Култура
Министерството за култура потпиша програма за културна соработка со црногорското министерство

Министерот за култура, Асаф Адеми, денеска оствари билателарна средба со министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ, на која беа потенцирани одличните релации во областа на културата меѓу двете земји, а беше изразена подготвеност да се интензивираат соработката и размената на проекти и уметници меѓу институциите.
На средбата двајцата министри за култура ја потпишаа и програмата за културна соработка меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура на Црна Гора за периодот 2019 – 2022 година, преку која се дефинираше правна рамка за реализација на културни содржини во периодот што следува.
Од министерството велат дека овој билатерален документ се надоврзува на веќе потпишаната и ратификувана спогодба меѓу двете Влади и првата програма за соработка во областа на културата, која беше со важност до 2019 година, и е одраз на силните заложби за негување и продлабочување на културните релации меѓу двете земји.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Црна Гора имаат одлична соработка на надворешно-политички план. Министрите за култура посочија дека интензитетот на реализираните билатерални посети на сите нивоа е еден од најдобрите показатели за квалитетот на заедничките односи кои и во иднина треба да се унапредуваат во сите општествени сфери, особено во културата, која е ефикасен медијатор во меѓусебната комуникација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Златниот објектив“ за 𝟤𝟢𝟤𝟧 година во рацете на доајенот Петар Богоевски: награда на Кинотека на Македонија

Крајот на април во Кинотеката секоја година е резервиран за доделувањето на „Златниот објектив“. Ова признание Кинотеката го доделува на филмски автори и културни работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
Со одлука на Управниот одбор на институцијата, годинешниот „Златен објектив“ ќе му биде доделен на Петар Богоевски, светло-мајстор, кој со својот децениски ангажман, работејќи со своите колеги директори на фотографија и камермани, придонел во визуелизацијата на режисерските замисли. Петар Богоевски (1952) професионално се посветил на филмот во 1970-тите години, најпрвин како светло-мајстор во Македонската телевизија, за веќе во 1976 година да се приклучи на екипата во „Вардар филм“ кадешто го минува сиот свој работен век, инволвиран во проекти од секакви филмски родови и жанрови.
Работел речиси на сите играни филмови снимени од 1980 до 2010, со Ценевски, Гапо, Столе Попов, Манчевски, Црвенковски, Османли, Митревски, Митриќески, Блажевски, Ристески и други (од „Оловната бригада“ и „Време, води“ (1980) до „Балканкан“ и „Илузија“ (2004), „Контакт“ (2005) и „Тајната книга“ (2006)), како и на голем број документарни и краткометражни играни филмови.
Досегашни добитници на ова признание беа режисерите Столе Попов, Бранко Гапо, Трајче Попов, Кирил Ценевски, Коле Ангеловки, Мето Петровски и Коле Манев, тонскиот снимател Глигор Паковски, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митревска, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, филмскиот работник Коста Крпач, продуцентот Панта Мижимаков, филмските критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куноски-Доре, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Лукова-Дончиќ и Спасе Тасески, костимографите Елена Дончева и Зорка Тодорова-Младеновиќ, како и композиторот Љупчо Константинов.
„Златниот објектив“ традиционално се доделува на 29-ти април, бидејќи на тој датум во 1974 година е објавен Законот за формирање на Кинотека во „Службен весник“, како институција од општ интерес за Републиката, со задача да прибира, обработува, чува, заштитува и презентира филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење.
Оттаму, свеченото доделување на „Златниот објектив“ на доајенот Петар Богоевски ќе се одржи во вторник, на 29 април, во 12.00 часот во киносалата на Кинотеката на РС Македонија.
Култура
Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на „Симпсонови“

Лик од Македонија ќе се појави во новата епизода на анимираната серија „Симпсонови“.
Креаторите на серијата одлучиле да внесат спортист кој доаѓа во Спрингфилд како голема сензација од Македонија.
Во епизодата е вклучен тим од земјата. Се работи за сестрите Невена и Калина Нешкоска и нивниот брат Наум, кои заедно го водат едукативниот канал, Дарко Биберко.
„Учествувавме во преводот, јас лично имав консултантска улога, а сите тројца испеавме песна што ја преведовме од англиски на македонски. Благодарност до композиторка Кара Талве, која ја овозможи оваа соработка“, напиша Невена Нешкоска на Фејсбук.
Епизодата премиерно ќе се емитува во САД во недела, на 27. април, во 20 часот (2:00 понеделник наутро по македонско време) на американската телевизија „Фокс“.
Книги
Промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори

На 29 април во 18 часот во Студентскиот културен центар ќе се одржи промоција на книгите „Историја на човештвото“ од Џани Родари и „Визуализација на современата македонска книжевност“ од група автори.
Двете изданија се резултат на соработката меѓу студентите и наставниот и соработничкиот кадар од Факултетот за ликовни уметности, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Издавањето на книгите е поддржано од Инситутот „Данте Алигиери“ во Скопје, Здружението Данте Алигиери во Рим и Министерството за култура и туризам.