизми“, потенцираше Заев.
Премиерот подвлече дека извозот од Северна Македонија кон Германија бележи раст од 17% и е речиси тројно повисок од увозот и настојуваме уште повеќе да расте.
„Токму заради тоа напорно и посветено работиме да ја продлабочиме веќе воспоставената одлична соработка. И не само тоа – искрено сме насочени таа соработка уште повеќе квалитативно да ја подобриме. Потенцијалот за соработка е огромен. Ние сме отворени за влез на нови германски компании на македонскиот пазар“, заклучи Заев.
На денешниот состанок со делегација на германското стопанство и со претставници на германски компании коишто работат во земјава, којшто инаку беше четврт, редовен квартален состанок, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев посочи дека како и досега, и натаму Владата ќе биде респонсивна за барањата на компаниите.
„Тука сме за заедно да ги надминуваме предизвиците со коишто се соочувате и навистина правиме се што е во наша можност. Верувам дека преку честата комуникација со стопанството, која ја правиме, полесно и поефикасно ги надминуваме предизвиците со кои се соочуваат компаниите“, додаде вицепремиерот Анѓушев.
Претставниците на компаниите со германски капитал, од своја страна, ги посочија најкрупните предизвици со коишто се соочуваат при нивното работење. За дел од нив проблем е недостигот на квалификуван кадар во определени струки, за други заштитата на животната средина.
Претставниците на компаниите со германски капитал во земјава, како и претседателот на делегацијата на германското стопанство во земјава, Патрик Мертенс ја поздравија отвореноста на Владата за честите заеднички средби.
„Очекуваме државата да работи уште понапорно за да ги подобри условите и Северна Македонија да биде уште поатрактивна земја за инвестирање. Ние ги охрабруваме и другите компании да инвестираат тука, бидејќи сакаме и натаму да ја развиваме оваа земја“, заклучи претседателот на делегацијата на Германското стопанство во земјава, Патрик Мертенс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

