Регион
Хрватска станува сè поскапа за летување: хамбургер од 22 евра, капучино 6 евра
Хрватска ја дели судбината со повеќето медитерански земји кои се борат со падот на побарувачката во однос на лани и поради тоа ги намалија цените, дури и до 20 отсто, па поскапувањето од 12,7 отсто во Задар и тоа како го привлече вниманието.
Седумдневен одмор во Задар е поскап отколку, на пример, во Пафос на Кипар, Мармарис во Турција, Мајорка и Коста дел Сол во Шпанија, како и во бугарското одморалиште Сани Бич, покажа истражување што го спроведе британскиот таблоид „Сан“.
Хрватскиот „Вечерњи лист“ наведува дека во Хрватска може да се летува за помалку од 3.500 евра, односно колку што „Сан“ процени дека ќе чини летување од 7 дена во Хрватска. Весникот наведува дека јадранските цени се посебна приказна и речиси да нема некој што летувал во Хрватска, а дома да не се вратил со чувството дека нешто некаде платил прескапо.
Капучино од 6 евра, килограм грозје 10 евра, хамбургер 22 евра, сендвич од 13,5 евра, се само некои од летните цени на Јадранот, пишува „Вечерњи лист“.
Напумпаните цени, оценува „Сан“, се дел од јадранскиот фолклор, но за директорот на Хрватската организација за туризам, Вељко Остоиќ, вистината за цените има повеќе лица.
„Секоја споредба со конкуренцијата е добра за да ни го покаже контекстот на пазарот на кој сите заедно работиме. Иако не би требало да се бориме со цените, туку со квалитетот, кој дозволува малку повисоки цени, не смееме да дозволиме перцепцијата за Хрватска да биде дека сме прескапи. Мора да бидеме свесни дека имаме највисок БДП на Медитеранот и дека во тие услови имаме многу ограничен маневарски простор кај одредувањето на цените“, рекол Остоиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Дачиќ на респиратор, состојбата е сè уште многу сериозна: „Прерано е за било какви прогнози“
Српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ беше хоспитализиран вчера поради пневмонија и неговата состојба е оценета како многу сериозна.
Дачиќ беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија и е на респиратор.
Заменик-директорот за пулмологија Спасоје Попевиќ денес изјави дека неговата здравствена состојба останува сериозна, но дека ситуацијата е постабилна отколку во среда навечер.
„Тој е сè уште во сериозна здравствена состојба. Борбата продолжува, тој е на механичка вентилација и во овој момент успеавме да ја стабилизираме неговата состојба“, рече Попевиќ.
Тој додаде дека е прерано да се даваат какви било прогнози.
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е нешто подобра. Вучиќ ја даде изјавата од авионот, пренесува РТС.
Регион
(Видео) Вучиќ утрово го посети Дачиќ: Неговата состојба е нешто подобра
Српскиот претседател Александар Вучиќ утрово, на пат кон Казахстан, објави дека го посетил министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и дека неговата здравствена состојба е малку подобра. Вучиќ го објави ова од авионот, пренесува РТС.
„Го посетив Ивица утрово. Лекарите велат дека неговата состојба е малку подобра. Верувам во него, а сега на пат кон Казахстан за одлични резултати за нашата Србија“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Тој додаде дека закрепнувањето на Дачиќ е во тек, но дека претпазливоста е сè уште неопходна.
„Секако, претпазливоста е сè уште неопходна и ништо не е сигурно, но е подобро, на радост на неговото семејство и на сите луѓе што го сакаат“, рече Вучиќ.
Регион
„Следните 72 часа се клучни“: Се огласи доктор од клиниката каде што се лекува Дачиќ
Српскиот вицепремиер и претседател на Социјалистичката партија на Србија, Ивица Дачиќ, вчера беше хоспитализиран на Клиниката за пулмологија на Клиничкиот центар на Србија поради тешка пневмонија.
Заменик-директорот за пулмологија, Спасоје Попевиќ, вчера вечер за Танјуг изјави дека ситуацијата е многу тешка и дека министерот Дачиќ има тешка пневмонија и дека следните 72 часа ќе бидат клучни.
– Тој моментално е на механичка вентилација – респиратор, прима сè што му е потребно, сите лекови, терапија, со тој респиратор, што е метод на лекување, купуваме време потребно тие лекови да дејствуваат и се бориме за неговиот живот. Тешка пневмонија и борба за неговиот живот – рече д-р Попевиќ.
Докторот прецизираше дека министерот Дачиќ е хоспитализиран во 16:30 часот на Клиниката за пулмологија.
Попевиќ додаде дека засега не може да даде никаква прогноза.
– Прерано е, но се обидуваме и мислам дека успеваме до одреден степен да ја стабилизираме неговата состојба. Следните неколку дена ќе ни дадат одговори како да продолжиме. Постојано сме околу него и тоа е сè што можам да кажам во овој момент – рече Попевиќ.
Дачиќ вчера беше посетен и од српскиот претседател Александар Вучиќ и членови на владата.

