Свет
Венецуелскиот шеф на дипломатија тврди дека Вашингтон ја користи Колумбија за евтини претстави против Каракас

Министерот за надворешни работи на Венецуела, Хорхе Ареаца, го обвини американскиот државен секретар, Мајк Помпео, за користење на тензиите на границата со Колумбија за привлекување публицитет како дел од кампањата против Каракас, пренесува РТ.
„САД и Колумбија го претворија колумбискиот пограничен град Кукута во сцена за нивните најдекадентни и најевтини претстави“, објави Ареаца во неделата реагирајќи на посетата на Помпео во областа.
Претходно, мигрантите од Венецуела кои живеат во кампови на колумбиската страна на границата се побунија поради премалите количества храна и се судрија со локалната полиција. Градовите на страната на Венецуела, исто така, беа сцена за судири меѓу полицијата и демонстрантите.
Немирите беа влошени од обидите на опозицијата да донесе камиони со помош од САД во Венецуела. Властите одбија да ги пуштат, осудувајќи го овој потег како ПР-трик и изразувајќи сомневања дека Вашингтон може да ги искористи камионите за криумчарење оружје.
Со зголемувањето на тензиите, американските официјални претставници и дел од западните медиуми ја обвинија венецуелската влада за палење на еден од камионите за време на драматичната конфронтација на граничниот мост со Колумбија, но снимките од местото на настанот и дополнителното известување открија дека камионот е всушност запален од опозициските активисти.
Сепак, за време на својот престој во Кукута, Помпео се сретна со група мигранти од Венецуела и уште еднаш побара од Каракас да ја прифати хуманитарната помош испратена од САД.
Венецуела, од своја страна, изјави дека ќе ја прифати само помошта што ја спонзорираат ОН и глобалните хуманитарни организации како Црвениот крст, со кои венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, постигна договор со почетокот на неделава.
Во неделата, Помпео дополнително го критикуваше Мадуро од Колумбија, велејќи дека САД ќе продолжат да ги користат сите економски и политички средства што им се на располагање за да му помогнат на венецуелскиот народ. Тој ги спомна економските санкции и повлекувањето на визите за венецуеските претставници меѓу средствата за притисок врз владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз

„Никој не знае колку долго ќе трае војната. Но, не десет години. Украина нема да издржи… Русите нема да им веруваат на Украинците, а Украинците нема да им веруваат на Русите. Само надворешни посредници можат да гарантираат почитување на сите договори. Ако Путин не дојде во Турција, тоа ќе изгледа како негов целосен пораз“, рече украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека руската делегација ќе биде во Истанбул на 15 мај, додавајќи дека очекуваат и украинската страна да се појави на преговорите.
Европа
Шефовите на дипломатијата на членките на НАТО се состануваат во Турција: се бараат поголеми инвестиции во одбраната

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО денеска се среќаваат во Анталија, Турција, на последната рунда разговори на високо ниво пред самитот на западната воена алијанса во Холандија во јуни.
Домаќин на дводневниот состанок, на кој првенствено ќе се разговара за распределбата на средствата за одбрана и иднината на европската безбедност, е турскиот шеф на дипломатијата, Хакан Фидан.
На самитот на лидерите на НАТО во Хаг во јуни се очекува договор за нова цел за трошоците за одбрана, а агенцијата ДПА потсетува дека американскиот претседател Доналд Трамп постојано бара од сојузниците на НАТО драстично да ги зголемат воените трошоци.
Во моментов, членките на НАТО се подготвени да издвојат најмалку два проценти од БДП за одбрана, но некои сè уште издвојуваат помалку од тие два проценти. Европските членки на НАТО се соочуваат и со пресвртот на поддршката за Украина од страна на новата американска администрација и последиците од оваа политика за европската безбедносна архитектура.
Во Анталија ќе пристигне и американскиот државен секретар Марко Рубио. Се очекува министрите на НАТО да започнат консултации за време на вечерата и да продолжат со разговорите утре наутро.
Европа
Зеленски: Доаѓам во Турција, ќе се сретнам со Ердоган, Путине, те чекаме

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува евентуална директна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Истанбул да резултира со примирје. Зеленски рече дека ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара, но дека двајцата се подготвени веднаш да отпатуваат за Истанбул доколку Путин одлучи да се појави на разговорите.
„Ќе го чекаме Путин во Турција. За да не манипулира Русија со градовите и да тврди дека Путин не е подготвен да лета за Анкара, туку е во Истанбул“, им рече Зеленски на новинарите во Киев на прес-конференција. „Му испратив порака на претседателот Ердоган, а турската страна е подготвена.“
Разговорите би можеле да вклучуваат и размена на затвореници на принципот „сите за сите“, што би ѝ овозможило на Украина да излезе од преговорите со некаков вид „политичка победа“, рече Зеленски во интервју за францускиот весник „Либерасион“.
Доколку средбата се случи, тоа би била првата средба лице в лице меѓу двајцата лидери од 2019 година и би можела да означи пресвртница во застојот на дипломатските напори за ставање крај на големата инвазија на Русија. Кремљ сè уште не го потврди присуството на Путин, додека Киев продолжува да инсистира на безусловно примирје.
„Безусловно примирје, во овој момент и со оглед на сите денови и месеци досега, никој од руска страна не може да го гарантира освен Путин“, рече Зеленски.
Тој додаде дека на состанокот бил поканет и поранешниот американски претседател Доналд Трамп. „Доколку го потврди своето доаѓање, тоа би бил дополнителен поттик за Путин да дојде“, рече Зеленски.
Трамп, кој моментално е на четиридневна турнеја на Блискиот Исток, ја изрази својата поддршка за разговорите, нарекувајќи ги „многу важни“ и додавајќи дека „силно се залага“ за нивно одржување. „Мислам дека од тоа може да произлезе нешто добро“, рече Трамп на 12 мај.