Македонија
ССНМ остро го осудува нападот врз екипата на „ТВ 21“
Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници остро го осудува нападот врз екипата на „ТВ 21“, кој вчера се случил во селото Арачиново пред и во зградата на Општината.
Поради објавениот прилог на „ТВ 21“ за нападот, ТВ-екипата била нападната од четворица мажи кои барале да бидат избришани снимките од граѓаните кои се жалеле на лошата инфраструктура во селото. Потоа, насилниците дрско и безобразно продолжиле со вербалните закани, а потоа и со сила успеале да ги натераат новинарот и снимателот да влезат во темна просторија во Општината, каде што повторно им било барано да ги избришат снимките. Според „ТВ 21“, посочените лица се обидувале да им наредат и да ги научат како да известуваат и што смее, а што не смее да објавуваат. Инцидентот продолжил во просториите на „ТВ 21“, каде што повторно од уредникот било барано да не се објави никаков негативен материјал за општината и за градоначалничката Миликије Халими, која е од редовите на СДСМ, но сè завшило кога во телевизијата се појавиле полициски службеници, а насилниците си заминале. Нападнатите новинари дале исказ во полициска станица, но во денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи овој инцидент само штуро е споменат, без да се наведе дека била нападната телевизиска екипа.
ССНМ бара од Министерството за внатрешни работи детаљно да го истражи овој случај и да ги преземе сите неопходни мерки за да се казнат напаѓачите, но и обесхрабрат сите што во иднина ќе помислат да ги спречуваат новинарите во нивната работа, односно ќе ја загрозуваат слободата на изразување и известување, а во овој случај и слободата на движење.
Исто така, ССНМ бара од градоначалничката Халими да го осуди нападот врз новинарите и да се огради од насилниците. Синдикатот на новинарите и медиумските работници овој напад врз екипата на „ТВ 21“, кој е и напад врз слободата на известување и слободата на медиумите, го пријави до сите меѓународни организации што се занимаваат со одбрана на слободата на говор и изразување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.

