Македонија
ЗНМ го осудува нападот врз екипата на „ТВ 21“
Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот врз новинарот и снимателот на „ТВ 21“ од страна на блиски роднини на градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими, од СДСМ.
„Вчера, кога екипата на ‘ТВ 21’ снимила прилог во врска со поплаките на жителите на оваа општина во врска со лошата инфраструктура, роднини на градоначалничката Халими упатиле вербални закани кон телевизиската екипа дека ќе им ја искршат камерата и барале снимките да бидат избришани. Кога новинарите одбиле да ги избришат снимките, тие биле принудени да влезат во општинската зграда на Арачиново и повторно им биле упатени исти закани. Тие и вторпат одбиле да ги избришат снимените материјали, па инцидентот продолжил во редакцијата на ‘ТВ 21’, каде што истите тие лица му се заканиле и на главниот и одговорен уредник дека не смее да објавува ништо од снименото. Истовремено, пристигнале и полициски службеници по што лицата што се заканувале ја напуштиле телевизијата, а новинарот и снимателот дале исказ во полициска станица“, се вели во соопштението.
Според ЗНМ, ваквото насилничко и примитивно однесување, особено од лица блиски до политички фигури, е неприфатливо и претставува напад врз слободата на информирање. „Тоа претставува класично попречување во вршењето на работата на новинарите. Ја повикуваме градоначалничката Миликије Халими веднаш да го осуди овој напад, а истовремено бараме итна и ефикасна истрага од страна на Министерството за внатрешни работи. Овој инцидент ќе биде пријавен и во Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите“, се додава во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

